Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Европа под опсада

melis/Bigstock.com

Европа под опсада

Европскиот континент во текот на својата долга историја многу пати бил под опсада – еднаш од Варвари и Хуни, друг пат од Мавари или Османлии. Можеби не континентот во целина, но големи негови простори биле под различни блокади. Многу подоцна, во двете големи војни во првата половина од 20 век, континентот беше парчосан и во повеќегодишна опсада од империјалните амбиции на големите сили -националистички и нацистички идеологии на фрустрирани владари.

Во Средниот век, многу често Европа била погодена и од  разни болести. Чумата била една од заразните болести што ги ставале тогашните градови под опсада и го десеткувала тогашното население. Хроничарите имаат запишано дека цели градови, едноставно, исчезнувале пред налетот на болестите за кои ниту се знаело што се, а ниту било познато како да се лекуваат.

Страшниот вирус

Се мислеше дека тоа време е минато и веќе заборавено, пред  забревтаната сегашност на силно развиена наука и хај-тек технологија. Меѓутоа, токму во ова  денешно време, во дваесетата година од 21 век, Европа како  одново да се наоѓа во средновековието. Одново е под опсада. И тоа уште еднаш од болест. Овој пат, тоа е еден нов и непознат, но опасен и смртоносен вирус- за кој современата медицина од декември 2019 година бара начин како да го сузбие и не успева во тоа.

Она во што ( засега) успева, е само да ги санира последиците, да излекува  75 до 80 отсто од заразените и  да чека да се достигне „пикот“ на ширењето на епидемијата , во меѓувреме, броејќи ги заболените и починатите.

Вирусот кој ја предизвика сегашната европска опсада тргна од далеку- од пазарот во кинескиот, милионски град Вухан, на кој покрај храна се продава и добиток и диви животни, во мизерни хигиенски услови.

Брзо ширење низ светот

Брзо се рашири низ Кина, при што локалните и централните власти не ги имаат прифатено навременото  укажување на еден тамошен лекар кој ( изгледа) единствен предупредил каква голема закана има во коронавирусот. Човекот , подоцна , почина како еден во големиот број кинески жртви во борбата со вирусот, успевајќи само посмртно да добие признание од светот, како жртва на тамошниот систем, но и покрај големите напори, страшниот вирус, со голема брзина се рашири, прво низ Азија, а потоа и во Европа.

И додека состојбата во Кина, полека се смирува, после тримесечното броење на мртвите, па сега бројот на новозаболените и на починатите во Вухан е помал од оној на европскиот континент, Светската здравствена организација (СЗО) ја означи Европа како епицентар на пандемијата.

Заразата овде, на континентот, ја донесоа европските „ светски патници“ кои како туристи и бизнисмени, престојуваа тие месеци, пред и по Нова година, во Кина и посебно во Вухан, но и бројните Кинези кои работат, студираат и живеат во Европа, а кои претходно беа дома. И едните и другите, најчесто, сокривајќи ги патувањата.

Италија епицентар

Така и се случи Италија, секогаш преполна со туристи, но и со легални и илегални мигранти, да стане европски Вухан и најголемата жртва на коронавирусот. А, главниот удар на заразата да бидат Ломбардија и Венето, односно Милано еден од центрите на италијанската и европската мода и дизајн, како и Венеција.

Брзината со која се ширеше заразата предизвика, прво  Северот на земјата, или 16 милиони население, а потоа и сите 60 милиони Италијанци да се најдат во карантин, да мораат да останат во своите домови и да не смеат да се движат низ улиците на градовите, низ кои, инаку,  секогаш има многу луѓе. Буквално ништо не е отворено каде би можело да се собираат повеќе луѓе, освен аптеките и продавниците за храна. Бројот на заразените и на починатите, сепак, не се намалува и покрај петдневниот карантин. Последните бројки од саботата се над 21 илјада заразени и 1500 починати.

Луѓето изгледа дека не го губат, ниту својот дух, ниту  вербата дека нивната земја (и Европа)  ќе излезат од сегашната тешка ситуација, па во петокот , на пладне, низ договор преку социјалните мрежи, од прозорците, балконите и терасите на зградите во десетици италијански градови Италијанците се огласија со песни и со музика. Во саботата, во истото време, низ градовите одекнуваа аплаузи за лекарите и за целиот медицински персонал кој дено-ноќно се бори со страшниот вирус.

Шпанија- второто жариште

Не се знае дали така ќе продолжи и низ другите европски држави кои се борат со заразата, за да не им се случи италијанската ситуација, но сите сега ( очигледно) го користат искуството на Италија во воведувањето блокади, забрани и во воспоставувањето карантин- држави. Тоа според епидемиолозите во Италија, но и другите останува единствениот „лек“ за да му се застане на патот на коронавирусот. Тоа само ја потврдува опсадата во која се најде Европа, но го парализира континентот.

Шпанија која засега има 5800 заразени и над 190 починати,  важи за земја со најголем број заразени после Италија, воведе вонредна состојба во следните две недели, а владата нареди затворање на сите училишта, универзитети , како и ресторани, кафулиња.

Оваа туристичка велесила, сега остана без гости, откако сите странски агенции и авионски компании ги откажуваат аранжманите за бројните шпански одморалишта. Авион на британската ниско-буџетска компанија „Џет2“ бил вратен од половина пат, откако пилотите добиле известувања дека компанијата ги суспендирала сите летови кон Шпанија, поради коронавирусот. Најголемата светска туристичка компанија ТУИ исто така ги откажа сите аранжмани за шпанските одморалишта, за овој викенд.

Карантин-држави

Ситуацијата во земјата драстично се има изменето во последниве два месеци, од појавувањето на првиот случај со овој вирус на шпанска територија, особено што сега заразата се има проширено и врз шпанската влада- двајца министри се тестирани позитивни, попретседателот на владата е во самоизолација затоа што неговата сопруга е заразена, а во слична ситуација се наоѓа и премиерот Педро Санчез, чија сопруга е зафатена од вирусот.

По урнек на Италија и Шпанија, сега тргна и Франција која целосно ги затвори сите продавници, кафулиња, барови и ресторани, освен аптеките и продавниците за храна, иако 60 милионска Франција има 4500 заразени и над 90 починати, со 300 лица ставени на интензивна нега. Затворање на се каде се собираат многу луѓе, е мерката за одбрана од вирусот во сега веќе сите земји членки на ЕУ, но тоа станува и глобален феномен.

Овој вирус на кој се уште не му се гледа крајот, ги покри сите континенти. Заразени има насекаде низ светот, без разлика што Африка, како и Латинска Америка изгледаат како „ безбедносни зони“ и покрај тоа што и таму, во одделни земји има случаи со коронавирус- со луѓе кои престојувале во Кина, или во Европа- во Италија и Шпанија, пред се. Но реакцијата е речиси секаде идентична.

Џонсон ги затвора старите

Претседателот на САД, ги забрани на 30 денови влегувањата на државјаните од Шенген зоната, додавајќи ги подоцна и Британците и Ирците кои не се дел од оваа зона.

Далечниот Нов Зеланд , каде се регистрирани само шест случаи со овој вирус, целосно ја стави земјата во карантин, определувајќи се за тоа секој странец што ќе дојде , задолжително да се стави во самоизолација. Од овој викенд тоа важи и за  Австралија, а таквата мерка ја употребуваат сите европски држави.

Британците одат чекор подалеку, па својата веќе „заклучена“ држава сега ја затвораат и од внатре- владата на Борис Џонсон не ги затвора училиштата, објаснувајќи дека децата и така не се заразувале од овој вирус (!?) но затоа, определува неколку месечен карантин за сите возрасни, над 70 години- во нивните домови, затоа што тие се најранливата категорија. Но и затоа што нема да зафаќаат место во болниците и да создаваат трошоци за државното здравство.

Враќање во средновековието

Отворениот континент, така се претвора во збир на триесетина поголеми, или помали  „тврдини“ (државите), па така  се повеќе наликува  на средновековието, кога градовите-држави се бранеле од зарази затворајќи ги градските порти. Во 21 век, без малку ни се повторува Средниот век, за да Европа и светот  се одбранат од страшниот вирус што и понатаму никој не може да го совлада.

Италијанското, а пред тоа и кинеското искуство, иако тоа таму спроведено во духот на тамошниот политички систем, покажуваат дека таму каде во Италија, прв пат, биле применети ваквите драстични мерки, било забележано смирување на епидемијата. Тоа го открива и италијанскиот шеф на дипломатијата Луиџи ди Мајо, во разговор за Би-Би-Си.

ЕУ  сугерира дека многу подобро од ставањето на државите во целосен карантин- не дозволувајќи никој (од страна) да влезе во нив – е да се прави здравствена контрола на границите. Ваквата претходна контрола за Европејците од Шенген-зоната, како и на надворешните граници од ЕУ,  се смета дека е подоброто решение , без разлика што се има целосен респект за некои од определените мерки. Но, генералната забрана не е најефикасното решение, особено што и СЗО има исто такво мислење. Според нив,  странците, повеќе, не се  (единствените) носители на заразата.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе