Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Украина илјада денови во војна

Украина илјада денови во војна

Илјада денови Украина е во една наметната и со ништо не предизвикана војна. Исто толку време, земјата и нејзините луѓе се жртви на  агресија , каква на европскиот континент немало од времето на Хитлер, нацизмот и Втората  светска војна.

И илјада денови изминаа во кои Украинците се принудени   да се оправдуваат пред лагите на руската пропаганда- дека Украина е виновна за војната. Една ноторна лага која веднаш ја прифатија и брзо ја ширеа  русофилите и руските платеници- од Западот , преку оние во Централна Европа, се до  таквите на Балканот.

Клеветење на Украинците

Според ова- во основа, неморално друштво- излегува дека  путинова Русија – морало да интервенира,  дека Москва (наводно) се брани од „странската агресија“, што ја предводат НАТО, Американците, ЕУ и Западот, а дека Украинците, безмалку,  самите покренале војна против себе.

Вистината е дека пред илјада денови Владимир Путин и неговата Русија извршија брутална инвазија врз една независна и суверена држава , на која Москва ( со договор) и го гарантираше територијалниот интегритет.

Откако во март 2014 година Русите прво го запоседнаа, а потоа и го анектираа Крим, а еден месец подоцна, предизвикаа побуна на руските елементи во Источна Украина-во Луганск и Донецк.

Руската страна тоа го прикажува како „легитимен бунт“ на локалните Руси, кои наводно  биле изложени на „нацистичкиот терор“ од страна на Украинците.

Погазен договорот од Минск

Всушност, станува збор за уфрлени оперативци на руските тајни служби , кои заедно со тогаш непознатата платеничка војска „ Вагнер“ го запоседнаа и Донбас, предизвикувајќи воен судир со регуларната украинска армија.

Како што тогаш руската страна предизвика брзо успех на фронтовска линија на украинскиот Исток, Путин лесно успеа да постигне иницијатива и по инвазијата 0д  февруари 2022. погазувајќи го притоа договорот од Минск, за прекин на воените операции ( во Донбас), што го искористи за подготовка на инвазијата врз Украина.

Сега е јасно дека само Путин сакаше војна, мислејќи дека таа ќе заврши за некоја недела  (како во Грузија во 2008 година), иако велат, дека имало спремено свој човек за наследник на Зеленски, кој пак, во редовни околности, ќе беше поразен на првите наредни избори.

Путин сакаше воен судир

Во секој случај, на Путин му требаше воен судир од пошироки размери,  за се она што го правеше потоа и за она што сега го прави- ризикувајќи ги притоа  животите на 400 илјади свои загинати војници- платеници, затвореници, намамени и уценети имигранти, а над се припадници на разните (азиски) малцинства во Русија.

Војната му требаше да го изгради својот „руски свет“, некаков обновен СССР по кој (велат) тагува, за да ја врати советската ( руската) слава, а себеси за да се постави како светски лидер- како поранешните комунистички  генерални секретари на партијата.

Војната му треба и за да ( војувајќи против “руските непријатели“) на домашен терен целосно загосподари со Русија, воспоставувајќи деспотија каква што имало во времето на диктаторот Сталин.

Сето тоа за сметка на украинската желба за ослободување од  позицијата на сателитска држава на Русија , каква што сега е  Белорусија, и на можноста Украинците  самите да ја определуваат својата иднина.

Раселени десет милиони луѓе

Војната , меѓутоа, го покрена и самочувството и патриотизмот и свеста за украинската самобитност и посебност. Киев и Украинците, сепак,  скапо ја имаат платено борбата за својата слобода.

Под руска контрола се Донбас , како и Запорожје и Хершон и Крим, кои се окупирани и анектирани. Путин зборува за 20 отсто освоена територија од Украина-која за него е „ослободена“  руска земја од времето на  некогашната Новоросија.

Свесно ја разурнува и уништува Украина и нејзината индустрија и инфраструктура.  Има илјадници ранети и убиени цивили, раселени се над десет милиони луѓе, што предизвика една од најголемите кризи во Европа и светот.

Според УНХЦР над 6,7 милиони луѓе нашле засолниште во некоја од земјите на Европа.  Само оваа година 400 илјади, а 170 илјади мораат да бегаат од Истокот на Украина, затоа што се соочени со насилна русизација.

Дури 40 отсто од Украинците зависат од хуманитарна помош. Досегашната проценка е дека земјата има штета од најмалку 155 милијарди долари.

Нуклеарни закани

На воен план, Украинците успеаја да се повратат од првичните руски удари и дури да тргнат во противофанзива, во реонот на Курск, на територијата на Русија и да ја одржуваат.

Путин таму сега има примено ( како помош) околу 20 илјади севернокорејски борци, за да му помагаат на фронтот- за да се запрат Украинците. На  новиот „цар“ од Кремљ, пак,   му останува само уште да се фали и да им се заканува со своето нуклерно оружје на Западот и на ЕУ.

Заканата останува да се има во предвид, особено што доаѓа од човек кој е спремен се да направи за да остане на власт до крајот на животот, иако сигурно знае дека и другите имаат нуклеарно оружје и нема да седат и да чекаат Путин да ги убива. 

Трезвени аналитичари не веруваат дека дури и тој – таков каков што е- ќе се одлучи за атомското оружје за да задржи 20 отсто од освоената територија на Украина и за да го натера Киев да капитулира- да му се предаде.

Кина ја спасува Русија

Во меѓувреме, стана јасно дека Русија- како воена економија- во овое илјада денови покажува отпорност , благодарејќи на извозот на гас и нафта за Кина и Индија , кои на тој начин прават резерви за себе ( а можеби и за трети страни), во услови на остри санкции.

Тоа, секако,  не значи дека Русија нема криза дома, или проблеми во економијата, со БНП и со одржувањето на стабилноста на националната валута, како и со бегството на младите и образувани кадри.

Експертска проценка е дека кризата би била и многу поголема и многу подлабока,  доколку не е вистинското предавство на Кина- одржувајќи  во живот еден  агресор кој се заканува  со нови агресии- со што се девалвираат ефектите од  санкциите.

Во оваа се вклучени и други земји, како орбанова Унгарија, или земји надвор од ЕУ, како западнобалканци.

Трамп ќе се пазари со Путин

На украинската страна, пак, САД,ЕУ, Велика Британија, Канада и другите и имаат дадено- најразлична помош, не само воена- од над 120 милијарди евра.

Во една ваква ситуација се појавува Доналд Трамп со своето надмено тврдење дека кога ќе стапи на власт ќе ја заврши војната за -24 часови. Дури и нему блиски политичари велат дека сега веќе и не дава такви ветувања. Уште помалку дека лесно ќе се испазари со Москва.

На другата страна е Путин со своите лажни изјави и лажната спремност за мир. Во основата на неговиот  деспотски карактер-  е да не преговара , туку да чека да му се овери победата- која каква и да биде, сепак,  нема да биде победа.

Нему војната сега му е начин за да остане на власт и за да владее како што досега владее.

( Спектатор)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе