Бајден со лекција од демократија за Трамп
Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп беше примен во Белата куќа од актуелниот шеф на државата Џо Бајден кој, уште еднаш му ја честитал изборната победа, ветувајќи му дека примопредавањето на власта ќе се спроведе демократски и на мирен начин.
„Добродојдс назад Доналд“ – му рекол Бајден на Трамп, на самиот почеток на средбата, додека се уште биле присутни новинарите и телевизиските камери.
Притоа, додал дека како се уште актуелен претседател ќе се погрижи неговиот претходник и наследник , да биде прифатен како што доликува и како што налага традицијата, при преземањето на функцијата.
„Политиката знае да биде непријатна“
Трамп, од своја страна , му се заблагодарил на Бајден за глаткиот трансфер на власта.
„Во многу случаи политиката знае да биде тешка , да биде неубав и непријатен свет. Но, денес,светот е навистина преубав„- рекол новоизбраниот претседател, додавајќи дека- „много ја цени мирната, глатка транзиција и дека знае оти оваа ќе биде една од најглатките“.
Средбата понатаму продолжила зад затворена врата.
Одлуката на Бајден да го покани Трамп во Белата куќа , лично да му ја честита изборната победа и ветувањето дека демократкста власт на заминување мирно ќе им ја предаде власта на републиканците, во јавноста на САД е примена со големо одобрување.
Одобрување во јавноста на САД
Но, и со олеснување, поради стравувањето на добар дел од Американците дека транзицијата на власта би можела (одново ) да биде бурна и со насилства.
Медиумите ја истакнуваат големината на Бајден како демократ кој половина век е во политиката и дека со повикот до Трамп и со начинот на кој бил пречекан новоизбраниот претседател, им има очитано лекција од демократија, на тврдите републиканци кои сега доминираат во оваа партија, а посебно на десничарите кои ќе ги има и во идната администрација.
Но, станува збор за лекција и за самиот Трамп и за неговото- не само нетрадиционално однесување, туку и за газењето на Уставот, кога требаше да се изврши транзицијата на власта во јануари 2021 година, по победата на Бајден.
„Убаво е кога ќе се победи“
Трамп тогаш не само што не ги признаваше изборните резултати, туку одби да му честите на победникот, не присуствуваше на инаугурацијата, па дури потикна и обид за пуч, за поништување на изборните резултати.
Последен пат Трамп беше во Овалниот (претседателски) кабинет на Белата куќа кога му напиша писмо на тогаш новиот претседател (Бајден) и го остави во фијоката на претседателското биро, гневен што беше поразен.
Се врати во средата ( на 13 ноември) во сосема поинакво расположение, признавајќи им на републиканските конгресмени еден ден пред тоа, дека – многу е убаво кога ќе се победи.
Она што (засега) не се знае се прашањата за кои разговарале двајцата политички лидери, зад зтворената врата.
Без Меланија во Белата куќа
Медиумите, претходно најавија дека Бајден ќе настојувал да го увери Трамп да не ја напушти Украина и да не им ја предаде ( заедно со целиот Исток на Европа) на Владимир Путин и на Русија. Односно дека капитулацијата на Украинците не е во интерес и на самата Америка.
На приемот во Белата куќа требало да се појави и сопругата Меланија Трамп, но новоизбраниот претседател дојде сам.
Актуелната прва дама Џил Бајден му се придружила на сопругот , честитајќи му ја победата на Трамп. Таа и упатила покана на Меланија за традиционалната средба на првата дама на заминување со новата, но колку што се знае- сопругата на Трамп ја одбила поканата. Наводно, била премногу зафатена со обврските врзани за нејзината биографија.
(В.А.)