Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Спискови на лица за сторен вербален деликт

Спискови на лица за сторен вербален деликт

Вербалниот деликт, како престап, во поранешна СФРЈ беше уреден со закон, но денешна Србија- земја која барем формално претендира за влез во ЕУ и се декларира како демократска- овој остаток од времето на едноумието, останува целосно нејасен.

Прашањето на вербалниот деликт се отвори, откако стана јасно дека државата и нејзината тајна служба, имаат направено списоци на – неподобни лица- врз чија основа граничната  полиција (може, доколку сака) да запре и да приведе странски државјанин, а потоа и да му забрани влез на српска територија.

Листа на неподобните

Според белградскиот неделник „Радар“ ( поранешен НИН),  граѓаните не знаат ниту кој ги прави списковите на неподобните, ниту врз која основа тоа се прави, забележувајќи дека таа дилема сега се засили, откако на границата беше запрена, приведена и неколку часови  малтретирана, хрватска популарна пејачка.

Велат дека српскиот министер за внатрешни работи- нема намера да и објаснува на јавноста за инцидентот со  пејачката од соседна Хрватска.

Посебно не за тоа- како беше можно, без никакви проблеми,  во Србија да влезе убиецот на српски полицаец во Лозница, инаку бегалец од затвор во Косово, каде бил осуден за убиство, а една  пејачка да биде третирана како „закана за српската безбедност“.

Малтретирање на граница

Овој весник тврди дека таа е „виновна“ само затоа што му се има замерено на српскиот претседател, односно за нејзиното јавно признание дека таа не го почитува него, а ниту  сите луѓе на претседателот.

Сега се разбра дека таа „морало да настрада“ кога одбила да се појави во шоу-програмата на телевизијата Уна, инаку во сопственост на синот на Милорад Додик.

Но, посебно за изјавата дека – „нема да учествува во нешто кое има врска со лице кое грубо ги навредува жените“ и се фали дека „не го признава геноцидот во Сребреница“. За сето ова Северина Вучковиќ била третирана и над четири часови испрашувана како да е криминалец.

Белградскиот неделнк, констатира дека од  овој инцидент на граница, има и некаква полза. Тој и помогна на јавноста во Србија да разбере дека „режимот има направено спискови на неподобни луѓе“.

Улогата на „човекот на Путин“

Тоа,  според „Радар„ е алатка на  власта во градењето култ на личноста,  во земја која тврди дека сака во Европа и во членство на ЕУ.

А, конечно, се откри до крај  и улогата на актуелниот заменик премиер во српската влада (Александар Вулин)- екс министер за полиција, па за војска, а потоа и шеф на тајната служба,  познат во домашната јавност како најсилниот руски човек во Белград и своевиден „офицер за врска“ на Владимир Путин во српската власт.

За него  велат дека е  крајно лојален функционер, па дека  затоа не е  чудно што тој побрза да го спасува образот на претседателот на државата, уверувајќи ја јавноста дека само тој, самиот, почнал да прави спискови на неподобни, за сторен вербален деликт, кон Србија и кон српскиот народ.

Уверувајќи ја притоа јавноста дека со таа работа почнал додека бил министер на полицијата и продолжил како директор на српската тајна служба (БИА).

Незаконско  дејствување

Српски правни експерти, меѓутоа,  за весникот имаат речено дека признанието не го елиминира она што во случајот со границата, е крајно загрижувачко. Тоа е дека  сето ова за што (Вулин) зборува, како и инцидентот со пејачката- и сите такви инциденти- се незаконско дејствување и спротивно на демократијата.

Така, сепак, не мисли сегашниот потпретседател на владата, па тој се има пофалено дека како шеф на тајната служба наредил да се направи список и да се забрани влез на – „сите кои го газат достоинството на Србија и на српскиот народ“ !

На тој начин, како опасни за државата се третираат пејачи, актери, новинари и писатели, но и дипломатски службеник на Хрватска, црногорски функционер, како и поранешната министерка за европски прашања на Црна Гора.

Надвор од оваа група се  руските бегалци од војната и од режимот на Путин,  кои руската тајна служба, ги смета како опасни за Русија. Тие сега се прогласуваат за неподобни и за Србија, па се протеруваат, или не им се продолжува дозволата за престој.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе