Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Борисов со најмногу гласови

Борисов со најмногу гласови

Поранешниот премиер Бојко Борисов и неговата десно-центристичка партија ГЕРБ освоија најмногу гласови на предвремените- седми по ред парламентарни избори во Бугарија- за нешто повеќе од три години- освојувајќи 25 отсто од гласовите.

Нивниот главен противник, партијата ПП/ДБ (Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија) доби речиси десет отсто помала подршка, додека како трета партија, овој пат, е ултрадесничарската, тврдо националистичка партија Взраждане (Препород), која остана за помалку од два отсто гласови зад проевропскта ПП/ДБ.

Во потрага по коалиција

Натаму следуваат социјалистите од БСП, овој па настапувајќи како Здружена левица, па потоа партијата  ДПС – Нов Потик, едно крило од доскорешната единствена партија на бугарските Турци, која на претходните, шести предвремени избори во јуни, беше втора.

Во првата изјава по изборите Борисов, кој иако се прогласи за победник, за да формира влада му требаат барем два коалициони партнери, рече дека тој и неговата партија се подготвени да коалицираат со сите освен со националистите од крајната десница.

Во сличен тон е и изјавата на лидерот на ПП/ДБ Кирил Петков кој само порача дека (одново) треба да се прави коалција, но тој не кажа со кого неговата партија не би коалицирала. 

Кризата продолжува ?

Ваквите изборни резултати само навестуваат дека Бугарија и натаму останува во длабока политичка криза и (практично)  изолирана од другите во ЕУ, затоа што никако не може да формира и да одржи една политичка влада.

После претходните шест предвремени избори од 2021 година, само на два пати земјата некако успеа да формира избрана влада- еднаш со Петков како премиер, а вториот пат, со обидот да се копира ирско-израелскиот модел за влада со ротирачки премиер и министер за надворешни работи.

Правејќи ваква влада за рок од 18 месеци- за да Бугарија ги исполни обврските кои го има кон Унијата- и за да може да ги користи блокираните европски пари, не се создаде коалиција меѓу ПП/ДБ и ГЕРБ, туку само времен политички сојуз за излез од кризата.

Мешање на Москва и русофилите

Но додека и во Израел, а и во Ирска овој модел за деблокирање на политичката криза, успешно беше спроведен, во Бугарија издржа само шест месеци, пред да се распадне.

Владата на Кирил Петков, пак, првиот бугарски политичар кој се определи за вистинска европска Бугарија, целосно свртена кон Западот и западните сојузници, беше соборена од домашните русофили во крајната десница, во социјалистичката БСП и во кабинетот на претседателот Румен Радев кој и самиот важи за русофил. Успеа да се одржи  малку над шест месеци.

Петков беше премиерот кој вети дека со владата во Скопје, за половина година ќе ги среди сите постоечки проблеми меѓу двете држави. Иако од македонска страна доби подршка за таквиот амбициозен  план, на тоа му се спротивсравија Радев, БСП, националистите и целото руско „дружество“ во Софија- предводени од Москва.

Кризата и помага на крајната десница

Последните предвремени избори во јуни, не дадоа никаков резултат и само ја продолжија кризата во која Бугарија живее веќе четири години, давајќи му на тој начин , некаков мандат на претседателот Радев да дејствува и како  извршна власт,  иако постојано, формално, постои техничка влада.

После сегашните седми избори, домашни аналитичари предвидуваат дека кризата ќе продолжи, земјата ќе остане и натаму со техничка влада, а сето тоа ќе заврши со уште едни предвремени избори, рано на пролет.

Она од што се стравува во ЕУ е дека кризата без крај во која живее земјата, само ја охрабрува домашната крајна десница, предводена од тврдите националисти и силни русофили да продолжат да го зголемуваат својот рејтинг.

Слаб одзив и купени гласови

Граѓаните покажуваат што мислат низ се послабиот одзив ( овој пат меѓу 35 и 38 отсто), но со многу купени гласови (како во Северна Македонија или Србија), со многу гласови стекнати за партиите под притисок, или со изнуда – како од политичките партии, така и од компаниите.

Во една ваква ситуација, профитира Взраждане кое во кампањата бараше Бугарија да се сврти кон Русија. Преку укинување на санкциите кон Москва, прекинувајќи ја помошта за Украина и заговарајќи референдум за излез на земјата од НАТО. Лидерот на оваа ултрадесничарска партија е сојузник и пријател со Владимир Путин и често е во Москва.

Во ова меѓувреме, Бугарија останува една од најсиромашните земји во ЕУ, со неуредено судстви и правен систем, за кого во Европа се вели дека е во служба само на политичарите.

(Д.С.) 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе