Холандија враќа 600 илјади маски од Кина
Холандската влада одлучи да врати назад околу 600 илјади маски за лице, што се увезени од Кина. Утврдено е дека тие не ги задоволуваат потребните стандарди за медицинска употреба, какви што и требаат на Холандија во борбата со коронавирусот – пишуваат тамошните медиуми.
Досегашното искуство што го имале здравствените работници покажало дека кинеските заштитни маски не ја исполнуваат основната работа – да заштитуваат – па, честичките од смртоносниот вирус се пробиваат низ нив!
Маските не заштитуваат
По повеќе реакции на холандски лекари и медицински сестри, како и на здравствени експерти, владата на премиерот Марк Руте побара од сите домашни болници на кои им биле испорачани, да ги повлечат од употреба и да ги вратат, за да потоа им се вратат на Кинезите.
„Станува збор за маски за уста, за професионална употреба на луѓето во болниците, а овие што ги имаме добиено, не ги задоволуваат потребите“ – изјавил холандскиот министер за здравство.
Според неговата оценка, тие не се безбедни за лекарите и за сестрите кои се директно во контакт со заразените и заболените пациенти. Едноставно, не се доволно „фит“ за да ги затворат устата и носот, па оставаат доволно отвор низ кој слободно може да навлегува вирусот, заканувајќи им се директно на здравствените работници.
Лекарите не сакаат да ги користат
Еден лекар, инаку вклучен во борбата со вирусот кој сакал да остане анонимен, за холандската телевизија рекол дека забележал оти маските не одговараат за намената за која се купени, уште веднаш штом почнале да се распределуваат по болниците. „Како јас, така и моите колеги, затоа, воопшто не ги користиме, бидејќи не ни гарантираат дека може да не заштитат“ – изјавил овој лекар.
Холандските медиуми тврдат дека маските купени од Кина не се воопшто безбедни за домашните лекари и за медицинските сестри.
Владата во Хаг која на почетокот од ширењето на глобалната пандемија на европско тло, размислуваше за поинакви мерки за одбрана од вирусот, наместо оние кои се употребува во земјата од каде вирусот потекна и од каде се рашири низ светот.
Но, откако теоријата за колективен имунитет се покажа „скапа“ затоа што носи многу починати и Холандија, како и Британија сега, се определи за варијантата која ја употребуваат мнозинството епидемиолози во Европа и во светот – спречување на ширењето на вирусот со остри мерки за карантин и социјално-хигиенска заштита.
Приговори и од други земји
Владата од порано ги има затворено пабовите и кафулињата, баровите и рестораните, како и училиштата за да се одбегнуваат блиски контакти на луѓето. Сепак, во Холандија се регистрирани околу 11 илјади заразени и 771 починати пациенти, податок познат до правењето на овој текст.
Европските медиуми тврдат дека случајот со Холандија и враќањето на маските за лице, назад не е единствен случај во ЕУ. Уште неколку држави имаат покажано незадоволство од квалитетот на опремата што се купува од Кина.
Шпанските микробиолози тврдат дека корона тестовите, купени на кинескиот пазар, не се во склад со потребите за откривање на заразени лица. Анализите, на кои се повикува шпанскиот весник „Ел Паис“, откриле дека имаат намалена прецизност за откривање на лицата зафатени со вирусот. Слична реакција имало и од експерти во Чешка кои инсистираат дека тестовите за коронавирусот од Кина „не работат како што треба“.
(К.В.)