Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

„Пржино“ за Србија ?

„Пржино“ за Србија ?

Американскиот експерт за Балканот, Едвард Џозеф кој пред повеќе години работеше и на „македонскиот случај“- настојувајќи да ја убеди тогашната вмровска влада да се согласи со решение во пакет-за односите со Грција , Бугарија и за црквата (со Србија)- за да се отвори патот кон Европа- сега оценува дека решавањето на политичката ситуација од пред десет години во Северна Македонија може да се искористи за модел, за сегашната длабока криза во Србија.

Модел од регионот

Џозеф кој сега е предавач на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ за белградски медиум има речено дека -тоа е добар пример во регионот, од земја која се најде на работ од опасна и меѓунационална криза, откако таму избувнаа првите масовни протести против режимот на тогашниот деспот Н.Груевски, сега бегалец во Унгарија.

Станува збор за (успешното) изнаоѓање решение, со трпеливи, иако не и лесни преговори, преку посредник,  да се дојде до разврска на кризата  и со мирни средства, да се спречи потенцијалното насилство.

„Тоа доведе до  т.н. „договор од Пржино“ што сега би можел да биде модел и за Србија- секако приспособено за српската ситуација, која е мошне слична со македонската од 2015 година, но сепак, носи со себе и низа посебни услови“- рекол американскиот експерт.

Експертска влада па избори

Основата на „Пржино“- како што вели Џозеф- е создавање привремена влада, во која опозицијата добива клучна улога.

За ова може (како и во македонскиот случај) да има посредник, од САД, или од ЕУ, или од двете страни заедно, но важно е дека договорот  на македонските партии од 2015 година , стави крај на  политичката  и институционална  криза во Северна Македонија.

Постигнатиот договор предвиде влез на претставници на опозицијата  во министерствата, времена оставка на премиерот и создавање на техничка влада за да ја води државата до парламентарните избори.

Под контрола на претседателот

Власта во Србија која 13 години е под контрола и управувана од едно време премиерот Александар Вучиќ, а потоа претседател, кој себе си има доделено и премиерски овластувања, по оставката на  формалниот премиер (Вучевиќ), целосно е рацете на шефот на државата.

Тој носи одлуки, дава инструкции во путиновски стил, ги прекорува и ги менува функционерите.

Но, им кажува на судиите кој може , а кој не може да оди во затвор ( како на пример со министерот за градежништво по трагедијата во Нови Сад – затоа што има признание дека му бил дамнешен другар. Конечно, јавно се расправа со опозицијата и им „суди“ на сите кои ги подржуваат студентите во нивните три месечни демонстрации.

Протести за европска Србија

Тие , пак, бараат една поинаква Србија, вистински демократска, проевропска, ослободена од режимот на владеачката СНС партија на А. Вучиќ. Бараат правна држава и одговорност за новосадската несреќа од почетокот на ноември, а над се бараат елиминацијата на широко распростанетата корупција и елиминација на криминалот под државна капа.

Ароганцијата и грубиот јазик на претседателот кон политичките противници, несвојствен за земја која сака во ЕУ, но типичен за западнобалканските десничари, популисти, и натаму не стивнуваат.

По  шокот што власта го доживеа после масовниот митинг во Нови Сад и 24 часовната блокада на студентите и граѓаните на трите мостови преку Дунав, се заострува реториката кон противниците на режимот , кои се обвинуваат за „непатриотизам“ , за „предавство“ и за „несрпство“. 

Во исто време, сега се нуди некаква  разрешница на длабоката криза со одржување на вонредни избори.

Исполнување на студентските барања

Во исто време, меѓутоа,во услови кога земјата нема влада, министрите (во оставка) се јавуваат и како помирувачи, нудејќи разни бенифиции за студентите- настојувајќи да ги „купат“ и да ги запрат демонстрациите- а притоа,  забрзано вршат чистки во државната администрација и во јавниот сектор, прибирајќи ги само лојални на власта.

Избори, после хаосот во кој се наоѓа Србија, и тоа подолго време, секако, на крајот ќе мора да има.

Но другата страна вели дека не сака тоа да се случи сега, под сегашните пропси и услови во кои владеачката сила ќе се справи и со протестите и со студентите и со (се уште слабата и неединствена0 опозиција.

Се бара, затоа,  прво исполнување на студентските барања, зад кои застана голем дел од домашната јавност, па уредување на нови изборни правила и прописи, а се погласно се слуша и за претходно создавање техничка влада.

Против експертска влада

Според тоа, излегува дека идејата што ја заговара Едвард Џозеф не е само негова и таа некако се „тркала“ во домашната јавност . За техничка влада која би ги подготвила изборите, уште и со посредник од надвор, Вучиќ не сака ниту да слушне.

Така барем има реагирано на сугестијата  за „српско Пржино“, иако не се знае дали и некој друг од Европа или од САД  ја има нафрлено ваквата идеја. Српскиот претседаел (сега) би преговарал за ставање крај на кризата, иако не се знае како- со нова влада, или со нови избори. 

За идејата на Џозеф, сепак, е категорично против. Има речено дека- „може и да ме убијат, но привремена, техничка ,или експертска влада, во Србија  никогаш нема да има“. 

Веднаш по него се огласија „вечниот “ Ивица Дачиќ кој се спротивставува на создавање „револуционерна“ влада, потсмевајќи се со сегашната „обоена (шарена) револуција “ која и се случува на државата, само како последица на – како што се вели- ненародниот режим кој ја има заробено земјата и ја влече назад.

Компромис или сила

Тоа значи дека кризата останува и може само да се засилува. Отпорот кон режимот  најавува дека после изминатите три месеци протести и блокади, работите може само да се радикализираат- без да се попушти  пред власта и нејзините игри во стилот- раздели, завади и владеј.

На Александар Вучиќ , од друга страна, му останува или да прифати комромис, нешто што тој не знае да го направи, или да примени сила за задушување на бунтот на студентите и на граѓаните-  со полициски час и со апсење на оние кои режимот ги смета за свои противници.

Европски дипломати веруваат дека тоа решение – кое не е неможно- би било погубно за сегашната власт и за српскиот претседател, но како и да е регионот , одново, како во времето на Милошевиќ, е заробеник на Србија која и натаму останува „созадача на проблеми“ на Западен Балкан.

(Спектатор)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе