Попокатепетл исфрла пепел до Мексико Сити
Помало количество пепел паднало во периферните делови на главниот град на Мексико, после обновената зголемена активност на вулканот Попокатепетл – соопштила Бирото за цивилна заштита при мексиканската влада.
Под пепел се нашле јужните предградија Тлалплан и Шочимилко на Мексико Сити, но експертите уверуваат дека тоа не би требало да предизвикува паника кај локалното население. Вулканолозите веруваат дека исфрлањето пепел од кратерот на вулканот ќе продолжи и понатаму, како и дека пепелта постојано ќе се движи во правец на главниот мексикански град, но дека не се очекува поголема ерупција од оние кои беа регистрирани во последните неколку години.
Попокатепетл е висок 5426 метри, а се наоѓа на само 72 километри југоисточно од Мексико Сити.
Овој вулкан беше засилено активен на почетокот од оваа година, но неговата активност, до сегашното исфрлање пепел, се мислеше дека е значително намалена, или дури и сосема запрена.
Во најблиската околина на вулканот, во круг не поширок од 100 километри, живеат дури 25 милиони луѓе.