Прекинато носењето на олимпискиот факел
Глобалната епидемија на коронавирусот, предизвика да биде прекинато носењето на олимпискиот факел низ Грција, соопшти грчкиот Олимписки комитет.
Како објаснување за оваа неочекувана одлука, каква до сега немало, е големиот наплив луѓе на почетокот од патувањето на факелот и покрај забраната за масовни собирања во земјата, во настојувањето да се запре ширењето на вирусот.
Според атинските медиуми, во соопштението на грчкиот Олимписки комитет се изразува жалење за ваквата, како што се вели, тешка одлука, но дека таа, сепак, морала да биде донесена. При носењето на одлуката биле консултирани министерството за здравство на Грција и Меѓународниот олимписки комитет.
Организаторите на годинешново традиционално носење на олимпискиот оган, за Игрите што ова лето треба да се одржат во Токио, во Јапонија, изјавуваат дека не очекувале оти ќе имаат проблем со масовното собирање на луѓето, откако виделе колку многу народ има по улиците и патот во местото Спарта, на Пелопонез. Претходно било побарано луѓето да останат во своите домови и од таму да го следат и да го поздрават огнот за годинешнава Олимпијада, но тоа барање никој не го почитувал.
Огнот беше запален во четвртокот, на свечената церемонија во античка Олимпија, но за прв пат, без присуство на публика и гледачи.
Предвидено е олимпискиот оган да им биде предаден на Јапонците како организатори на годинешниве Игри, на 19 март, на стадионот во Атина, на кој во 1896 година се одржале првите модерни Олимписки игри. Поради вирусот, се почесто се навестува можноста, оваа Олимпијада да се одложи , но јапонските домаќини се против тоа.