Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тревога во Русија по апсењето на Дуров

Тревога во Русија по апсењето на Дуров

Павел Дуров (39) основач на „Телеграм“- апликација за размена на шифрирани пораки- беше уапсен во Франција , веднаш по слетувањето на неговиот приватен авион на аеродромот Бурже, во околината на Париз.

Француските власти објавија дека апсењето и задржувањето во притвор , било извршено врз основа на уште на почетокот од јули покренатата истрага, во која се наведени  цела низа сериозни кривични дела.

Станува збор за тоа дека оваа платформа се користела  за детска порнографија, но и за трговија со дрога, како и за лажни, незаконски трансакции.

Платформа за криминал

Истрагата на француската единица за сајбер криминал и обвинителството го товарат Дуров за водење интернет платформа која на големо се користела за криминал и за бројни измами, но и за тоа дека овој Русин одбивал да им даде информации на властите за перењето пари и за давањето сајбер услуги на криминалци.

Тој има руско државјанство (роден е во Санкт Петербург), од каде  побегнал во 2014 година, една година по креирањето на „Телеграм“, а сега е државјанин и на Франција и на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Од Русија побегнал  откако одбил да соработува со руската тајна служба ФСБ  (наследничка на советското КГБ).

Таа од него барала да ја згасне опозициската и продемократска група ( во врска со првата руска инвазија врз Украина) која била на неговата платформа- Vконтакта-  што ,инаку,  во меѓувреме ја има продадено.

„Трагичен настан за Русија“

„Телеграм“ е шифрирана апликација која има над 900 милиони корисници- пред се, во Русија и во Украина, но и во сите екс советски републики, како и низ светот.

Русија побара од Франција – да се почитуваат правата на уапсениот, но видливо е дека (засега) Кремљ молчи. Наводно чека да ги види обвинувањта против Дуров. Од Париз , пак, се огласи францускиот претседател кој ги отфрли „лажните информации на интернет дека станува збор за политичко апсење“.

Меѓутоа, во руската јавност, меѓу прокремљовските медиуми и меѓу воените блогери и сите потикнувачи за војната во Украина- за војување додека Киев не капитулира- апсењето на Павел Дуров – се квалификува како трагичен настан за Русија.

Според нив, апсењето на овој „моќен и важен“ човек е како Французите да го уапсиле командантот  за комуникацијата на руската војска.

Влијание врз текот на војната ?

Апсењето на извршниот директор на апликацијата за размена пораки , затоа во Москва се смета како повод за покренување тревога, бидејќи се тврди дека тоа може да има негативни последици во водењето на војната во Украина.

За целото ова воено-хушкачко друштво од воени аналитичари, во служба на рускиот режим и  агресијата врз Украина, платформата на „Телеграм“ е – „клучното средство за комуникација во редовите на руската војска“.

Во атмосферата која е создадена, руските новинари откриваат дека нивната војска -за половината од својата комуникација- досега ја користела апликацијата на Телеграм. Тие сега бараат Кремљ веднаш да најде алтернативно решение, односно, посебна руска воена платформа.

Има „Вагнер“ – нема  руската војска

Угледни руски аналитичари откриваат дека апсењето и можното блокирање на Телеграм, било очекувано , па затоа се критикува (војската и нејзиниот врв) што досега   ништо  нема направено.

Притоа, се забележува дека е тажно и смешно, во исто време – сознанието дека паравоената група „Вагнер“  има своја комуникациска платформа, а нема  руската армија- која излегува дека ( во основа) за тоа користела една од глобалните социјални мрежи.

Делува несватливо, тоа  што „Телеграм“ речиси се има претворено во „главното средство за контрола на единиците на украинскиот фронт“.

Збунетоста и загрижениста оди до таму што некои московски весници прашуваат – што ќе биде со руската војска доколку се случи целосно да падне „Телеграм“- како тогаш војската ќе продолжи да се бори ( во Украина).

„Телеграм“ за комуникација на фронтот

Според некои европски медиуми, тревогата во Москва е подигната откако (јавноста) разбра дека Русија масовно го има користено „Телеграм“ и неговата апликација  за комуникација на фронтот.

Само затоа што руската армија нема своја платформа, дури ни после инвазијата врз Украина.

На тој начин, сега се откри дека токму лошата комуникација била еден од главните проблеми на Русите, на почетокот од инвазијата , во фебруари 2022 година, кога офицерите и војниците- практично- биле оставени сами на себе.

Во секој случај,  по апсењето на Дуров веќе ништо не може да биде како досега. Што ќе рече дека „Телеграм“ повеќе не ќе може да биде главната апликација за размена пораки за војната.

Уште повеќе што не се знае – колку долго ќе постои „Телеграм“, ако воопшто и успее да остане во живот.

Што со клучот за шифрирање

Главните пропагандисти на Кремљ, како шефицата на „Раша Тудеј“,  Маргарита Симонијан сметаат дека тоа нема долго да трае. Но, овие потикнувачи на војната се загрижени дека Павел Дуров би можел да го предаде клучот за шифрирање.

Француските власти на тој начин ке може да имаат пристап  до платформата, како и до било која друга комуникација што досега корисниците ја сметаа за безбедна, затоа што е шифрирана.

Во Москва се стравува дека Дуров, на крајот, сепак, ќе го предаде клучот за шифрирање.

Пред десет години тој побегнал од Русија , за да не го исполни тогашното барање на ФСБ. Но, за него велат дека не е секогаш толку загреан „Телеграм“ да остане – вистински неутрален- како што се има пофалено.

Кога требаше да се контролира и да се блокира комуникацијата на групата соработници околу Алексеј Навални, Дуров има соработувано со оваа разузнавачка агенција.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе