Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Руски “прсти“ во австриски скандал

JegasRa/BigStock.com

Руски “прсти“ во австриски скандал

Австрискиот вицеканцелар и лидер на крајнодесничарската Слободарска партија, Хајц Кристијан Страхе поднесе оставка на сите функции, сите министри од оваа партија во коалиционата влада на Австрија поднесоа оставки, а канцеларот Себастијан Курц објави вонредни парламентарни избори за во септември, по избувнувањето на видео скандалот, со снимките од тајната средба на Страхе со една Русинка, на која и нуди политичко-деловна зделка.

Снимките се направени во јули 2017 година, пред влегувањето на „слободарците“ во коалиција со десно-центристичката партија на Курц, која беше создадена во октомври таа година.

Русинка го купува “Кронен Цајтунг“

Снимениот материјал е направен во изнајмена вила на шпанскиот остров Ибица и на него се гледа Страхе, во друштво со уште еден висок функционер на крајнодесничарската партија како со една млада Русинка-бизнисмен, во релаксирана атмосфера, со храна и пијачка, се пазари околу руската “бизнис“ понуда – да инвестира во Австрија.

Понудите за инвестирање се прават со владите на земјите во кои се вложува, а не со опозицијата (уште помалку со крајно-десничарската) која во тие моменти беше далеку од власта. Но, Русинката има поинаква понуда. Таа се нуди да купи 50 отсто од акциите на виенскиот весник “Кронен Цајтунг“, па откако ќе стане мнозински акционер, да ја смени целосно уредувачката политика на весникот кој би се претворил во гласило на Слободарската партија, за да ги штити интересите на оваа партија, со цел таа да го засили својот рејтинг кај австриските гласачи.

Ваквата понудата е само на изглед деловна, а во основа е силно политичка. Руски бизнисмен (во случајов е жена, но не се открива кој стои зад неа), откупува стар и угледен весник во Виена за да и помогне на една партија, таа да дојде на власт и потоа да го “враќа долгот“, служејќи им на руските интереси.

Страхе како Орбан

Токму така некако реагира Страхе кој завален во тросед, наспроти Русинката веднаш се согласува со “бизнис“ понудата. Уште на снимката се гледа како и објаснува дека сака во Австрија да создаде ситуација, како онаа на Виктор Орбан во Унгарија, премиер на оваа земја, кога во ЕУ и во Европа го идентификуваат со национализмот и авторитарната власт.

Орбан е познат по задушување на слободата на медиумите во неговата земја, но и по создавањето на медиумска “империја“ во делови од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Нему политички блиски бизнисмени, ги откупија (и ги спасија од пропаѓање) сите вмровски, крајно националистички, антиевропски и антизападни медиуми за да им служат, не толку на унгарските, колку на руските интереси, во настојувањето на Москва да ја дестабилизира Македонија и да спречи таа да стане дел од НАТО и ЕУ. Во тој унгарско-руски пакет се најде и Словенија и неколку нејзини медиуми, за да ја подржуваат тамошната крајна десница.

Од видео снимките од австрискиот скандал, се гледа колку далеку со својот ентузијазам и со ветувањата отишол Страхе.

Политичка инвестиција

Тој на Русинката и вели: “Ако го преземеш “Кронен Цајтунг“, на три недели пред изборите и успееш нас (Слободарската партија) да не истуркаш на прво место на партиската рејтинг листа, тогаш навистина можеме за се да разговараме“.

Притоа, Страхе набројува неколку новинари на весникот кои ќе мора да бидат набркани од работа и споменува петмина други, нови имиња што ќе треба да бидат доведени за да бидат во функција на каузата на крајнодесничрската Слободарска партија.
За да ја потврди својата воодушевеност со предлогот на Русинката, австрискиот политичар и сугерира да формира нова компанија во Австрија, каква што е тамошната градежна фирма “Страбаг“. На тој начин, сите владини нарачки и тендери, наместо да ги добива “Страбаг“ во иднина би ги добивала новата компанија, што би ја формирала Русинката.

Шок во Виена и Брисел

По појавувањето на снимките во медиумите, австриската и германската јавност, но и Европската комисија во Брисел, останаа шокирани од она што го виделе и слушнале.

Канцеларот Курц, во Виена призна дека во изминатата 1,5 година од функционирањето на коалицијата, имало често несогласувања и проблеми со партијата на Страхе, но после овој скандал веќе нема место за правење било каков компромис. “Доста е веќе од се “ – им рекол Курц на новинарите, најавувајќи предвремени избори.

Европската комисија, пак, изрази вчудоневиденост од постапката на еден австриски политичар, за тоа како преговара и се пазари за судбината на еден медиум, за да го направи свое орудие за политички цели и тоа со странски инвеститор, од земја (Русија) која не ги крие своите нечесни намери кон ЕУ.

Соработка со Обединета Русија

По избувнувањето на аферата, брзо реагираше и официјална Москва, која вообичаено, отфрли секаква поврзаност со скандалот. „Ова нема никаква врска со нас“- рекол портпаролот на Кремљ.

Но, во 2016 година, помалку од 12 месеци пред тајната средба во Ибица, австриската Слободарска партија и руската партија Обединета Русија, на претседателот Владимир Путин, имаат склучено долгорочен договор за соработка, меѓу другото и за “изградбата на патриотски дух кај младите генерации“.

Тоа објаснува зашто австриската министерка за надворешни работи, која поднесе оставка по избувнувањто на скандалот, како припадник на крајнодесничарската партија во владата, го покани на својата свадба Путин, а тој дојде како сват на венчавката, со подарок за невестата.

Путиновата Обединета Русија, специјални договори има со српската ДСС, со Орбан, со десничарите на Марин Ле Пен, со крајнодесничарски партии и групи во источноевропските држави, екс комунистички сателити на Москва, со партијата на Милорад Додик во Република Српска, во БиХ, како и со партијата на Бачев во Македонија, која е дел од националистичката вмровска партија, чие служење на руските интереси го воспостави нивниот осуден и избеган лидер, екс премиер.

Додик се обиде да го одбрани Страхе тврдејќи дека “целиот скандал му е наместен“, заблагодарувајќи му се за поддршката што австрискиот ултра десничар му ја даваше на еден националист, каков што е босанскиот политичар кој заговара растурање на БиХ.

„Будалесто и детски“

Самиот Хајнц Кристијан Страхе, меѓутоа, ја призна вината и одговорноста за она што го има направено, тврдејќи дека “направил голема глупост“ и дека се однесувал “будалесто и детски“. Австриските медиуми велат дека морал да се извинува и правда и дома, кај сопругата, поради неговото “премногу опуштено и релаксирано“ однесување пред Русинката, што може да се види на видео снимките од средбата во Ибица.

Неговата оставка дојде експресно, во обид да не и наштети премногу на својата партија, затоа што скандалот се појавува непосредно пред изборите за Европскиот Парламент. Сите досегашни мерења покажуваа дека Слободарската партија ужива околу 20 отсто од поддршката на австриските гласачи.

Во Виена се верува дека скандалот би можел да повлијае врз расположението на конзервативните Австријци кон крајната десница, во полза на Народната партија на Курц, но сите се согласуваат дека постапката на Страхе му наштети на угледот на земјата.

Од една демократска Австрија, од партија која беше дел од владината коалиција не се очекува волку вулгарно да се пазари со странски инвеститор, за партиски цели, свесно продавајќи ги државните интереси. Тамошните медиуми најавуваат и посебна истрага, за да се види дали има и кривична одговорност во пазарлакот на шпанскиот остров.

(Д.В.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе