Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Русија со двојно помал минималец од Македонија

Русија со двојно помал минималец од Македонија

Кремљ и Русија по подолго време, во домашната јавност,  се огласија со планови кои не се врзани- како обично-  за војни и за воени победи-туку за стандардот на луѓето и за потребата да се продолжи нивниот животен век.

И во обата случаи, станува збор за позиции за кои дури и руската  пропаганда признава дека  заостануваат зад  Европа и ЕУ, а посебно  зад високо развиениот Запад, иако и овој пат, тоа  не се изнесува на начин на кој се навикнати Европејците.

Указ за унапредување на стандардот

Сето тоа доаѓа во време веднаш по инаугурацијата на Владимир Путин, кој по пети пат- едно по друго- на  едни нефер и недемократски избори, стана претседател, откако со промена на Уставот си обезбеди простор за (практично) останување на власт до 2036 година. Под претпоставка овој 72 годишен поранешен разузнавач на КГБ, да остане витален за да води земја каква е Русија.

По повод инаугурацијата, Кремљ обелодени претседателски указ со кој се најавува  забрзан економски, технолошки, општестен, но како што се вели во соопштението за указот- и здравствен развој на земјата. Прво во  период од следните шест години- до 2030 година, но за некои сегменти и  во следните 12 годин. Односно, онолку години колку се очекува Путин да остане во Кремљ.

Во указот, посебно е ставен  акцент  и врз  унапредување  на стандардот на обичните Руси,  за што инаку, обично не се зборува . Така и се разбра дека државата со многу богати милијардери и моќни олигарси, како и со богати залихи од нафта и гас,  на руските граѓани кои живеат само од своите плати,   им обезбедува  крајно ниски лични примања, а тоа значи и низок стандард.

За шест години до 35 илјади рубли

Предвидено е во следните шест години минималната плата да достигне до 35 илјади рубли, или до околу 350 евра.

Таа и во 2030 година ќе биде исклучително мала, споредена со земјите на ЕУ. Словенија , на пример, сега има илјада евра, а Франција 1400, но во Москва се истаккнува дека минималецот во Русија , во 2030 година, треба да биде двојно поголем во споредба со сегашниот.

Тоа значи дека сегашната минимална плата во Северна Македонија – која изнесува нешто над 22 илади денари- во овој момент е двојно повисока од руската, која претворена во македонската валута изнесува – едвај 10.200 денари.

И Русите признаваат дека тоа е премалку за земја каква е Русија, каде се вели дека животот, во основа,  е скап, а оној во Москва и во Санкт Петербург, на пример, е скап дури и за високите западни стандарди.

Заостанување на рускиот стандард

Проценка во Москва е дека покренувањето на минималецот може да ги повлече нагоре и просечните плати кои , споредувани и со оние во Западен Балкан и со македонските,  исто така, ќе продолжат да  заостануваат. И зад Македонија која веќе сега има просечна плата од над 600 евра.

Таа е двојно зголемена  во споредба со 2017 година, но  сепак, останува  зад  платите во една Словенија или во  Хрватска, кога станува збор за земјите од екс СФРЈ , а  сите заедно,  заостануваат зад просекот на развиените во  ЕУ.

Гледано низ ваквите параметри на земји во транзиција или во фаза на посткомунизмот, Русија и со реализацијата на  путиновиот указ ќе продолжи да заостанува зад Европа/ЕУ.

Се верува дека тоа и го има покренато Кремљ да се занинава со унапредувањето на здравјето на луѓето и на целиот руски здравствен систем- за да се зголеми и да се продолжи сега помалиот ( во споредба со Европа) животен век на руските граѓани,

Зголемување на животниот век

Сега Русите просечно живеат 78 години, иако има руски сознанија дека тој е дури и понизок, посебно кај мажите.

Во следните 12 години- до 2036 година- Русите би требало просечно да живеат 81 година. За споредба, Европејците веќе сега имаат подолг животен век од оној што Русија го има планирано да го постигне за своите луѓе  после 12 години.

Според Евростат, на пример, во минататат 2023 година, во ЕУ најдолго се живее во Шпанија- 84 години. Веднаш до неа е Италија со 83,7 години, Дури и една Бугарија, која е на дното на европската листа, сега има подолг  животен век од оној што ги има  Русија- според нејзините официјални податоци.

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе