Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон: Ако сакате да помогнете, останете дома

palinchak/BigStock.com

Макрон: Ако сакате да помогнете, останете дома

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека и Франција, по углед на Италија и на уште некои други европски земји, воведува карантин на својата територија, налагајќи им на луѓето да останат дома и да излегуваат само за крајно неопходни потреби и за одење на работа, доколку не работат од дома.

Овие нови и построги мерки во борбата со коронавирусот, стапуваат во сила од вторник (17 март) и би требало да траат, како што рекол францускиот претседател, најмалку 15 денови. За разлика од претходните мерки, сега е навестено дека не почитувањето на овие ќе се санкционира.

„Ви се обраќам со голема сериозност, почитувајте ги лекарите и луѓето од здравството кои постојано ви велат – ако сакате да ни помогнете во борбата со вирусот, останете дома и одбегнувајте контакти со други луѓе“

…рекол Макрон, признавајќи дека неговото обраќање е без преседан, но и инсистирајќи дека сегашните околности во Франција и во Европа тоа го бараат.

Францускиот претседател, крајно невообичаено, остро го критикувал однесувањето на Французите, особено во изминатиот викенд.

„И покрај мерките кои беа претходно објавени за затворање на кафулињата, бистроата и рестораните, кината и театрите и забраната за јавно собирање, трговските центри, парковите беа преполни со луѓе собрани во толпи, како за нив да не важат донесените мерки“

…рекол претседателот. При тоа, тој и порачал на домашната јавност дека со непочитувањето на карантинот и на бројните мерки за забрани, луѓето не само што си наштетуваат самите на себе, туку им прават штета и на другите.

Во своето обраќање преку телевизијата, Макрон најавил финансиска интервенција на државата, за да им се помогне на компаниите, порачувајќи дека ниту една француска фирма нема да пропадне поради коронавирусот.

Тој објавил дека се одлага вториот круг од локалните избори, како и дека се запираат сите реформски процеси на владата, вклучувајќи ја и контроверзната пензиска реформа, која предизвика бранување во домашната јавност и бројни штрајкови и протести.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе