Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Фијаско во Вашингтон

Фијаско во Вашингтон

Украинскиот претседател беше поканет  во Вашингтон од  Доналд Трамп за да се потпише “историскиот договор“  меѓу двете земји, за користењето на минералите и рудите на Украина од страна на САД.  Американскиот претседател на своите гласачи тоа им го претставува како враќање на средствата за помошта дадена на Украинците по руската инвазија од пред три години.

Пред да допатува во Вашингтон,  домаќинот   изјави дека -„има голем респект“ кон Володимир Зеленски и она што го прави за својата земја.

Трамп ја растура Украина

Но, наместо потпишување на договор, украинскиот претседател само после неколку часови замина од Белата куќа- без никаков договор со Трамп,  одново изложен на држење лекции од страна на претседтелот и неговиот заменик Ванс, на закани и на нескриена омраза затоа што не сака да игра онака како што сака претседателот на САД.

Односно да прифати мир со путинова Русија- по секоја цена, или што ќе рече, да се  откаже од 20 отсто од својата  територија. Без притоа да има било какви гаранции дека на деспотот од Кремљ нема да му текне по некое време да бара уште делови од украинската територија, прогласувајќи ги за руски земји и за „руски свет“.

Трамп и на разговорот во Белата куќа остана на тоа дека за него е поважно  да се братими со Путин, отколку да има вистински и траен мир на Истокот од Европа, што Зеленски и Украина не може да го прифатат , уште повеќе што путинова Русија продолжува да ја уништува украинската територија, настојувајќи да изнудат капитулација од Киев.

Свиткување „кичма“

Или  оваа голема земја,  на која Москва и ја има гарантирано територијалната целовитост, да ја претвори во нова Грузија, на која на два пати и им грабнато територија, па сега е претворена во руски сателит, во советски стил.

Гневни на несогласувањето на Зеленски да не прифати диктиран и лажен мир,  Трамп и Ванс одново , како и пред десетина денови, се нафрлија врз украинскиит претседател дека е неблагодарен кон Америка, што тој категорично го отфрла, изразувајќи им јавна благодатност на Американците.

Потоа дека со своето однесување ризикува „Трета светска војна“, на што Зеленски возврати дека и тој и Украина и тоа како сакаат прекин на огнот и крај на војната.

Но, дека на Путин не може да му се верува, што досега се покажа како точно , па затоа инсистира на безбедносни гаранции. Особено со правење територијални концесии од украинска страна, за што Зеленски вели дека не може тоа да го направи без согласност на сите Украинци.

Претстава во Овалниот  кабинет

Целата оваа нова расправија што Трамп и неговите ја сместија во Овалниот кабинет , дозволувајќи присуство на ТВ камери, па дури и на руската државна агенција ТАС, но забранета за агенцијата Асошиетед прес (АП) и за Ројтерс, на тој начин ја направија претстава за крајната американска десница и за величање на претседателот и неговиот контроверзен слоган- Америка на прво  место.

Исто онака како што неодамна (и тогаш пред тв камерите) Трамп се нафрли врз Зеленски , кога овој не се согласи со првата верзија на договорот за рудите и нунералите што трампова Америка ги сака за себе.

Тогаш украинскиот претседател беше наречен „диктатор“- и лидер без мандат, бидејќи поради војната,  изборите во земјата се одложени. Една недела подоцна, кога беше постигната согласност за доворот за ресурсите, Трамп има речено – „дека не верува оти можел да реча такво нешто( за Зеленски)“.

Угодување на Кремљ

Во секој случај, изгледаше дека американскиот претседател сега зборува сосема поинаку, па  дури и навести една „многу добра средба“ (со украинскиот претседател)  околу мирот, за што вели дека се надзира.

Сето тоа се случуваше откако претходно се излета со обвинување за Украинецот   дека тој и Украина  „се виновни за војната“ , како и за тоа дека „Зеленски имал можност за преговори за мир “(доколку го сакал тоа). Станува збор за изјави кои со ништо не придонесуваа  за било каков мир, туку само угодување  на Кремљ и на Путин, за правење на една непринципиелна коалицина, каква немало во поновата политичка историја.

Нападот без основа врз еден сојузник на САД кој е во војна три години, после една брутална руска агресија, изгледаше дека долго ќе трае, посебно што ЕУ застана зад Зеленски и Украина. Меѓутоа, делуваше  дека ситуацијата брзо се измени, откако стана јасно дека кавгата околу користењето на украинските минерали и рудното богатсво , сепак, можело да се испазари.

Мирот останува далеку

Затоа украинскиот претседател беше повикан во Вашингтон, затоа Трамп (практично) се извини за јавните дисквалификации кон  Зеленски и затоа тој  прифати дил со Американците.

И се така- малку малку топло и срдечно, што уште еднаш се покажува дека Трамп не умее да го прави- со својата грубост, ароганција и надменост- а повеќе студено и одбојно течеа работите-  се до петокот кога наместо „историски договор“ се случи фијаско.

Сега веќе  е јасно дека до некое друго време, се одлага  мировниот план што требаше да се постигне за -„24 часови“ -што само Трамп може да го рече и вети со својата самобендисаност, како  и договорот за украинските ресурси со руда и ретки минерали кои и требаат на САД-  за да се ослободи ид кинеската зависност.

Светот бара нов лидер

Во секој случај, после оваа најнова јавна расправија  светот мора да биде свесен дека веќе е влезен во хаотична меѓународната  политика ситуација која овој пат не ја создава само путинова Русија, туку и трампова Америка.

Досегшниот лидер на слободниот свет очигледно е дека веќе не може  тоа да биде, братимејќи се со еден деспотски режим кој војува за освојување нови територии и ги ликвидира своите политички противници. Со претседател кој сонува да биде лидер каде сите треба да му служат.

Европа и ЕУ затоа  треба да ја преземат таа улога.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе