Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Тужба против Австрија од заразените туристи

anna zhak/BigStock.com

Тужба против Австрија од заразените туристи

Една австриска организација за заштита на потрошувачите (ВСВ), поднесе тужба против владата на Австрија, за негрижа и неодговорност кон гостите во скијачкиот центар Ишгл во Тирол, на почетокот од избувнувањето на епидемијата со коронавирусот.

Засега тужбата е поднесена во името на четворица од заразените туристи.

Но, организацијата најавува дека откако ќе види како ќе се завршат работите околу овие четири случаи, дека веќе на почетокот од идната година, ќе се поднесат нови тужби против австриската влада, од други домашни и странски туристи и гости кои по новогодишните празници, беа на зимување и скијање во овој зимски центар.

Станува збор за гости од 45 земји од Европа и Америка.

Шест илјади дополнителни тужби?

Сите сега тврдат дека во текот на зимувањето се заразиле во ова тиролско одморалиште, а потоа, враќајќи се во своите земји, ја рашириле заразата – прво во нивните семејства, а потоа и во местата каде постојано живеат.

Во првата реакција на властите во Австрија, тие се бранат дека во тоа време (пред прогласувањето на глобална пандемија) реагирале врз основа на сознанијата што тогаш ги имале. Тоа значи дека не реагирале како треба, или воопшто не реагирале, затоа што не знаеле за присуството на корона во реонот на Тирол и посебно во Ишгл.

Првиот случај на заразен од коронавирусот, во зимскиот центар бил регистриран на 7 март. Австриската агенција за јавно здравје, меѓутоа, проценува дека заразата, сепак, се појавила порано уште на почетокот од февруари.

Тоа е аргументот на организацијата за заштита на потрошувачите, преку својот адвокат, да побара од австриската влада отштета од по 100 илјади евра, за секој од четворицата гости кои се посочени во првите четири тужби.

Задоцнета реакција

Организацијата соопштува дека веќе има добиено уште шест илјади потпишани изјави од гости кои зимоска и на почетокот од март биле на одмор и скијање во Ишгл.

Тие изјавиле дека се подготвени да ја тужат австриската држава. Најмногу од нив се Германци и Австријци, но има многу и Британци и Американци, како и државјани на скандинавските земји, па дури и од Исланд.

Претставник на ВСВ и адвокати му сугерираат на австрискиот канцелар Себастијан Курц, да прифати спогодба со оштетените туристи, тврдејќи дека има основа за тужба. Тие имаат сознанија дека властите знаеле за избувнувањето на заразата уште во февруари.

На 25 февруари здравствените власти затвориле еден хотел во Инсбрук, кој е главен град на провинцијата Тирол, затоа што еден од вработените бил тестиран позитивен на вирусот. Според адвокатите, тоа покажува дека властите брзо реагирале кога бил откриен случај на заразеност со корона. Меѓутоа, не реагирале за подоцнежните случаи, иако знаеле (на почетокот од март) за Ишгл и за другите зимски центри во провинцијата.

Над 32 починати гости на Ишгл

Целата работа била откриена на 5 март, кога група туристи од Исланд биле тестирани позитивни, при нивното враќање дома, откако коронавирусот се појавил и во оваа далечна, североатланска островска земја.

Властите во Рејкјавик реагирале уште истиот ден, пријавувајќи го во Виена откритието дека сите кои биле на одмор во Ишгл – се вратиле заразени.

И покрај тоа сознание, властите во Австрија чекале се до 13 март, за да прогласат карантин во туристичкот центар и да почнат со евакуација на гостите.

Адвокатите на организацијата ВСВ обвинуваат дека таквото забавено реагирање, предизвикало осум денови вирусот слободно да се „движи“ низ Ишгл и низ другите зимски центри, сите преполни со туристи.

Се верува дека заразата тргнало од заболувањето на еден келнер во бар во Ишгл, популарно место за собирање кај гостите и секогаш полно со туристи. Келнерот се пожалил дека не се чувствува добро. Тој прв се заразил, но му било речено да остане да работи, затоа што се верувало дека има грип.

Најмалку 32 туристи кои зимувале во зимските центри во австриски Тирол, се починати при враќањето во своите земји, од коронавирусот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе