Милијардер ќе гради реплика на „Титаник“
Австралискиот милијардер Клајв Палмер објави дека планира да изгради реплика на познатиот прекуокеански брод „Титаник“ – најголем во своето време- кој потона во северниот Атлантик во текот на своето прво патување од Британија за Америка.
Ова не е прв пат Палмер да најавува дека ќе ја плати изградбата на брод-копија на „Титаник“. Прв пат во 2012 година, кога светот ја одбележуваше стогодишнината од оваа поморска катастрофа, а потоа и во 2018 година.
„Најпознато крстарење“
Но, според медиумите во Сиднеј, сега за прв пат го има промовирано целиот проект, најавувајќи дека бродот-реплика ќе тргне на своето пловење, по истата траса како и бродот што потона пред 112 години, нарекувајќи го тоа – повторување на најпознатото крстарење во историјата.
Според Палмер, низа непредвидени глобални случувања и разните блокади, предизвикани од низа влади во светот, предизвикаа криза во индустријата со крузерите. Тој, меѓутоа, најавува дека за „Титаник 2“ ќе бидат ангажирани најдобите светски бродоградители, инжинери и дизајнери кои треба да обезбедат дека репликата ќе биде наполно идентична на оригиналот, што не успеа да стигне до Њујорк.
Палмер најавува дека изградбата на бродот , што сега делува и изгледа мал, во споредба со новите, огромни крузери на кои се собираат и по пет илјади лица, ќе почне во следната година.
Копија верна на оригиналот
Богатството на Клајв Палмер се проценува на околу 4,5 милијарди долари.
„Многу е позабавно да изведете еден ваков проект и да пловите со еден нов „Титаник“, отколку да седите дома и да броите колку пари имате“- изјавил милијардерот.
На бродската копија ќе има- како и на оригиналот- 835 кабини и девет палуби, како и место за 2345 патници. Половината од кабините (овој пат) ќе бидат од прва класа. „Титаник 2“ ќе го има истиот ентериер и распоред на кабините, вклучувајќи и сала за танцување, базен и турски бањи , што ги немало во оригиналот.
Медиумите проценуваат дека изградбата на бродот-реплика ќе чини меѓу 500 милиони и една милијарда долари.