ЕУ “заглавена” со Брегзит, десничарењето и национализмот
ЕУ и Европа, во годината која штотуку измина, останаа заглавени во настојувањето како да се спогодат со Велика Британија околу нејзината еднострана одлука да ја напушти Унијата, по 45 години поминати заедно, не успевајќи до крајот да дознаат каков ќе биде Брегзит што би требало да се случи на 29 март, годинава. Откако Британците со тесно мнозинство, на референдумот во 2016 година се определија за развод на Лондон со Брисел, тогаш а и сега, многу разумни и трезвени Британци предупредуваат дека таквата одлука претставува “пукање во сопственото колено“, пат во непознато и во изолација од европските случувања и политика.
Во Брисел, пак, како и во другите 27 земји членки, никој веќе не ги убедува Британците да останат, но сите се согласуваат дека со Брегзит кој Британија самата го создаде, отвори проблем за себе и за Унијата, па и за континентот, барем за оние кои сакаат да бидат дел од ЕУ.
Кога во ноември, британскиот премиер Тереза Меј (Theresa May) и ЕУ се спогодија околу договорот за “разводот“, а сите преостанати членки, на посебен Самит во Брисел, го прифатија она што беше договорено, на сцената, пак, во Лондон, одново “истрчаа” оние брегзитери во Конзервативната партија на Меј, предизвикувајќи (нова) владина криза, со оставки на министри и на помошници министри, со спротивставување на дилот и со барање нејзина оставка од лидерската позиција на партијата, што по автоматизам, значеше поставување нов премиер.
Меј успеа некако да ги надмине внатрепартиските потреси и заговори, но одлучи да го одложи гласањето за ратификација на договореното од Брисел, откако разбра дека таа парламентрана процедура треба да биде употребена за политиканската игра на ториевците – бунтовници и на дезорганизираните опозициски лабуристи, за да се порази Меј.
Причините им беа различни – нејзините ториевци сакаа преку поразот што беше неминовен, да ја тргнат од Даунинг стрит 10, а лабуристите – за да изнудат предвремени избори на кои веруваат дека ќе ја освојат власта – но во основа имаа иста цел, тргање на премиерката која и онака ја обвинуваа дека направила “катастрофален договор“.
Двете страни, меѓутоа, немаат своја варијанта, како алтернатива на постигнатиот договор, освен што на збунетите, разочараните и се повеќе, исплашените гласачи им ветуваа нови преговори, не сакајќи да слушнат дека ниту Брисел, а ниту било која членка прифаќаат нови преговори – со било кого од Британија.
Длабоко поделени Британци
За ваквиот хаос делумна е виновна и самата Меј која без потреба и кога тоа никој не го бараше, спроведе вонредни избори, на кои наместо да ја засили својата позиција, таа го загуби мнозинството што го имаше во Долниот дом на Парламентот. Сега зависи од секој глас, на власт се одржува со помош на недоверливите, ултра конзервативни десет пратеници од северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП), но кои сега се против постигнатиот договор со ЕУ и кои порачуваат дека на гласањето на 9 јануари, за ратификација, ќе бидат против, заедно со околу стотината тори-бунтовници и лабуристичката опозиција.
Хаотичната ситуација околу Брегзит во текот на целата 2018 година ја остави Британија закопана длабоко во ова прашање, што предизвика земјата не само да остана изолирана од Европа и од главните светски случувања, туку и од внатре поделена како никогаш досега по Втората светска војна, околу тоа дали да се излезе од ЕУ без договор, што е омилена опција на десничарите во Конзервативната партија, или да се оди на нов референдум.
Брисел и ЕУ ниту го сакаа сето ова околу Британија, ниту се обидуваат да ја “понижат” како што тоа во дел од британската јавност го прикажуваат тамошните десничари и националисти. Напротив, се настојуваше да се изнајде договор од кој никој нема да се почуствува поразен и кој ќе овозможи помирна транзиција на Британија, сега како поранешна членка на ЕУ.
Но, не само Европската комисија и преговарачите за Брегзит, туку и сите земји членки не сакаа британскиот случај да предизвика некаков домино ефект, погубен за Унијата, доколку му се дозволи на Лондон да замине задржувајќи го она што нему му одговара, спротивно на веќе воспоставените правила и стандарди врз кои се темели европското интегрирање.
Никој тоа не сака да го каже гласно, но самиот Брегзит е удар врз европските интеграциски процеси, зашто тргна од барањето да се запре слободното движење на луѓе и работна сила низ земјите на Унијата и претставува закана за самата ЕУ, онаква каква светот веќе ја познава.
Крајната десница против ЕУ
Тоа им оди на рака на противниците на европските интеграции, на духот на ЕУ изразен низ либерализмот, демократијата, почитувањето на човековите права и слободи и на слободниот правен систем, што се почесто и се погласно го манифестираат крајно десничарските партии и групи, разните антидемократските сили и политичарите – националисти и популисти.
Пред десетина години тиа беа на маргините на општеството и во земјите членки на ЕУ, но сега се закана за европскиот слободарски и либерален дух, нудејќи го евроскептицизмот во неговиот најтврд облик, продавајќи популизам во јавноста на државите од Унијата, одново зачинет со национализам и омраза врз етничка, расна и верска основа, како времето што се мислеше дека Европа го има одамна оставено зад себе.
Крајната десница во Франција, предводена од Марин Ле Пен (Marine Le Pen), беше победник на евроизборите во таа земја, пред пет години, а и сега е фаворит. Во Холандија и во Данска само со прегрупирање на политичките сили, беше оневозможено пробивањето на крајнодесничарските партии. Во Шведска, токму поради успехот на една таква партија, што тамошните либерални кругови ја означуваат како неонацистичка, земјата и после неколку месеци не може да создаде влада по тамошните парламентарни избори.
Во Австрија, меѓутоа, мораше да се направи коалиција со крајната десница која ја дели власта во земјата. Во Германија, тоа не се случи и покрај изборниот успех на крајно-десничарската Алтернатива за Германија (АфД) која за прв пат е во Бундестагот со своите 94 пратеници, само затоа што демохристијаните на Ангела Меркел (Angela Merkel) и социјалдемократите, некако, се спогодија за создавање голема коалиција.
Орбан – водечки глас на национализмот
Во Италија владата ја имаат под контрола две, порано маргинални партии – една од крајната десница (Лига) и друга од крајната левица (Чинкве Стела), обете популистички, но уште полоша е ситуацијата на Истокот од ЕУ, во земјите од некогашниот советски, комунистички блок, а пред се во некогашната Вишеградска четворка – Полска, Унгарија, Словачка и Чешка. Владата во Варшава се соочува со казнување од ЕУ, за газење и непочитување на основните принципи на кои се темели ЕУ – слободното судство – а против Унгарија на премиерот Виктор Орбан (Viktor Orbán) е отворена постапка за испитување на одговорноста за непочитување на демократијата, слободата на медиумите и судството и за создавање авторативна власт во Будимпешта.
Од маргинален политичар во ЕУ, Орбан во текот на мигрантската криза од 2015 година израсна во водечки националистички глас во Унијата, со најтврда позиција против приемот на мигранти (на унгарска територија треба да прими само 3500 луге), прикажувајќи се како некаков заштитник на христијанска Европа, за да на крајот отворено застане против либералните вредности на кои почива ЕУ.
Не е случајно што целото ова антиевропско друштво на ултра десничари, националисти, популисти и противници на либералната демократија имаат блиски врски со Москва, или најблаго речено, разбирање за постапките на рускиот претседател Владимир Путин (Vladimir Putin). Тој војуваше во текот на целата 2018 година против ЕУ и нејзините темелни вредности, за кои не може да се рече дека се почитуваат или се на сила во Русија, настојувајќи да предизвика разногласие, или разединетост меѓу членките на Унијата.
ЕУ продолжува да одржува остар курс против постапките на Кремљ, неприфаќајки ја политиката на сила и на свршен чин, по анексијата на Крим и интервенцијата во Источна Украина, со помош на тамошните бунтовници и платеници од странство, откако новата власт во Киев, во 2014 година, се определи својата лојалност кон Москва да ја замени за определбата кон ЕУ и НАТО.
На тоа, Москва одговори со изнаоѓање партнери на Западот, меѓу тамошната крајна десница, за која се вели дека е и финансиски помагана од руски извори, потоа кај Унгарецот Орбан за кого се вели дека е најблискиот европолитичар на Путин меѓу политичарите од земјите во ЕУ, но и со директно мешање во реонот на Западен Балкан, создавајќи кризи и отворено помагајќи ги локалните антиевропски и националистички политички партии и групи.
Предупредувањето на Макрон
Во годината што измина, своето заминување од политиката го најави Ангела Меркел. По два неуспеха на регионалните избори во Германија, таа се повлече од функцијата лидер на партијата ЦДУ со која управуваше 18 години и објави дека по истекот на сегашниот мандат како канцелар, целосно ќе се повлече од политиката. За нов лидер на најголемата германска партија, однво е избрана една жена – Анегрет Крамп-Каренбауер (Annegret Kramp-Karrenbauer)
Иако ветеран во германската политика, заминувањето на Меркел, сепак, е последица на кризата во политиката на земјата и се случи набрзина, како последица на мигрантската криза, несогласувањето околу приемот на големиот број мигранти, без разлика што земјата и сега има потреба за 400 илјади странски работници и над се, како последица на растот на крајната десница. Нејзиниот забразан раст се смета дека е последица на погрешната политика на Меркел, на која не и помогна ниту опоравувањето на германската економија и забрзаниот стопански пораст.
Засилувањето на крајната десница, на националистите и популистите во земјите на ЕУ и на Европа, го натера францускиот претседател Емануел Макрон (Emmanuel Macron) гласно да предупреди на опасноста – не толку од нивното постоење, колку од инертноста, негрижата и пасивноста на другата европска јавност, на либералните и демократски кругови, на интелектуалците и бизнисот, за кои рече дека се прават оти не гледаат што се случува.
Тој прв во Европа предупреди дека таквата ситуација станува опасна и дека по многу нешто наликува на триесетите години од 20 век, кога истата таква пасивност и незаинтересираност на тогашната јавност, доведе до забразан раст на крајната десница и национализмот, а преку популизмот и неговите методи, до раѓањето на италијанскиот фашизам и германскиот нацизам.
Макрон, меѓутоа, на крајот од годината се соочи со драстичен пад на неговиот претседателски рејтинг, предизвикан од неспремноста на Французите да ги прифатат неговите реформи во работните односи, даночниот и пензискиот систем. Поскапувањето на дизел горивото кое во Франција најмногу се користи, предизвика безмалку социјален бунт на улиците на Париз и уште некои други француски градови, по што францускиот претседател и неговата влада се повлекоа од сите свои реформски зафати.
(С.С.Г.)