Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Признание и без признавање

Признание и без признавање

Во Вашингтон, во Белата куќа, се одржаа долго најавуваните (еднаш одложени) разговори на претседателот на Република Србија и на премиерот на Република Косово, околу процесот за конечното нормализирање на нивните меѓусебни односи, што би требало да значи и затворање на косовското прашање.

Средбата и разговорите се одржаа во организација на Ричард Гренел, специјален пратеник на Доналд Трамп, а на нив, на вториот ден, при потпишувањето на спогодбата за разговорите, се вклучи и претседателот на САД.

Како што можеше и да се очекува, меѓусебното признавање беше ставено во предлог-нацртот на завршниот документ, но она за што вистински се разговарало во Белата куќа, сепак, биле економските врски и нормализацијата на таквите врски меѓу Белград и  Приштина.

Две држави

Според Гренел, со потпишаната спогодба е направен напредок кој, се надева, ќе помогне и за решавање на прашањето околу Косово.

Гренел по разговорите има речено дека сега е отворен патот за создавање деловна клима во регионот, како и за постигнување  конкретни договори што ќе овозможат навлегување на западните компании во ДВЕТЕ ДРЖАВИ.

Овој американски дипломат во таа прилика, индиректно, му одговорил на српскиот претседател кој претходно, ја мобилизираше домашната јавност, зборувајќи дека преговорите во Вашингтон нема да бидат лесни и дека таму се подготвува „некакво (непријатно) изненадување“.

Гренел, меѓутоа, рекол дека навистина „имало некакво изненадување“ (меѓусебното признавање), но дека тоа и не било изненадување, затоа што и двете страни, претходно, биле известени за тоа!

Спогодба, или писмо за намери

Се мислеше дека работите околу средбата тука ќе завршат, меѓутоа,  уште додека двете делегации беа во Вашингтон, српската страна почна да дава некои свои толкувања за дводневните разговори (преговори).

Прво дека Белград „херојски“ ги одбранил интересите на Србија, не дозволувајќи преговори за меѓусебно признавање. Потоа, дека спогодбата потпишана во Овалниот кабинет на Белата куќа не е никаков билатерален документ на Белград со Приштина, туку дека Србија потпишала документ (спогодба) со САД.

А, на крајот, дури и дека, немало никаква спогодба, туку дека само била направена размена на писма со намера, со претседателот на САД! Тоа, во основа, значи хартија која ништо и никого  не обврзува.

Но, ако е така, тогаш што  навистина е постигнато и потпишано, кога претседателот на Република Србија,  Александар Вучиќ, претходно, даваше изјави дека била потпишана БИЛАТЕРАЛНА СПОГОДБА со САД.

Одново се јави Гренел, домаќинот на средбата  кој, по малку налутено, уште еднаш објасни дека  САД, НЕМААТ НИШТО потпишано-ниту со Србија, а ниту со Косово, инсистирајќи дека потпишаниот  документ  е спогодба  меѓу Србија и Косово – за да се овозможи средување на нивните меѓусебни односи – на економски план.

Израел го признава Косово

Во секој случај, документот предвидува автопат меѓу Белград и Приштина, како и меѓу Ниш и косовскиот главен град. Потоа креирање на т.н. мини-Шенген зона во која би биле и двете земји. Се истакнува и заедничко користење на хидро-системот „Газиводе“ како и изградба и одржување на 5-Г мрежа.

И,  во рамките на таквите планови, наеднаш, се појавува – Израел, како и израелско-српските и израелско-косовските односи!

Како и зошто овие работи се најдоа поврзани со спогодбата на Белград и Приштина и зошто делегацијата од Белград тоа го има прифатено, засега не е јасно. Но, спогодбата (договорот), или „писмото со намери“ – предвидува прецизни рокови, а тие се дека од 1 јули 2021 година, Република Србија ќе ја пресели својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Во исто време, државата Израел ќе го ПРИЗНАЕ Косово, како НЕЗАВИСНА ДРЖАВА.

При тоа, и Косово, веднаш по признавањето на израелската држава ќе отвори своја амбасада во Ерусалим и на тој начин ќе биде првата муслиманска ДРЖАВА која има своја мисија во овој град што Израелците го сметаат за свој главен град и покрај несогласувањето на меѓународната заедница.

Косово и мирот на Блиски исток

Тоа, како најважно, го има истакнато и самиот Трамп, кој на Твитер има запишано:

„Ова е уште еден голем ден за мирот на Блискиот Исток (!?)  Главно со муслимани населеното Косово и Израел, СЕ СПОГОДИЈА да ги НОРМАЛИЗИРААТ врските и да воспостават дипломатски односи. Добра работа. Повеќе исламски и арапски земји, наскоро, ќе го следат овој чекор“.

Како и да сакаат во Белград да го толкуваат состанокот во Вашингтон и она што го има потпишано, САД и нивниот претседател, уште еднаш јасно и прецизно потврдија дека го третираат Косово како посебна, независна држава. Впрочем, само како таква би можела да потпишува договор со Израел и да отвора своја амбасада.

На Твитер со честитка за „храброста“ на српскиот претседател, Трамп го истакнува и  тоа дека Белград, својата амбасада во Израел ќе ја пресели во Ерусалим.

„Ова е храбар и историски чекор“ – вели американскиот претседател во пораката до Александар Вучиќ.

Белград ја признава реалноста

Во српската јавност, која беше заплашувана дека Вашингтон ќе притиска да биде признаена независноста на Косово, ваквиот расплет на разговорите во Белата куќа се примени со поделено расположение меѓу величање на претседателот и остри осуди, особено по крајната конфузна состојба за тоа што е, навистина, потпишано.

Американскиот експерт за Балканот, Даниел Сервер, од своја страна, забележува дека како и да се коментира средбата, останува дека таа не носи ништо историско, како и дека после постигнатите цела низа технички спогодби, по Бриселската спогодба од 2013 година, и оваа покажува дека Косово, фактички, е независна држава и дека тој факт во Белград се признава.

Според Сервер, Бриселската спогодба за нормализација на односите содржи дека „Србија и Косово ќе се квалификуваат за ЕУ и ќе пристапуваат во Унијата – одвоено – секоја за себе и со свој посебен ритам” – вели американскиот експерт, забележувајќи дека уште тој документ имплицитно ја признава сувереноста на Косово, затоа што само СУВЕРЕНИ држави влегуваат во ЕУ.

Затоа, според него, средбата во Вашингтон нема таква тежина. Едноставно,  спогодбата има за цел двете страни да се договорат за низа економски чекори, за да преку нив потоа се дојде и до напредок на политичкиот терен (формалното меѓусебно признавање, во каков и да е облик).

Мораториум за Белград и Приштина

Друга работа која постигната тоа е  согласноста – двете страни да воспостават едногодишен мораториум – официјален Белград – да престане да притиска врз држави по светот, да го повлечат претходно даденото признавање на косовската независност, а Приштина да се откаже од барањето прием во било која меѓународна организација.

Во вакви услови, главнината од незадоволството во Србија од страна на критичарите на спогодбата од Вашингтон, тргнува од тоа дека во американскиот главен град, иако немало признавање, Косово е де факто признаено од српската страна.

Прво, затоа што во Овалниот кабинет Трамп имал средба со две делегации, на лидери од две земји, со потполно еднаков статус. Вучиќ и Хоти седеле од двете страни на претседателската работна маса – како сосема рамноправни државници, што се смета, дека покажува оти Косово е третирано еднакво како и Србија.

Така се гледа и на спогодбата околу „Газиводе“. Во Белград се тврди дека договор за заедничко користење на хидро потенцијалот, прават суверени, независни држави.

Таков договор, на пример, Србија има со Романија, за ХЕЦ „Ѓердап“. Но, Романија е независна држава, додека Косово се уште го нема тој статус – не е членка на ОН, па кога српскиот претседател ќе потпише документ во кој работите вака се регулираат, за неговите критичари, тоа е само доказ дека – признавал тој, или не – во Вашингтон го има признаено независниот статус на Косово.

А, тоа, конечно,  се потврдува и со српската согласност – Израел да го признае Косово, а двете земји да воспостават целосни дипломатски односи.

Профит за Трамп и Вучиќ

Сите се согласуваат дека вака како што заврши средбата во Вашингтон, излегува дека таа и беше  направена во ова време,  само за да се стави во предизборната кампања на Доналд Трамп за ноемвриските претседателски избори.

Австрискиот експерт за Балканот, Флоријан Бибер, инаку професор на Универзитетот во Грац, смета дека во следните 60 денови до изборите, на Трамп му е потребен некаков меѓународен успех, па дури и еден вака скрпен договор на Белград и Приштина, што  може да им го понуди на неговите гласачи – како резултат и успех.

Бибер, меѓутоа, смета дека од ваквите разговорите во Белата куќа, би можел да извлекува профит и српскиот претседател. Тој уште еднаш ќе може да се прикажува во домашната јавност како бранител на српските интереси, како и дека не дозволил признавање на Косово, иако во суштина, тоа не е така. За австрискиот експерт, најмалку добива косовскиот премиер, чии позиции и онака се прилично климави.

Австрискиот експерт смета дека разговорите воопшто не требало сега да се држат, затоа што и Вучиќ и Хоти немале легитимитет да преговараат, па нека е тоа и економијата, бидејќи Србија нема влада, а Косово има немоќна влада.

Уште повеќе што САД и Германија (ЕУ) се имаат согласено – Американците да се занимаваат со економските, а ЕУ со политичките прашања. И, да не се брза со нив, до американските избори.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе