Разградување на „нашата земја“
Во овие три ипол децении независност, во тек е третото вмровско разградување на „нашата земја“, како што ја нарекуваат актуелните властодржци Република Северна Македонија. Станува збор за процес, по кој, ако вака продолжи, речиси нема да остане ништо од Асномска Македонија.
Првото разградување (1998-2002), предизвика војна и предлог за поделба и размена на територии, којне успеа. Второто (2006-2017), доведе до заробување и ограбување на државата. Третото е во тек и ако продолжи како што почнало, ќе создаде држава која не ќе може да се препознае.
Новата ненормалност
Кога ДПМНЕ доаѓа на власт, во основа, нискокапацитетните и неуки, но надоени со комплекс на висока вредност вмровски лидери и функционери, прават дисконтинуитет на се во државата- на стратегиските цели и приоритети, на институциите, на внатрешната и надворешната политика…
Со партизација ги разградуваат правната држава, администрацијата, правосудството, безбедноста, образованието, здравството, дипломатијата…
Според новото објаснување, овој процес го нарекуваат „нова нормалност“, која, демек, почнува со нив, а кое доаѓа од нивното позиционирање кон „новата нормалност“ во светот на Трамп. Всушност, што по трет пат се повторува – станува збор за нова ненормалност!
Антиевропски вазалства
Тој процес го следи невиден ревизионизам со се што се работело и функционирало до нивното доаѓање на власт. Дпмнеовци владеат веќе девет месеци и главна тема им е опозицијата, наместо да го остварува тоа што го ветила. Октроираниот лидер, се однесува автократски и нарцисоидно – замислувајќи дека е персонификација на државата, партијата и народот.
Во тесен круг на свои послушници, ги менува стратегиските цели и процеси на земјата. Државата ја води врз трансакциско-корпоративни принципи, како и неговиот ментор, бегалецот од правдата во Будимпешта. Прави сојузи и тајни договори за кои ништо не кажува, остварува антиевропски вазалства со автократи од типот на Орбан, Ердоган, Вучиќ, со луѓе од третото ниво на опкружувањето на Трамп- од безбедносниот сектор.
Ако се прави биланс околу темата што остана од Асномска Македонија, блиску сме до констатацијата- речиси ништо. Државотворната партија СДСМ, покрај заслугите за етаблирањето на земјата во светот, изградбата на институциите, форсирањето на стратегиските цели ЕУ и НАТО, направи грешки со приватизацијата, овозможувајќи им на „црвените“ директори да станат првите македонски тајкуни.
Градење клима на омраза
Тие сега господарат со економските и политичките процеси во државата, коалицирајќи со ДПМНЕ. Во времето на СДСМ имаше колебања околу спорот со Грција за името, па се изгуби многу време и поприфатливи варијанти, за на крајот да се прифати додавката Северна.
Вмровците, пак, својот систем на владеење го поставија на поделби на се во државата по политичка, етничка, верска, идеолошка основа, а најголемото зло беше форсирањето на поделбите во македонското национално ткиво.
Целта беше на тој начин да ја освојува или зачувува власта врз националистичко-популистички теми (предавниците, комуњарите, Албанците, Грците, Бугарите, евроскептицизмот…).
Тоа е процес кој функционира, без разлика дали се на власт или во опозиција. Секако, најмногу доаѓаат до израз кога ја имаат власта.
Против „комунистичките“ симболи
По третото освојување на власта, актуелниот лидер многу жестоко и самоуверено ја „отвори“ колекцијата на национал-популистички и авторитарни манири. Продолжи да ги дели Македонците на патриоти и предавници, отвора со децении затворени прашања, кога ќе му згусти поради нереализираните ветувања, аферите и се потешкиот живот на граѓаните, се „бори“ за идентитетот и јазикот.
Најавува менување на државниот грб, а не кажува што е „комунистичко“ во него – дали сонцето, планините, житото, афионот, тутунот, реките и езерата… кои се препознатливи за земјава и за сите етникуми. Албанскиот партнер во власта заговара промена и на химната и на знамето и Пресметка соУставот.
Во вакви услови, само прашање на време е, не дали, туку кога ќе се начне унитарноста на државата поради барањето на коалициските партнери за албанска заедница на општини, албанска академија, менување на имињата на улиците во Тетово…
Ревизија на АСНОМ
Една група самопрогласени „загрижени интелектуалци“, додека партијата беше во опозиција, груевистичката поделба патриоти и предавници, за да биде повидливо, ја преформулираа во „македонисти“ и „немакедонисти“.
Сега, како и порано, вмровците ја пласираат тезата дека државата е резултат на Илинденците. Рака на срце, иако тие беа замаец на слободарските идеи, сепак, тие не ја создадоа државата, туку партизаните кои, жртвувајќи ги своите животи, во НОБ и Антифашистичката борба, ја извојуваа слободата и ја формираа првата македонска држава. Но, одамна е познато дека вмровците не ги „мирисаат“ партизаните!
Македонско прашање е решено одамна и, секакво негово отворање, што го заговара премиерот, може да создаде нови проблеми. Идентитетот и јазикот, како и државата, се стварност веќе осумдесетина години, со сите релевантни меѓународни правни и научни верификации, па нема потреба никој ниту да ги брани, ниту да бара некој да ги признае.
Влада без компас
Но, се чини, оваа партија и многу нејзини функционери, низ историјата, но и сега, имаат друг проблем -за кој и каков идентитет се залагаат.
Дали за ванчомихајловистичкиот, за бугарски Македонци (во партијата тој уште се третира како нивен деец и не се оградуваат од него), дали за груевистичкиот, антички Македонци (и тоа не е демантирано) или за реалниот, словенски Македонци, на Мисирков, Конески и на македонскиот народ кој живее овде и се гордее со својот идентитет, јазик, историја, културата.
Без стратегиски компас, се прават нови сојузништва и автократски трансферзали- од Трамп, преку Орбан и Ердоган , до Вучиќ и неговиот стретешки парнрер во Северна Македонија, а во заднина е Путин!
Вртење грб на Европа и ЕУ
Веднаш се поставува прашањето што направи комесарот на ЕУ, а потоа и Унгарија за време на претседавањето со ЕУ- поддржуваа други кандидати за прием, не спомемувајќи не нас. Сега, на меѓувладината седница, на која порисуствуваа само вмровските министри и заменици, за да не се дознаат нивните владино/партиски/финансиски зделки, особено околу малијардата и вазалството кон Орбан, што скапо ќе биде платено.
Премиерот кој го копира Вучиќ за седење на две столчиња-на ЕУ и на Трамп. Со негласањето на Резолуцијата на ЕУ за Украина и спонзорирањето на Резолуцијата на САД и гласањето воздржано – и го свртеа грбот на ЕУ. Практично, свртеа грб на нашата повеќедецениска стратегиска определба, за што добија укори од некои европски земји.
Тоа не е одлука донесена, како што истакнува МНР, „врз основа на темелна анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на земјата
„Така ние одлучивме“
За вакви стратешки одлуки, во нормалните земји, се донесуваат по исцрпни дебати и анализи во институциите и со консензус, а не врз основа на волјата на само два-тројца, како што кажа вмровскиот лидер- „така ние одлучивме“! А, ние, практично, се тој и неговиот министер, кои не ја знаат циничната забелешка на Хенри Кисинџер – „Да се биде непријател на САД е опасно, но да се биде пријател на САД е катастрофално“!
Посебно сега со непредвидливиот Трамп!
Во вакви времиња и народот и сите граѓани на Северна Македонија, а пред се власта , треба да знаат како да се провлечат во актуелните глобални политички, стратегиски и безбедносни промени кои се случуваат. Очигледно, веќе не може да помине- „како мали Ѓокица“ ја разбира глобалната-политика. Уште помалку седењето на две столчиња.
За големите одлуки се потребни големи лидери. Промислувања, а не, како за гласањата за двете резолуции во ООН. Но, во македонскиот случај се знае кој одлучува во оваа владејачка гарнитура – човекот/власт/партија во дослух со неговите будимпештански патрони – Груевски и Орбан и во корист на сопствената штета!
Манчо Митевски
