Шварценегер: „Кристална ноќ“ на Капитол Хил
Холивудската ѕвезда Арнолд Шварценегер, поранешен гувернер на Калифорнија во два мандати, остро го критикуваше претседателот на САД на заминување и го осуди насилничкиот напад врз американскиот Конгрес, што минатата среда го извршија приврзениците на Доналд Трамп.
Според Шварценегер, упадот во конгресната зграда и во салата каде заседаваа конгресмените и сенаторите, имал за цел да се запре процесот за потврдување на победата на Џо Бајден, за нов претседател, на претседателските избори од 3 ноември.
Актерот кој е роден и има израснато во Австрија, насилствата и настаните од Капитол Хил во Вашингтон ги спореди со по зло познатата „Кристална ноќ“ од 1938 година, од времето на нацистичка Германија и Адолф Хитлер, со која беше означен почетокот на погромот на Евреите.
„Подивената и разулавена толпа не ги кршеше само прозорците на Капитол. Тие ја испокршија и идејата која сите ја земавме – здраво за готово и ги погазија принципите врз кои е изградена нашата земја“
…порача во својата подолга и гневна видео порака, Шварценегер.
Тој го обвини Трамп дека бараше пуч, за да продолжи да ги обманува луѓето со своите лаги (околу изборните резултати и изборите).
„Доналд Трамп е пропаднат лидер. Ќе замине во историјата запаметен како најлошиот претседател на САД досега. Добрата работа е што тоа ќе се случи наскоро, а по тоа тој ќе остане само како еден неважен стар твит“
…вели актерот Арнолд Шварценегер.
Гувернер на Калифорнија беше како кандидат на републиканската партија на САД.