Потрошена е вредноста на ВРЕДИ?
Кога ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, се во државата мора да почне од почеток, од нив, што подразбира радикален дисконтинуитет со претходната власт.И со лошото, но и со најдоброто. Целите се програмираат во изборни програми накитени со бројки и поткрепени со милијарди евра… Никола Груевски настапи со „Преродба во 100 чекори“, а Христијан Мицкоски со „Платформа 1.198“.
Во суштина, овие програми се базираат на популистичко-националистичка прагма, односно се кажува она што сака народот да слушне, а не дали тоа е реално остварливо.
На времето, Љ. Георгиевски и В. Тупурковски ја измислија „милијардата на Циле“ од Тајван, Груевски вети осум милијарди инвестиции. а сегашниов лидер, да не остане подолу, најави милијарда кредит- од Орбан со пари од Кина!
Етнички и политички проблеми
При формирањето на вмровските влади, како приоритет над приоритетите се става економијата, а кон ова актуелната влада ја додаде и борбата против криминалот (во стилот „крадецот трча и вреска држете го крадецот“.
Веднаш зад овие приоритети – и Груевски и Мицкоски прогласија мораториум за политичките и за меѓуетничките прашања. Тоа, на обајцата им се врати како бумеранг. Мицкоски, глава не може да крене од етничките и политичките проблеми.
Економските експерти (и комори, па и онаа на вечниот Азески) тврдат дека економијата стои, како за неа да е прогласен мораториум, а меѓуетничките и политичките прашања вријат.
И поранешниот и сегашниот вмровски лидер, иако ДУИ (2006) имаше освоено најмногу гласови и пратенички места кај албанскиот кампус , за коалициски партнери во власта избираа други албански политички субјекти. Груевски се определи за ДПА. Сегашниот заигра на ВЛЕН/ВРЕДИ.
ВРЕДИ на политичката сцена
Мицкоски направи коалиција со радикални националисти, но политичко-државнички дилетанти од албанскиот кампус, кои заговараат заедница на албански општини, „локална“ албанска академија на науките и уметностите, одржуваат верски обреди во парламентот, ја бојкотираа меѓувладината седница со Србија…
Потоа продолжува се по старо, како порано, во стилот – само што него го нема, ама тој може и од Будимпешта- Но сега со политичари и функционери, второкатегорници, кои во претходната власт на Груевски биле апаратчици и потрчковци, без идеолошко-политички и државнички капацитет.
За десетина дена владеење го нарушија тешко изградениот меѓународен углед на државата од претходната власт и не скараа со стратешките партнери и соседите.
Неодамна се навршија сто дена на владата. Се изрекоа илјадници пофалби од функционерите и од медиумските платеници и се поставија безброј билборди по улиците и автопатите за „невидените“ остварувања на владата. Наводно, поефикасна влада немало досега, дека се што ветиле – оствариле.
Вмровците форсираат криза
Во стариот, познат стил на Груевски, излезе дека оствариле и работи што не ги ветиле, дека овој премиер е „најпаметниот“ досега кој се разбира во (политика, економија, надворешни и внатрешни работи, психологии, социологии, да не зборуваме за профити, мали хидроцентрали). Вистински супермен: „човек – влада – партија“!
Може уште многу да се анализира за стоте дена на актуелната влада. Но, во моментов најзначајни се меѓунационалните релации и проблеми, кои ВМРО-ДПМНЕ ги форсира, а партнерите ВРЕДИ и ЗНАМ ги подгреваат.
А, сето тоа му одговара и на ДУИ, бидејќи се најзапаливи и предизборно најкоњуктурни за националистичките партии како нив. Има многу коинциденции со 2008 година, па затоа има и изгледи тогашниот епилог да се повтори.
„Мајскиот договор“ со ДУИ
Во 2006 година, Груевски победи на изборите и формираше парламентарно мнозинство со партиите на Тито Петковски и Стојан Андов. Бидејќи во секоја влада како коалициски партнер има партија од албанскиот блок, а вмровците не сакаа да коалицираат со партијата на УЧК, како што ја нарекуваа – ДУИ, ја зедоа со себе ДПА, без разлика што ДУИ имаше најмногу пратеници.
Интегративците две години протестираа, но во исто време и тајно преговараа со вмровците, па се направи тајниот „Мајски договор“ за коалиција на победничките партии на изборите. Во 2008 година, ДПА беше исфрлена од владата, а беше внесена ДУИ.
По изборите на крајот на 2016 година, уследи своевидна вратка- иако ДПМНЕ имаше освоено повеќе пратенички места, ДУИ во последен момент го прекрши договорот. Се определи за коалицирање со СДСМ , па со нив формира парламентарно мнозинство и влада.
Враќање во 2008 година?
По годинешниве избори , се повтори ситуацијата од пред 12 години. Вмровците му испратија порака на ДУИ дека веќе не важи „Мајскиот договор“ и за коалициски партнер го одбра маргиналното движење ВРЕДИ.
Еден недефиниран конгломерат на партии, поточно лидери со големи суети и националистички потенцијал, но без некоја идеолошко-политичка и државничка вредност.
Бидејќи со вмровците се е предвидливо, а со оглед на меѓусебните гестови на партијата со ДУИ, не би било неочекувано да се повтори 2008 година.
ДУИ бара да продолжат решенијата од „Мајскиот договор“, а владеачјата партија јавно е против. Меѓутоа, ДУИ наеднаш почна да гласа за се она што им е потребно на вмровците -за да си го заокружат својот систем на владеење.
Национализам и популизам
Кога станува збор за интересите и на двете партии, постои еден релевантен факт. Овие партии постојано играат на картата на национализмот и популизмот.
Затоа, во предизборни цели, а тоа се периодот 2008-2016 и периодот што следи пред локалните избори во 2025 година (со можност и за предвремени парламентарни избори), ќе ги подгреваат политичката нетрпеливост и национализмот, бидејќи тоа ги зголемува нивните шанси за победа.
Всушност, најавите на ДУИ за протести и тврдењата на вмровците дека тоа ќе ја дестабилизира земјата и ќе создаде меѓуетнички и политички тензии се само дел од стратегијата што ја спроведува премиерот- напоредно со орбанизацијата/груевизацијата, да ја зацементира и својата власт.
Партијата ВРЕДИ за него е „ситна риба“, со ограничен рок на траење, а за вмровците, преоден политички субјект. За нив ДУИ е факторот , како партија со политички сенс и искуство.
Може, затоа, да се случи, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, по неколкуте меѓусебни собраниски кокетирања и договорени гласања, сепак, да продолжат со соработка, откако ќе го активираат „Мајскиот договор“.
Партија за еднократна употреба
Изгледите за тоа се многу извесни. Во ВРЕДИ, по сто дена во владата, што несомнено носи моќ, но и привилегии, сфатија дека власта носи и голем товар. Затоа, и ВРЕДИ, како и ВМРО-ДПМНЕ , во зависност од потребите, се однесуваат како власт, или како опозиција. Но, таа дволичност не може да се одолжуваат во недоглед, па неисполнетите ветувања и очекувања обично се враќаат како бумеранг.
Од ВРЕДИ сфаќаат дека вмровците ги насанкаа на неколку позиции кои тие предизборно ги ветија и бранеа.
Прво, заедница на албански општини, па албанска академија на науки, а потоа Законот за јазиците, балансерот, или за шест месеци промена на Уставот и почеток на преговори со ЕУ. Сфатија дека како партиципиенти во власта, наместо да добиваат, повеќе губат. Оттаму, често се манифестира опозициски наратив- во многу изјави и однесувања.
Недоверба меѓу коалиционите партнери
Но, власта не е блеф и тоа е веќе прочитано од големиот број граѓани кои на изборите го дадоа гласот за коалициските партии на ВРЕДИ. По сто дена коалиција, се забележуваат знаци на недоверба меѓу партиите во власта, иако тоа се демантира. Веќе еднаш се случи испипување на политичкиот пулс меѓу двете владејачки коалиции.
ВРЕДИ најави напуштање на коалицијата поради ставањето на расправа на Законот за јазиците и на балансерот (кој веќе падна) на Уставен суд. Премиерот им порача – со здравје, па од ВРЕДИ веднаш ја „излижаа“ заканата. Во ова меѓувреме , ВРЕДИ и ЗНАМ непрекинато меѓусебно јавно се препукуваат.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше СДСМ дека седнале во скутот на ДУИ и дека ги поддржувале неговиот криминал и каприци. Сега вмровскиот дел од власта ги брани, или молчешкум ги голта аферите на екстремните националисти од ВРЕДИ.
Во исто време, од вмровците остро напаѓаниот ДУИ , сега најавува протести за легитимирање на „мајскиот дил“ за почитување изборните резултати.
Обнова на старото братство
Но, поголем проблем за државата е што Мицкоски, Таравари, Гаши, Касими, Меџити, и пуленот на Црвенковски, Димитриевски, освен кога ја користат моќта на власта, повеќе се однесуваат како опозиција и се занимаваат со поранешната власт, наместо да работат и да го остваруваат ветеното- во интерес на државата и граѓаните.
Несомнено, не очекува бурна политичка иднина. Центар на сите политички настани во 2025 година ќе бидат локалните избори. Актуелниот вмровски лидер сите карти и пари (од Орбан) ги става на овие избори. Кон нив можат да се приклучат и предвремени парламентарни избори, во познатиот стил, со донесување на некој вид закон за „мајски легитимитет“.
Сосема, затоа, е извесно, партијата на Али Ахмети, која во изборната кампања за годинешниве мајски избори беше анатемисана од вмровците, уште еднаш да влезе во владата и по примерот од периодот 2008/2016, да продолжат сложно да владеат.
Манчо Митевски