Карантинот го „исчисти“ воздухот
Жителите на индиската сојузна држава Пенџаб, на северот од оваа голема азиска земја, за прв, после повеќе од 30 години можат да ги гледаат Хималаите и на оддалеченост од над 200 километри. Tаа можност им ја овозможи карантинот што го воведе владата во Њу Делхи, како мерка против коронавирусот, што го исчисти воздухот над овој дел од Индија.
Луѓето во градот Џаландхара изјавиле за домашните медиуми дека сите тие, а посебно младите, никогаш до сега ја немаат видено големата и масивна планина, поради густата „магла“ од загаден воздух што постојано е надвиснат над градот.
Смогот што го создава бројната „валкана“ индустрија во овој град, измешан со правот, придодаден од илјадниците разни возила, што обично користат нечисти горива, ги убиваше луѓето, но и оневозможуваше да уживаат во прекрасната глетка на Хималаите, во далечината.
Меѓутоа, сега кога поради воведениот строг карантин во Индија, кога дури 16 илјади мали, мануфактури и индустрии во овој град не работат, кога луѓето понекогаш и на сила се натерани да седат дома, а улиците се празни, без возила, сето наеднаш изгледа опустено. Но, во многу кус рок, таквата „опустеност“ го има исчистено воздухот над него.
Жителите тврдат дека не очекувале дека смогот, правот и целиот нечист воздух ќе исчезнат како последица на мерките против глобалната пандемија.
„Вирусот ги убива луѓето, но го исчисти воздухот и ја излекува природата“- изјавил еден локален жител, додавајќи дека тој за прв пат може да ги види Хималаите.
Индиските медиуми пишуваат дека воодушевените жители на Џаландхара, се искачувале на терасите и на покривите од своите згради, за да ја посматраат планината, за која велат дека сега ја имаат, како на дланка. Многумина зборуваат дека не верувале дека било кога ќе може да присуствуваат на ваквата глетка.
Карантинот во Индија е воведен пред три недели, на 24 март. Толку време беше потребно овој град во Пенџаб, еден од најзагадените реони во светот, да добие чист воздух.