Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Приказната за Брегзит е завршена“

„Приказната за Брегзит е завршена“

Убедливиот изборен триумф на британските лабуристи и дебаклот на владеачките конзервативци, после 14 години поминати на власт и променети петмина премиери, веќе е одбележан со брзата смена на власта, што е карактеристика на британскиот политички систем.

Откако стана јасно дека Лабуристичката партија обезбеди 412 пратенички места, дури 211 повеќе од изборите во 2019 година, а ториевците останаа со 121 пратеник , што е 250 помалку отколку пред пет години, Британија во рок од еден час веќе имаше нов премиер.

Стармер го замени Сунак

Досегашниот Риши Сунак му ја врачи оставката на кралот, а само половина час потоа, Кир Стармер, како изборен победник и лидер на лабуристите, од Чарлс Трети беше прогласен  за новииот премиер на Обединетото кралство.

Сунак кусо изјави дека ќе даде оставка на лидерската позиција кај ториевците, а Стармер објави дека со промените и реформите веднаш се почнува.

Останува  само да се анализира – зашто конзервативците кои убедливо победија со Борис Џонсон пред пет години- водени од типично ториевската ароганција и самобендисаност дека – со Брегзит  Британија е одново голема и независна- сега се стрмоглавија во пораз каков што немаат доживеано.

Задоволство на проевропејците

Британците кои беа против тоа земјата да ја напушти ЕУ, како и сите во Унијата кои го советуваа Лондон да не презема таков чекор, затоа што тој, во основа, ќе биде штетен само за Британија, ги пречекаа изборните резултати со нескриено задоволство.

Не одобрувајќи ја и тогаш и сега хистеричната политика на Џонсон , кој својот евроскептицизам  го претвори во изолација на Британија од ЕУ и од Европа, проевропејците во Лондон со жалење констатираат дека е направаена голема штета на земјата.

Притоа, се изразува надеж  дека сега , со лабуристите на власт, ќе има простор да се размислува за воспоставувањето некакви нови врски со Брисел и со ЕУ.

Нема сонување за “голема“ Британија

На таа линија се размислува и во Брисел, иако со голема претпазливост и само со надеж дека „нешто може да биде поразлично“ од она што го направија Џонсон и неговите евроскептици.

Ги Верховстат кој преговараше со Лондон за финалниот договор за Брегзит, сега верува дека со лабуристите Британците може да имаат „посензибилен приод кон Унијата“.

Мајк Голсворти, пак,  кој раководеше со кампањата против Брегзит, смета дека тешкиот пораз на ториевците е- „ денот кога соништата за Брегзит , со голема и моќна и влијателна Британија- е завршен“.

Тој го советува новиот премиер да ги преиспита одредбите врз кои се темели договорот за напуштање на ЕУ од страна на Британија.

За можноста за британско враќање зборува  и Жан Клод Јункер кој во годините кога Лондон излегуваше  од ЕУ, беше претседател на Европската комисија. Но, тој не верува дека тоа  може да се случи- пред да поминат барем 100 години.

Јункер, сепак, се согласува дека Британија сега ги согледува последиците од својата- од никого неиспровоцирана, избрзана и погрешна одлука- да се напушти Унијата во која Британците беа дел од водечката тројка- со Франција и Германија.

Изолирана во европските работи

Сите, меѓутоа, се согласуваат дека сите сегашни последици на земјата се оние на кои и се укажувапе.

„Тоа се оние кои им ги посочувавме на Британците прад да почнат разговорите за раздружување, затоа што нивната земја имаше силна позиција во Унијата“- има речено Јункер.

Британија сега можеби е назависна од ЕУ, но е изолирана од европските работи. Од целсната маргинализација ја има спасено руската инвазија врз Украина и вклучувањето на НАТО во спасувањето на оваа земја, но и од економската криза по корона пандемијата, од која ЕУ се извлече и побрзо и полесно отколку Британија.

Како и да е, Јункер верува дека мали се шансите за враќање на Британија во ЕУ. Пред се, поради гордоста да се призае големата грешка, за што владата доби мандат и од граѓаните.

Засега нема враќање

Верховстат за бриселско „Политико“ има речено дека може да се очекува нов приод на Лондон кон Брисел, односно понежен пристап од оној на тврдите ториевци. Тие

продолжија да го форсираат својот евроскептициазам и по Брегзит, верувајќи дека на тој начин ќе ги задржат гласачите за себе.

Минатата година, на пример, Британија се врати во научната програма „Хоризон“ на ЕУ, а се верува дека би можеле да се врати и во програмата „Еразмус“, па дури и во царинската унија.

Кир Стармер, меѓутоа, уште во изборната кампања најави дека земјата останува надвор од ЕУ- без враќање на единствениот заеднички пазар,во царинската унија, како и во системот за  слободно движење на луѓето низ континентот.

(Д.Л.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе