Блер и Мејџор против владата во Лондон
Двајца поранешни британски премиери – лабуристот Тони Блер и неговиот претходник, конзервативецот Џон Мејџор, остро ја осудија намерата на актуелниот премиер Борис Џонсон и на неговата конзервативна влада, практично, да ја изиграат веќе ратификуваната спогодба со ЕУ, за Брегзит.
Во заедничко писмо, специјално за неделникот „Сандеј Тајмс“ двајцата, некогаш лути политички противници, сега заедно, инсистираат дека Британија и нејзината влада мора да се откажат од, како што велат, шокантниот план, со нов британски закон да ги прекршат спогодбата за Брегзит и меѓународното право.
„Што е со угледот на Британија“
„Како може таквиот план да биде во склад со правилата за однесување, па министрите, правниците и државните службеници, да бидат терани да прекршат обврски содржани во веќе ратификувана спогодба“ – стои во заедничкото писмо на Блер и на Мејџор.
Со осуда и спротивставување се огласи уште еден поранешен премиер – Тереза Меј, која Џонсон ја собори со партиски пуч. Таа јавно го праша сегашниот премиер – што ќе биде со Британија и нејзиниот углед после сето ова, како британските меѓународни партнери ќе може воопшто да им веруваат на Британците.
Борис Џонсон, пак, продолжува да инсистира на донесување закон за внатрешен пазар, за кој и неговата влада и министрите признаваат дека ја крши спогодбата со ЕУ за Брегзит, како и меѓународното право, но дека тоа „морало да се направи за да можат четирите конститутивни елементи на Обединетото кралство, слободно да тргуваат меѓу себе и кога земјата целосно ќе излезе од ЕУ“.
Унијата остро се спротивставува на овој нов пресврт во Лондон, обвинувајќи ја британската страна дека ги крши сите спогодби што ги има направено со ЕУ.
Нема закани за интегритетот
Главниот преговарач на Унијата, Мишел Барније ги отфрла „аргументите“ на премиерот Џонсон инсистирајќи дека спогодбата за раздружување меѓу ЕУ и Британија, во делот кој се однесува на Северна Ирска, не претставува никаква закана за интегритетот на Обединетото кралство.
Според Барније, одредбите од спогодбата само помагаат да се одржи мировната спогодба од Велики петок во април 1998 година и да спречи враќање на времето на судирањата меѓу унионистите и републиканските националисти.
Европските парламентарци веќе објавија дека тие нема да прифатат никаква нова верзија или нова спогодба за британскиот Брегзит. А, на плановите на Даунунг стрит 10 и Џонсон и неговите тврди брегзитери се спротивстави и првиот министер на Шкотска, Никола Старџен.
Во посебно соопштение се огласи и официјален Даблин. Ирската министерка за правда Хелен Мекспини остро му приговара на Лондон и посебно на премиерот Џонсон дека „целосно неточно е тврдењето на британската влада дека ЕУ настојува да воспостави трговска граница во Ирско море“.