Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Марк Руте: Британија станува „ослабната“ држава

GabrielPetrescu/BigStock.com

Марк Руте: Британија станува „ослабната“ држава

Холандскиот премиер Марк Руте смета дека со излегувањето од ЕУ, Велика Британија ќе се претвори во “ослабната држава“. Според Руте, после Брегзит земјата нема да биде „доволно голема“, за да има значајна улога на меѓународната сцена.

“Едноставно, во новите услови, Британија ќе нема доволно значајна позиција во меѓународните односи на глобално ниво“ – смета премиерот на Холандија, делејќи ја на тој начин и загриженоста на некои британски политичари кои се противат на Брегзит, не само од економски причини, туку и затоа што ќе предизвика ситуација на “самоизолација“ од Европа, од европскиот континент и од европските состојби.

Уште пред референдумот од јуни 2016 година, за тоа дали земјата да остане или да ја напушти Унијата, кампањата за останување во ЕУ се темелеше врз тоа дека членството е од стратешко значење за Велика Британија и за нејзината позиција на континентот, заедно со Германија и Франција кои од основачи на процесот на европското интегрирање, прерасна во “моторот” на ЕУ.

Спречување на „тврд“ Брегзит

Дејвид Дејвис, првиот министер за Брегзит во владата на Тереза Меј која сега е само “технички премиер“ по оставката од лидерската функција во владејачката Конзервативна партија, кој инаку силно го подржува фаворизираниот Борис Џонсон за наследник на Меј, меѓутоа, не се согласува со Руте и верува во уверувањата на Џонсон дека токму надвор од ЕУ, Британија „има голема иднина“.

Холанѓанецот Руте, сепак, е уверен дека Британците самите се доведуваат себе си во, за нив, несоодветна ситуација, па дека затоа од самиот почеток на целиот овој процес бил силно против тоа Британија да си замине од ЕУ. Сега, кога работите се сосема јасни и кога прашањето околу Брегзит се сведува на тоа дали „разводот“ да се изврши со, или без договор на Лондон и Брисел, холандскиот премиер смета дека она што во овие услови треба да се направи е да се спречи “тврд“ Брегзит и „No Deal” решение.

Неговата изјава доаѓа во време кога двајцата преостанати ториевски кандидати од кои партиското членство ќе се определи – Џонсон, или за актуелниот шеф на Форин Офисот Џереми Хант – во обидуваат да им се додворат на евроскептичните (главно) англиски конзервативци, зборувајќи за излезот без договор како многу поверојатно решение.

Холандија против нови преговори

Руте, пак, не се согласува со барањето и на обајцата претенденти за Даунинг стрит 10, да се обноват преговорите, за да се дојде до нов дил, или како што уверува Џонсон, наместо “мртвиот договор“ на Меј и ЕУ од ноември минатата година, што токму тој и неговите десничарски брегзитери свесно го блокираа во Парламентот во Лондон, за да не биде усвоен, да се отвори наново целиот преговарачки процес. Наводно Брисел ќе морал да прифати, затоа што биле изменети состојбите во ЕУ, по мајските европски парламентарни избори, како и дека и британските прилики не се исти како оние во март годинава, кога беше првиот термин за излез од Унијата.

Нема да има никакви нови преговори со Лондон до есен (Британија ја напушта Унијата на 31 октомври). Не гледам смисла за нови преговори, освен доколку Британија ги измени своите “црвени линии“ – рекол холандскиот премиер за британски медиуми.

Според него, промени би можело да има, но само во политичката декларација, ако Британија ја извести ЕУ за тоа на кој начин сака да се справи со ирската граница.

Политичката декларација ги уредува идните британско-европски односи и таа е посебен документ кој е надвор од оној со кој се уредени сите работи поврзани со повлекувањето на Велика Британија од ЕУ.

Декларацијата ги покрива аранжманите околу ирската граница, означувајќи дека технолошките и алтернативните решенија ќе бидат определени за да може границата меѓу Република Ирска (ЕУ) и Северна Ирска (Обединетото кралство) да остане отворена, без физичка инфраструктура, односно без класични гранични и царински станици.

Без лимит за „бек стоп“

Холандскиот премиер е против и продолжување на рокот за т.н. транзиција, доколку дојде до “развод“ без договор. “Па, во тој случај станува збор за “тврд“ Брегзит, а тој значи тоа што значи, па затоа и не гладам како би можел тој да биде „омекнуван“ на било кој начин“ – смета Руте и зборува дека е против да се определува временско ограничување за ирскиот „бек стоп“, или до кога ви траело тоа решение.

Според Руте тоа не значи “тврд“ Брегзит, но тој оценува дека тоа ќе значи “крај за договорот од Велики петок“ од април 1998 година и можност за враќање на кризните времиња во Северна Ирска.

А што се однесува до евентуален втор референдум, како решение за хаосот во кој се наjде Брегзит, Марк Руте само вели – престанав да сонувам, сега треба само да се спречи „тврд“ Брегзит. Ништо друго.

Песимизмот околу британската иднина на овој европски политичар, се надоврзуваат на мрачната прогноза на поранешниот британски премиер Гордон Браун дека со Брегзит Британија се соочува со заканата да се распадне, како и со предупредувањето на поранешниот лидер на конзервативците Вилијам Хејг дека планот на Борис Џонсон за излезот на земјата од ЕУ, може да биде “фатален за партијата“.

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе