Љубовџискиот скутер на Оланд- на аукција
Скутерот на поранешниот француски претседател Франсоа Оланд , со кој тајно одеше на љубoвни состаноци, искрадувајќи се од Елисејската палата и од претседателското обезбедување, е продаден на аукција- за 20.500 евра.
Купувачот е сопственик на приватен музеј на автомобили , чии сопственици биле „престижни луѓе“.
На медиумите им изјавил дека скутерот- „Веспа Пијаџо 125“ ќе го изложува – како што рекол- „ на љубопитни луѓе„.
„Дел од француската историја“
Според купувачот Дени Брера, скутерот е дел од француската историја, па затоа не треба да се сокрива од јавноста. Освен скутерот, тој поседува колекција од 120 возила- модели на автомобили од 1922 година, па се до денес.
Јавноста во Франција, разбра за тајните излегувања на претседателот, за да биде со својата љубовница- познатата актерка и режисер Жил Гије, откако француските весници објавија фотографии за тоа како шефот на државата – со кацига на главата и со темни очила- со скутерот оди кај актерката, сокривајќи ја врската и од својата тогашна партнерка.
Скандалот со претседателот-љубовџија целосно беше провален кога Оланд беше „уловен“ на својата „Веспа“ заедно со Гије.
Одмазда на партнерката
Во Франција, каде прељубата, па и на претседателот на државата, не се зема за преголемо зло, случајот на Оланд , сепак, предизвика шок во јавноста и гневна реакција на партнерката, која со него живееше во Елисејска палата. Откако таа од медиумите разбра дека нејззиниот невенчан сопруг и шеф на државата е во врска со друга жена.
Измамената Валери Тридверал, набргу по тоа, му се одмазди , објавувајќи книга за своите години со Оланд и за времето минато во претседателската палата, под симптоматичен наслов- „Благодарам за тој момент“ – за моментот кога разбрала за неговата прељуба.
Се смета дека целиот скандал, а посебно нејзината остро интонирана книга-сеќавања, имаат многу придонесено за уништувањето на неговата политичка кариера. Оланд беше претседател еден петгодишен мандат, од 2012 година. На изборите во 2017 година ( на кои победи Емануел Макрон) Оланд не се ниту кандидираше за втор мандат. Во тој момент , неговиот рејтинг изнесуваше само 4 отсто.
Случајот на Ширак
Франсоа Оланд, инаку, не е единствениот француски претседател кој бил неверен кон сопругата. Посебно се споменува случајот со Жак Ширак и неговата ( велат) долга тајна врска со некогаш познатата актерка Клаудија Кардинале.
На една меѓународна конференција во Тунис, таа дури беше приклучена кон службената француска делегација- за да биде блиску до Ширак. Во исто време кога со него беше и сопругата Бернадет.
Скутерот, пак, како старо возило, со поминати 34 илјади км. – само затоа што беше „сведок“ на една тајна врска – има достигнато пет пати повисока цена од онаа на пазарот на стари возила. Веспата на Оланд, нормално, би се продала за најмногу четири илјади евра.