Грузија меѓу Европа и Путин
Со денови траат протестите во Тбилиси и другите градови на Грузија против владата и исто толку време полицијата брутално се судира со проевропските демонстранта.
Се користат дури и водени топови, за кои локалните аналитичари сметаат дека на властите им требаат за да ги исплашат демонстрантите и да ги натераат да се откажат од протестите. Но, иаку прекумерната сила може да доведе до повлекување на демонстрантите од улиците, отпорот кон владата и гневот на луѓето нема да престане.
Особено што незадоволството експлодира откако власта најави дека ќе ги прекине разговорите со Брисел за приклучување на Грузија кон ЕУ.
Претседателката го предводи отпорот
Веста ја шокира домашната (проевропска) јавност, која во големо мнозинство сака Грузија (конечно) да излезе од руската сенка и да стане дел од Европа, како полноправна членка на Унијата.
Во тие моменти, на чело на спротивставувањето на владата застана храбрата и силно европски определена претседателка на државата Саломе Зурабашвили кој ги повика луѓето на демонстрации против владината анти-ЕУ политика.
Таа вели дека полициската суровост е „дел од систематското насилство против луѓето кои не сакаат да се вратат под руска контрола“.
Тоа, пак, ја покажува сегашната длабока политичка криза во оваа поранешна советска република, за која не се знае ниту како ќе заврши, ниту пак како на крајот ќе се определат Грузијците, За Европа и ЕУ, или уште еднаш ќе се свртат кон Русија со која сега деспотски управува Владимир Путин.
Наместени парламентарни избори
Протестите, меѓутоа, траат уште од октомври и тогашните парламентарни избори кои и опозицијата и посматрачите ги оценија како нефер и нечесни . Грузиската опозиција смета дека тие се наместени и фалсификувани, па затоа одбива да ги признае, барајќи ново гласања.
На тие избори (одново) победи проруската партија Грузиски сон која веќе 12 години владее со земјата во типичен руски, путиновски стил.
Воспоставувајќи авторитарна власт, копирајќи ги путиновите закони ( за третманот на критичарите на власта за странски агентури ) и носејќи закони против човековите слободи и контра ЛГБТ заедницата.
И покрај отпорот на опозицијата, изборната комисија ги отфрли сите приговори и ја прогласи владеачката партија за победник , со обезбедено апсолутно мнозинство.
Грузија ги прекина разговорите за ЕУ
Уставниот суд кој во вакви држави е само делод власта, прифати да го разгледува барањето на опозицијата за повторување на гласањето, но на шестиот ден од протестите, одби да ги поништи изборите од 26 октомври.
Опозицискиот блок, кој ја бојкотира работата на новиот Парламент, најавува дека нема да се врати во него, прогласувајќи го за нелегитимен.
Демонстраците против изборниот грабеж изгледаше дека полека се гасат , кога арогантниот премиер Иракли Кобахидѕе со својата одлука- за прекин на разговорите со ЕУ до 2028 година- ја покрена лавината протести против него , неговата партија и напуштањето на европскиот пат.
Сегашните-про ЕУ протести се и помасовни и поенергични, затоа што целта за влез во ЕУ е внесена и во Уставот на Грузија. Уште повеќе, што една ваква одлука е доннесена набрзина, без претходни консултации. Во таква атмосфера не помогна допонителното објаснување на премиерот дека земјата- сепак- до 2030 година ќе биде дел од Унијата.
Во служба на путинова Русија
Во меѓувреме , власта за средината на овој месец најави и одржување претседателки избори, на кои очекува да извојува победа и да ја зацементира својата контрола во државата, од што- како што се смета во Тбилиси- најголема корист ќе има само Русија.
Претседателката од почетокот на кризата ја обвинува Москва дека таа стои зад ваквите избори, зад наместената власт која ни таа не ја прифаќа, порачувајќи дека нема да му ја предаде функцијата на кандидат, определен од нелегитимна влада, кој според неа, исто така ќе нема легитимитет.
Власта,пак, за немирите ја обвинува опозицијата, тврдејќи дека наводно- сака копирање на ситуацијата во Украина, дека се обидува да направи „шарена револуција“ и да ја урне власта, а дека сето тоа се прави со помош на Западот.
Два пати жртва на руска агресија
Станува збор за вообичаената квалификација на Кремљ , за сите проевропски политички амбиции на државите од пропаднатиит СССР, што Путин наумил да го обнови- како „руски свет“- со помош на деспотите и диктаторите на власт во поранешните советски републики.
Грузија во едно вакво путиново сценарио има најмалку мотиви за да биде проруски сателит, зашто на два пати беше жртва на руската агресија, после кои остануваше без делови од својата територија.
Првиот пат уште во 1991 година, кога по распадот на СССР , Русите ја запоседнаа Абхазија, која беше дел од грузиската територија, која потоа прогласи „независност“ која никој не ја признава. Вториот пат кога со руска помош се отцепи Јужна Осетија ( и се припои кон Русија), во текот на осумдневна грузиско-руска војна која заврши со пораз на грузиските сили.
И вака територијално осакатена и понижена од Русите, во Грузија се уште има сили кои се спремни да и служат на руската кауза- за обнова на некогашниот СССР- што ја прави сегашната криза тешко разрешлива.
Три сценарија за излез
Сето тоа во услови кога наспроти проеврпесјтвото и желбата да се биде дел од ЕУ, се оние кои се за останување во „рускиот свет“ на Путин кој има уплав од секоја амбиција на заробените екс советски републики да бидат дел од Европа.
За домашните аналитичари има три сценарија како понатаму. Едното е Грузиски сон да се повлече и да се спроведе планот на претседателката- за нови избори кои би ги распишале старата влада.Второто сценарио се означува како контрареволуција, односно да се задушат протестите, да се забранат партиите и да спроведе целосна путинизација на земјата. Третото, пак, се означува како револуција.
Тоа би било во услови на останување на Грузиски сон на власт, кога би се создал алтернативен политички центар околу претседателката како единствената легитимна институција- со техничка влада до нови избори, што по одлуката на Уставниот суд останува единствена опцијаќ
(Спектатор)