Холокаустот во сенка на историските толкувања
Четириесетина претседатели и политички лидери, меѓу кои францускиот и рускиот претседател, американскиот потпретседател, британскиот престолонаследник, принцот Чарлс, како и претседателите на Германија, Италија, Австрија и на нашата Република Северна Македонија, меѓу другите, се собраа во Ерусалим на најголемата досега комеморација на жртвите од холокаустот, што овој пат се одвиваше во рамките на борбата против обновениот и се пораширен антисемитизам.
Комеморацијата се одржа во склопот на петтиот по ред светски форум на холокаустот, што годинава се поклопува со 75 годишнината од ослободувањето на злогласниот, нацистички концентрационен логор Аушвиц.
Форумот се одржа во Меморијалниот центар „Јад Вашем“ и беше посветен на „Сеќавање на холокаустот – борба против антисемитизмот“. Целта на ова собирање беше да се покаже обединетиот фронт во споменот на геноцидот извршен врз европските Евреи, во време кога (одново) се зголемува насилството против Евреите, како на европскиот континент, така и низ светот.
Полски бојкот
Единствениот фронт и единството кое организаторите настојуваа да биде промовирано, меѓутоа, уште еднаш помина во сенката на различните толкувања на минатото и на историјата од пред почетокот на Втората светска, што се промовираат во разни земји. Токму тоа беше повод полскиот претседател Анджеј Дуда да го бојкотира Форумот во Ерусалим, налутен што домаќините и организаторите не го предвиделе за еден од говорниците, особено што таквата можност му била дадена на рускиот претседател Владимир Путин.
Постапката на Полска и на нејзиниот претседател е дел од веќе од порано распалените руско-полски расправии околу тоа кој прв правел пакт со нацистичка Германија и за последиците по Полјаците и нивната држава, со пактот на советскиот лидер Јосиф Сталин и тогашниот СССР, со Хитлер и нацистичка Германија (во историјата познат како пакт Молотов-Рибентроп).
Полските политичари, особено сегашната десничарска и националистичка власт во Варшава, како и Полјаците, во најголем број и онака гневни на руското владеење со полските територии во царистичките времиња, не може да и простат на Москва, за договорот со Хитлер за окупација и поделба на Полска на почетокот од Втората светска војна.
Во Полска гневно се реагира на, како што се вели, обидите и силната кампања на денешна Русија и на Путин, за намалување на тогашната одговорност на СССР и Сталин, на што силно се спротивставува денешната полска власт.
Руско-полска расправија
Полските историчари сметаат дека токму еден ваков „неприроден“ советско-нацистички пакт го има поттикнато и забрзано продорот на нацистичка Германија на Исток, а дека прва жртва на тоа биле Полска и нејзините жители. Од Русија, меѓутоа, возвраќаат со контра-обвинувања за тоа дека полските историчари и политичари кријат дека и Полска имала пакт (договор за не напаѓање) со нацистите од пред почетокот на војната, како и дека и други европски земји од тоа време пактирале со Третиот рајх и со Хитлер.
Полските власти влегуваат во расправии на јавна сцена и со разни историчари и публицисти, па дури и со државата Израел, околу тврдењата дека некои полски државјани соработувале со нацистите при истребувањето на полските Евреи.
Полјаците инсистираат дека тие се само жртва на нацизмот и дека никако не може да се третираат како негови соработници. Но, има израелски историчари кои вадат докази за тоа дека антисемитизам имало меѓу дел од Полјаците уште во тоа време, дека тие работеле во логорите, помагајќи им на нацистичките чувари, а се грижеле и за одржување ред во варшавското Гето.
„Историјата на историчарите“
Околу тоа, пред некоја година избувна расправија (на политичарите) од двете земји, а владата во Варшава, за да ги блокира ваквите тврдења донесе закон, според кој обвинувањата за соработка со нацизмот, претставува кривично дело!
Токму тоа, како и одлуката на Полска да ги бојкотира форумот и комеморацијата за холокаустот, го натера израелскиот претседател Рувен Ревлин, уште пред собирањето на светските лидери, да предупреди дека „историјата треба да им се остави на историчарите, а дека улогата на политичките лидери е да ја обликуваат иднината“.
Фондацијата Светски форум на холокаустот е создадена во 2005 година и вакви форумски собирања се одржани еднаш во Аушвиц, па во Баба Јара во Украина и во поранешниот логор Терезин. Годинава за прв пат се одржува во Израел и ова за земјата беше досега најголемото меѓународно собирање. Идната недела, во Полска, на локацијата на нацистичкиот камп Аушвиц (Освјенцим) ќе се одбележи 75 годишнината од ослободувањето на логорашите, во најголем број европски Евреи.
Повампирен антисемитизам
Сенката од различните толкувања на минатото, како да го погодија и она што треба да ги загрижува не само Евреите, туку и сите другите, поради повампирениот антисемитизам последниве десетина години, кои не се намалува.
Според истражувањето на Универзитетот во Тел Авив, забрзано расте бројот на нападите врз еврејската популација, посебно во 2018 година, кога во напади врз луѓето само затоа што се Евреи (како во времето на нивното истребување од нацистите) се убиени најмногу луѓе во последните неколку децении.
Регистрирани се над 400 напади од најразличен вид. Најмногу од нив се во земјите од Западна Европа, а посебно во Германија каде порастот на нападите изнесува дури 70 отсто, но и во Велика Британија. Имало оружени напади, но и многу вербални.
Антисемитизмот е особено зголемен на интернет, во весниците, како и низ растот на ултра-десничарските, нео-нацистички партии и движења на европскиот континент кои во своите јавни настапи настапуваат од позиција на остар антисемитизам.
(Е.И.)