Белорусија го вооружувала Азербејџан
Белорусија го вооружувала со години на ред Азербејџан, зад грбот на нему соседна Ерменија со која власта во Баку е во воен судир за регионот Нагорно Карабах уште од распадот на Советскиот Сојуз, во 1991 година.
Западни медиуми откриваат дека режимот на Александар Лукашенко тајно испорачувал т.н. напредно оружје за азербејџанската армија.
Тоа се случувало во време од 2018 до крајот на 2022 година, што значи дека белоруско ( или руско оружје, преку белоруската територија) стигнувало кај Азерите и во време на ерменско -азербејџанската војна за Нагорно Карабах во 2020 година.
Свртување кон Баку
Воени експерти за бриселско „Политико“ објаснуваат дека токму таквите испораки им помогнале на Азербејџанците да обезбедат за себе воена предност над Ерменците, што во Ерменија сега се третира како „големо и срамно предавство“ од страна на Белорусија.
Медиумите кои пишуваат за свртувањето на сојузничка и блиска Белорусија , кон „агресивниот“ Азербејџан, се повикуваат на тајниот договор- да и се помага на власта во Баку- за кој „Политико“ тврди дека редакцијата го имала на увид.
Ваквите откритија се појавија во време кога владата на ерменскиот премиер Никол Пашинијан , објави дека е во сериозен судир со Москва и со сите други земји членки на путиновото НАТО- воен сојуз на шест екс советски републики од Договорот за колективна безбедност (ДКБ), создаден пред 22 години. Азербејџан беше дел од овој воен сојуз до 1999 година.
Гневна реакција во Ереван
Пашинијан прво соопшти дека неговата земја го „замрзнува„ своето членство во Сојузот, а сега ( во Парламентот во Еревен) објави дека Ерменија ќе се повлече од Договорот за колективна безбедност, затоа што се смета за измамена и затоа што никој од Сојузот не и помогна во судирите со Азербејџан.
Се верува дека најновото откритие за тајните испораки од Белорусија се повод за ваквата одлука на ерменската влада.
Во Ереван се гневни што сојузниците ги имаат погазено и одредбите од ДКБ, според кои сите земји-членки на Сојузот ја помагаат земјата нападната, или погодена од војна. Сега, меѓутоа, излегува дека една земја-членка, оружје , како што е најсовремена артилерија и дронови , испорачувала за државата непријател на Ерменија.
Откривањето на тајниот документ ја објаснува одлуката на Ерменија, но претставува и драматичен пресврт во политиката на Ереван каде веќе се навестува свртување на земјата кон Западот, кон ЕУ и САД.
„Зелено светло“ од Путин
Во исто време, ваквата ерменска најава значи и слабеење на авторитетот на Путин меѓу поранешните советски решублики, сега независни држави.
Пред се, за тоа дека не треба да му се верува и дека сојузништвото и партнерството со поранешните „братски републики“ за Путин и за Кремљ трае додека трае и рускиот интерес. Примери за тоа се Молдавија и Грузија, а сега и војната против „братска“ Украина.
Лукашенко,пак, ветувал и друга помош за Азербејџан, а (велат) дека јавно се претставувал како сојузник на Ерменија,додека тајно му ветувал партнерсто на режимот во Баку. Според докуметите, Лукашенко уверувал дека би „било погрешно ДКБ воено да му се спротивстави на Азербејџан“.
Политички експерти оценуваат дека еден Лукашенко кој важи за вазал на Путин, никако не би можел предавството кон Ерменија – да го изведе сам и на своја рака. „Зелено светло“ за една ваква операција, во секој случај, е добиено од Кремљ.
(Б.Б.)