Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мелбурн под опсада

Katharina13/BigStock.com

Мелбурн под опсада

Австралиските власти одлучија да воведат целосен карантин за над 300 илјади жители на Мелбурн, сите од северните предградија на овој втор по големина град во Австралија, откако во изминатите две недели забрзано се зголемува бројот на новозаразени лица од коронавирусот.

Одлуката на властите доаѓа по претходното забрзано укинување на првичните мерки за заштита од глобалната пандемија со овој вирус.

И тогаш, а и сега, Австралија важи за земја која лесно помина преку епидемијата.

Официјално регистрирани има само осум илјади заразени лица и 104 починати пациенти, што е далеку поповолно отколку во низа земји во нејзиното опкружување, а посебно, кога станува збор за Европа и за САД, иако токму во оваа земја, се заразија холивудска брачна и актерска двојка – Том Хенкс и Рита Вилсон – на почетокот од пандемијата.

Далеку од другиот свет

Далеку од светските патишта и со одлуката да се запрат речиси сите авионски летови, оваа голема држава-континент се изолира себе си (како и Нов Зеланд) од главните текови по кои се ширеше епидемијата, пред се, од Европа, САД и Јужна Америка.

Тоа го запре ширењето на вирусот, што, пак, помогна да се елиминира претераната паника на Австралијанците дека во карантинот што се воведе на ниво на целата земја, ќе останат (без малку) без резерви од вода, храна и – тоалетна хартија, откако токму во Австралија беа регистрирани првите (во светот) тепачки во супермаркетите при правењето залихи од овие производи!

Но, факт е дека по тоа, луѓето во голем обем ги почитуваа мерките кои беа воведени за заштита.

А, тие, меѓу другото, беа работа од дома, одбегнување масовни собирања, затворање на плажите и протерување на странците кои тоа не го почитуваа, како случајот со една од најпознатите плажи во Сиднеј, (популарна во светот кај сурферите), затворени пабови, барови и ресторани, како и затворени училишта во некои сојузни држави, како во Викторија.

Кризно жариште

Полицијата не дејствуваше според партиски определби и наредби, туку се грижеше за доследното спроведување на вонредните мерки, па се смета дека тоа успеа да ја сочува Австралија од неволите што ги имаа и се уште ги имаат големите и високо развиени европски земји, каде, искрено, тешко може да се спроведе ваква изолација, каква направија оваа држава и соседниот Нов Зеланд.

Затоа, сегашната, нервозна и за австралиски прилики, не типична исплашена реакција, делува по малку изненадувачки.

Но, домашните аналитичари сметаат дека нервозата е последица на претходната опуштеност и самоувереноста дека короната е победена и дека државата сега силно треба да тргне во санација на економските последици од пандемијата со вирусот.

Мелбурн и неговата околина сега се третираат како кризно жариште, па властите (локалните и сојузните), прво ја извадија војската на улиците во градот, а потоа, кога тоа не помогна се определија за карантин, иако смртноста останува ниска, мерена со глобалните стандарди.

Еден месец карантин

Властите се правдаат дека морале така да направат затоа што неколку денови по ред се регистрирани по 150 заразени лица дневно, само во деловите од градот каде (велат) има експлозија од инфицирани пациенти.

Особено што сојузната држава Викторија е најнаселена и што и во првиот налет на вирусот, таму имаше најмногу заразени и заболени лица.

Експертите сметаат дека ова што се случува сега е вториот бран на вирусот, па затоа е одлучено веднаш да се реагира со истите мерки како и на почетокот од епидемијата.

Карантинот за делови од Мелбурн ќе траат 30 денови. Луѓето ќе може да ги напуштаат своите домови само за да одат да купуваат храна и домашни потреби, за на лекар, за работа, оние кои не работат од дома и за вежбање.

Локалните политички лидери на Викторија предупредуваат дека мерките може да станат и построги ако луѓето не ги почитуваат оние кои сега, со карантинот, се воведени.

Војската на улица

Жителите на сојузната држава Викторија, на пример, следните 30 денови не ќе може да патуваат во соседната држава Нов Јужен Велс, а тоа значи не смеат да одат во Сиднеј. Со одлуката за карантинот, доколку се фатат лица дека ја прекршуваат оваа забрана, ризикуваат мошне строги казни – парична казна од 11 илјади австралиски долари, или одење во затвор.

Користењето на војската за домашни, внатрешни работи и посебно за пандемијата, до домашната јавност се смета како преседан во Австралија.

Но, федералната влада во Канбера не мисли така. Министерството за одбрана е на ставот дека војската во ова крзно време во една од сојузните држави била неопходна. Министерството има одредено – над 800 од повеќе од илјада ангажираните војници, да го надгледуваат спроведувањето на мерките од карантинот во „забранетата зона“ во Мелбурн.

Другите над 200 ќе служат како логистика за здравствените лица.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе