Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп му завидувал на Хитлер

Трамп му завидувал на Хитлер

Како се приближува гласањето на американските претседателски избори, во добар дел од американската демократска јавност постои верувањето дека доколку Доналд Трамп, навистина,  одново стане  претседател на САД, овој пат ќе настојува да наметне лична диктатура.

Ваквото стравување се поткрепува со неговото однесување во текот на првиот претседателски мандат, а посебно со неговото нескриемо воодушевување со светските деспоти и авторитарни лидери и диктатори.

Воодушевеност од деспоти и диктатори

Пред се, со Владимир Путин, за кого уште како претседател на САД, има речено дека му се восхитува- како тоа, сам успева да води една земја каква што е Русија, одржувајќи целосна контрола врз државата, армијата, управата и руската јавност, дури и  врз богатите олигарси.

Освен тоа, познато е дека Трамп на два пати одеше да се среќава со севернокорејскиот брутален диктатор. Наводно, за да ги средува односите на турбулентниот Корејски полуостров , не успевајќи притоа да направи ништо, освен уште повеќе да ја засили ароганцијата на самодржецот.

Конечно, негов главен сојузник, подржувач и имитатор во Европа е Виктор Орбан, кој навива силно за победата на Трамп, верувајќи дека тоа ќе му помогне на унгарскиот деспот да ја ослабанува ЕУ.

Како што во тоа веруваат и европските ултрадесничари- националисти, лажни патриоти и популисти- од Западот, па се до оние ситни, но опасни деспоти на Западен Балкан.

„Власт налик на фашизам“

Во секој случај, Трамп и не сокрива дека сам ќе ги средувал работите (што малку е потешко во американскиот правен систем) по урнек на неговите омилени лидери- деспоти по светот, па на митинзи се фали дека ќе ги апси сите кои му се огрешиле.

Односно сите оние  кои не веруваат дека Трамп не загубил на изборите во 2020 година, туку дека победил, а дека  победата му била „украдена“ . Потоа,  дека ќе расчисти со сите кои не се на негова страна и дека ќе ги пушти од затвор оние кои се осудени за обидот за пуч, што тој го има потикнато, на 6 јануари 2021 година.

Затоа, не делува чудно , иако е застрашувачко, предупредувањето на поранешниот шеф на кабинетот во Белата куќа Џон Кели, кој на таа функција беше долго време, додека Трамп беше претседател, за тоа дека – доколку се врати на  функцијата, „трамповата власт би била блиску до она што се означува како фашизам“. 

„Хитлер  има и добри работи“

Кели признава дека му бил лојален на својот поранешен шеф, додека работел за него, но сега тврди дека таквата закана за Америка е сосема реална.

Тој тврди дека на неколкупати Трамп, како претседател на САД му има речено дека – „Хитлер има направено некои добри работи додека бил на власт“.

Според Кели, инаку поранешен американски  генерал , Трамп му има признаено дека „искрено му се восхитувал на Хитлер“.

Главниот уредник на угледното списание „Атлантик“ Џефри Голдберг, кој се има надоврзано на темата за заканата од трампова лична диктатура, ако стане претседател, посочува дека восхитеноста на претседателот Трамп со нацистичкиот диктатор , се однесува на тоа  што успеал под контрола да ги држи своите генерали.

Против „внатрешниот непријател“

Голдберг потсетува дека во време на својот мандат 2016/2020 Трамп имал проблеми со генералите од американската армија. Токму во тоа време, веќе престанал да ја сокрива својата восхитеност со нацистичкиот диктатор, па зборувал пред своите најблиски соработници-  дека „Хитлер бил во право и знаел како да ги контролира генералите“, доколку прават проблеми.

Главниот уредник на „Атлантик“, меѓутоа, инсистира дека е крајно антиамерикански да се изразува такво воодушевување кон диктатори и  нивната  власт, од страна на претседателот на САД, уште додека е во Белата куќа, посебно кон некој како што е Адолф Хитлер, против кого се има борено и Америка.

Реакцијата на Џон Кели, пак, доаѓа откако Трамп, по митинзи и собирања на неговите истомисленици и подржувачи,  се има фалено дека – „ќе интервенира со војската на САД против внатрешните непријатели“.

Опасен и за Америка

Нема речено кои тоа можат да бидат внатрешни непријатели, но станува збор за изјава, изречена и како  закана, која толку многу потсетува на тоталитарните режими и на можните постапки на еден Путин и на еден Си Џинпинг, во стариот комунистички стил дека- непријателот никогаш не спие.

Кели за американските медиуми има изјавено дека како републиканец и близок соработник на екс шефот на државата, се согласувал со некои негови мерки , но сега тврди дека е – „апсолутно  уверен, после се она што го зборува и како се  однесува Трамп, дека е опасно за Америка тој да биде избран за претседател“.

Некои аналитичари, во меѓувреме,  имаат забележано дека Трамп, сепак, релативно мирно реагирал на ваквите обвинуања на човекот кој беше шеф на кабинетот во Белата куќа и со кого има делено многу размислувања. Велат дека главно се вади на ист начин како што тоа го прави  кон сите свои критичари и обвинувачи- тврдејќи дека тие лажат.

Меѓутоа, тоа има предизвикано , како ретко кога кај републиканците, да има толку многу познати имиња од  политиката, кои не само што му имаат свртено грб, туку и кои се отворено против него.

Чејни и  Ромни против  „својот“ кандидат

Поранешниот републикански потпретседател Дик Чејни ( во време на Џорџ Буш беше претседател) дури повика Американците- републиканци да гласаат за Камала Харис.

Против е и долгогодишниот сенатор Мит Ромни, па екс гувернерот на Њујорк Крис Кристи. додека поранешниот лидер на републиканците во Конгресот и ќерка на Чејни се се приклучи на штабот на Харис.

Дури и лидерот на малцинските републиканци во Сенатот, Мик Меконен кој инаку вели дека му е лојален на Трамп, за него има зборувано како за „одвратен, арогантен и нарцисоиден тип, кој малку се разбира во она што сака да биде“.

Поранешниот трампов советник за национална безбедност Џон Болтон, пак во својата биографска книга вели дека Доналд Трамп е толку „неспособен како политичар што не би  можел ниту да воведе диктатура, иако би го сакал тоа“.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе