Кенет Кларк: Брегзит е „луда одлука“
Ветеранот на британската политика, конзервативецот Кенет (Кен) Кларк, инаку еден од ретките еврофили меѓу ториевците, во разговор за еден лондонски неделник има речено дека „напуштањето на ЕУ претставува луда одлука“.
-Брегзит ќе уништи многу од она што Британија досега го има постигнато и се она за што јас се залагав целата своја политичка кариера, во изминатите 50 години. Сите овие години се залагав за градење на политиката на Британија и на нејзиниот економски просперитет, преку британското членство во ЕУ и низ европскиот проект. Сега, сето тоа, завршува, пропаѓа. Во исто време, кога домашниот политички систем и британскиот Парламент се толку осакатени, што се неспособни да се справат со кризата која ја предизвика референдумот (за ЕУ од 2016 година) – вели Кларк.
Најтешко време
Тој е британски пратеник уште од 1970 година. Има соработувано со осум различни лидери на Конзервативната партија, од Едвард Хит ( кој ја внесе Британија во ЕУ, во 1973 година), па се до Тереза Меј. Самиот Кларк, на трипати се има кандидирано за париски лидер- прв пат во 1997 година, по уверливиот пораз на ториевците од лабуристите на Тони Блер, па потоа и во 2001 и последен пат во 2005 година, кога беше поразен од Иан Данкан Смит, веројатно еден од најлошите ториевски лидери.
„Секогаш се кандидирав во тешки времиња за партијата, но мислам дека ова што се случува сега во конзервативните редови, не било никогаш досега. Ова е криза каква ние (ториевците) сме ја немале. Таа предизвикува незадоволство во јавноста, затоа што не се однесува само на партијата, туку ја погодува целата држава и сите другите кои не се наши гласачи или симпатизери. Затоа и ториевцте се длабоко непопуларни„ – забележува Кларк.
Тој смета дека во сегашната изборна трка за наследник на Тереза Меј има многу фантазирања и глорификации за секој од кандидатите (беа вкупно 11 на почетокот, а сега останаа последните двајца- Борис Џонсон, екс министер за надворешни работи, кој важи за фаворит и актуелниот шеф на Форин Офисот, Џереми Хант). Сега, во финишот на изборниот процес, до 22 јули, за нив ќе гласаат околу 160 илјади членови на Конзервативната партија. Тие треба да изберат нов партиски лидер, но по силата на приликата, оваа минијатурна гласачка маса, во земја од 62 милиони луѓе, со својот глас за Џонсон , или за Хант, ќе избере и нов британски премиер.
160 илјади ториевци избираат премиер!
„Целиот изборен процес е наопаку“- смета Кларк. Според него, начинот на кој ќе се дојде до нов лидер и премиер, со давање право партиското членство да и даде на земјата нов човек во Даунинг стрит 10, е напросто неверојатен. Многу диктатури и диктаторски режими имаат подобар начин за избор на лидер, од овој на конзервативците !
Освен тоа, овој британски политичар оценува дека сите кандидати изминатите денови нудат бројни ветувања околу Брегзит, што едноставно, не можат да ги исполнат, посебно околу ветувањата за нови преговори, за преправање на постигнатиот договор на Меј со ЕУ, што не го прифаќа Парламентот во Лондон, па и околу т.н. Бек-стоп ( дел кој ја регулира границата на Ирска).
Кларк признава дека го подржувал единствениот проевропски ториевски кандидат Рори Стјуарт, кој беше елиминиран во третиот круг гласање. За Кларк само тој имаше разумен пристап- да се прифати она што Меј го има договорено и да не се троши времето за барањето нови преговори, што би воделе кон изле од ЕУ, без договор. Сите другите- според Кларк- веруваат дека имаат „ магичен клуч“ за да ја сменат реалност и да изнудат нови преговори, или дури некаква „ вонземјанска технологија“ која ќе може да ја контролира секој камион што ќе ја минува границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска ( ВБ) , без да има ниту еден цариник на граничната линија.
„Навистина, како фарса ми делува намерата, дека ние (Британија) туку така, на 31 октомври ќе си заминеме од ЕУ“- забележува Кларк.
Џонсон не знае да се справи со кризата
Тој не крие дека не го поднесува фаворизираниот Борис Џонсон. За него вели дека бил „ катастрофален“ како шеф на британската дипломатија и уверен е дека таков ќе биде и како наследник на Меј и премиер. Прифаќа дека би можел да погреши во ваквата оценка само доколку Џонсон, за кој верува дека лесно ќе го порази Хант, не направи пресврт со самиот себе си, доколку не стане сериозен и не ги смени позициите. Но, Кларк не верува многу во таквата трансформација и мисли дека Борис Џонсон и „ и не знае што треба да направи за да ја провлече Велика Британија низ сегашната клиза“.
Лондонски непристрасни аналитичари сметаат дека Клар е целосно во раво кога дава вакви оценки за конзервативците, за изборната трка, за Брегзит и за најверојатниот нов лидер и британски премиер. Тие тврдат и дека многу од британските пратеници не веруваат дека Џонсон кој од почетокот е наметант како некој што ќе ја натера ЕУ на повлекување и како некаков „ спасител“ на Британија, за да таа „ одново биде голема“ , дека има капацитет за работата што го очекува.
Кенет Кларк (79) сега е најстариот пратеник во Вестминстер. Вели дека размислува да се повлече од политиката и од парламентарните клупи. Во текот на изминатите пет децении тој бил неколкупати министер во разни влади на конзервативците- за финансии, за внатрешни работи, за правда, за здравство, за образование , а еднаш бил и Лорд ченселор.
(Д.Л.)
Извештај од Лондон