Црногорскиот премиер летувал во Сан Тропе
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ им се извинува на граѓаните во државата затоа што наместо на црногорското приморје, бил на летување во монденското и елитно француско летувалиште Сен Тропе.
Притоа, тој настојувал да ја увери домашната јавност дека на југот од Франција бил приватно и дека таму самиот си ги има платено сметките, односно дека летувањето не било на државен трошок.
Во странство наместо дома
Критичарите го осудуваат однесувањето на премиерот- како непатриотско и неморално- затоа што првиот човек на владата на најмалата екс ЈУ република ја заобиколил сопствената држава и нејзиниот туризам, за сметка на одмор во скап странски туристички центар.
И тоа, во среде лето и во екот на главната туристичка сезона, наместо да даде пример- летувајќи дома- во услови кога земјата настојува да го унапреди туризмот кој е главниот извор на приходи на државата.
Опозицијата го критикува Спајиќ затоа што од сооснивач на проевропската партија Европа Сега, се претвори во типичен балкански играч во служба на – како што се вели- интересите на Србија- влегувајќи во т.н. „српски свет“ на официјалната српска (националистичка) политика. Напуштајќи ги основните принципи на Европа Сега, поради што е во судир и со претседателот на државата.
Неморално однесување
Премиерот, пак, наместо да ја прифати грешката – дека летувал на францускиот, наместо на црногорскиот брег- иако тоа им го има сугерирано на своите сограѓани, ги обвини медиумите и „одделни криминални кругови“ (во политиката) кои дејствуваат против него и неговата влада.
Затоа што го обвинуваат дека заминал на одмор во време кога требало да работи на домашните состојби (не дошол на седница на националниот Совет за безбедност), како и за тоа дека е „врзан со сомнителни сопственици на фирми кои тргуваат со крипто валутите“.
Во оваа критика влегува и неговото (велат) неморално однесување- да летува таму каде најголемиот број од Црногорците не може да одат, постојано ветувајќи им на граѓаните висок стандард.
Сомнителни врски
Спајиќ се обвинува дека е поврзан со еден британски контроверзен милијардер (Џорџ Кортел). Овој Британец е познат како поранешен советник (и финансиер) на Најџел Фараж, ултрадесничар и покренувач на Брегзит.
Во Подгорица се тврди дека Кортел ја има финансирано и кампањата на Спајиќ и на она што остана од партијата Европа Сега, за ланските избори. Овој тоа го демантира и тврди дека за изборите има земено- „кредит со поволна камата“,
Црногорски аналитичари тврдат дека случајот со нивниот дека премиер е типично балкански и се среќава- во еден или друг облик- во сите екс ЈУ републики, но и на целиот Балкан.
Во Северна Македонија, на пример, колку што се знае, не се слушнало за одмор во Сен Тропе, а уште помалку за извинување до граѓаните (без разлика дали е искрено, или не), но затоа неморалот е високо присутен во секојдневието на новата власт.
Игнорирање на ветувањето
Премиерот кој зборуваше дека повеќе од третина од граѓаните живее во сиромаштија, а дека кога ќе ја земе власта, брзо ќе обезбеди просперитет и богато живеење, сега од својата удобна политичка позиција, зборува нешто друго.
Барањето на синдикатите за исполнување на ветувањето дека минималната плата ќе изнесува 450 евра, го отфрла како -политиканска работа- обвинувајќи ја опозицијата за тоа.
Притоа, се уште не се знае од каде му пари – за два рачни часовници да даде сто илјади евра- со професорска плата. Како и тоа што сите вмровци во владата се добро нафатирани со недвижен имот од Португалија и Шпанија се до Србија и Бугарија.
Во инаку сиромашна држава, во која барањето да се исполни изборното ветување се зема за зло.
(С.Г.)