Нотр Дам вратена на Париз и Франција
Францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со црковнни високодостојници и бројни телевизиски екипи, прв влезе во обновената и целосно реставрирана катедрална црква Нотр Дам во Париз, која речиси беше уништена во големиот пожар, во април 2019 година.
Домашната јавност и светот во петокот, за прв пат, видоа како (сега) од внатре изгледа оваа црква- еден 0д симболите на францускиот главен град- величајќи ја огромната работа на сите кои во изминатите 5,5 години макотрпно имаат работено за да ја санираат, да ја обноват, но и да ја реставрираат црквата, изградена уште во средината на 12 век.
„Направено е нешто нестварно“
„Вашата работа од почетокот изгледаше како невозможна мисија и она што го имате направено е нешто нестварно“- има речено Макрон, изразувајќи ја притоа благодарноста на целата земја кон сите кои имаат придонесено Нотр Дам да им се вратат на Париз и на Франција.
Досега и до посетата на шефот на државата, внатрешноста на обновената катедрална црква беше како строго чувана тајна. Освен повременото појавување на малку фотографии, јавноста не знаеше што е се направено во обемната операција за зачувување на ова големо светско културолошко дело.
Особено што после пожарот, црквата не само што се обновуваше од она што го има предизвикано огнената стихија, туку е поправана и структурата на целата градба, иако пожарот ја немаше оштетено. Во црквата не беше извршено поголемо реновирање уште од 1850 година, после еден тогашен пожар.
Обновена е структурата на црквата
Обновата на Нотр Дам се проценува на 700 милиони евра. Во оваа цена е вклучена и целосно новата кровна конструкција , за која се вели дека не била поправана уште од Средниот век.
На 15 април 2019 година Французите и светот , со вчудоневиденост гледаа како гори и пред нивните очи исчезнува гордоста на францускиот главен град и еден од симболите и на католичкиот свет. Никој до тогаш како да не веруваше дека тоа може да и се случи на „Нашата Госпа“ ( како што во превод значи името Нотр Дам).
Над 15 часови , повеќе од 600 пожарникари се имаат борено со огнената стихија, во која исчезнаа и покривот и знаменитата кула на црквата. Никој притоа не настрада, но медиумите пишуваа дека за парижани и за цела Франција исчезнувањето на Нотр Дам, делуваше како да е загубено нешто многу драгоцено.
Сведок на историјата
Црквата е изградена пред 850 година и од тогаш таа станува своевиден сведок на бурната француска и европска историја.
Таму, на пример, во 1431 година бил крунисан- и како француски крал- англискиот крал Хенри Шести, а во 1804 година во Нотр Дам е прогласен за император Наполеон Бонапарта.
Со годините , оваа црква е прогласена и за еден од главните симболи на европскиот католички свет, а за Франција Нотр Дам е и т.н. “нулти точка“- од каде се мери одалеченоста на Париз од светот.
(П.Ф.)