Путин го смени министерот за одбрана
Владимир Путин во неделата го смени од функцијата досегашниот министер за одбрана Сергеј Шојгу (69), дваесет и шест месеци по почнувањето на руската инвазија врз Украина и војната во која Русите останаа заглавени.
Шојгу кој важеше за мошне близок соработник и лојален сојузник на претседателот, уште пред војната беше познато дека е „омразен“ во редовите на војската , со која раководеше, меѓу другото (велат) и затоа што не е од руска националност.
Неомилен во војската
Во времето на големата моќ (воена и политичка) на паравоените сили „Вагнер“ и на нивниот лидер Евгениј Пригожин, на пример, сменетиот министер постојано беше критикуван за неспособност поради неуспехот на украинскиот фронт, како и за бирократизирање на воениот врв и на министерството со кое раководеше. Беше напаѓан и од разни блогери, блиски на Кремљ и од такви воени аналитичари.
Не беше сменет, но беше видливо дека Путин никогаш на го зема во одбрана. Дури се мислеше дека го оставаше Пригожин јавно да се пресметува со Шојгу , додека претседателот во ретките јавни настапи секогаш ја истакнуваше само „храброста и борбеноста“на војската.
Пригожин загина (или беше убиен) под се уште не разјаснети околности, а Шогју иако остана министер , остана и натаму неомилен кај оние на кои требаше да им командува, па неговото сменување беше очекувано и беше само прашање на време кога тоа ќе се изврши.
Корупција во министерството
Излезе дека газдата во Кремљ го чекаше своето – пето по ред- прогласување за шеф на државата, како и апсењето на заменик министерот за одбрана Тимур Иванов обвинет за корупција и земање „милијарди рубли“ поткуп- за да изгледа како казнување на министерот Шојгу, затоа што не реагирал. благовремено, со разрешување на корумпираниот прв соработник. Иванов кој сега се означува како „крал на поткупот“ , се соочува со казна затвор до 15 години.
Сменувањето на Шојгу може да наликува на случјот со Дмитри Медведев кој без најава беше сменет од премиерската функција, а потоа беше поставен за потпретседател на „фамозниот“ руски Совет за национална безбедност. Практично, стана заменик на Путин во ова тело.
Познавачи на руските состојби , меѓутоа, сметаат дека Медведев требаше да биде и казнет и суден за корупција, како и за злоупотреба на функцијата- преку која има обезбедено големо лично богатство- за себе и семејството- како во Русија , така и на Западот ( во Франција).
Моќниот Патрушев останува во Кремљ
За Шојгу,пак, нема вакви сознанија ( што не значи дека нема да се најдат, ако треба), но паѓа во очи што и тој е преместен во истиот овој Совет, и тоа како негов генерален секретар – на местото на еден друг моќник во Кремљ.
Станува збор за еден од осумтемина „силники“- за Николај Патрушев (73), раководител на сите руски разузнавачки агенции , кој е чест гостин во Западен Балкан, пред се, во Белград, истакнувајќи ја на тој начин тесната соработка на руските и српските тајни служби. Посебно, и во случаи на прогонување на руските дисиденти и критичари на Путин, доколку се најдат на српска територија, за што на српските функционери им се делат одликувања.
Не се знаеше каде сега ќе оди еден ваков човек, каков што е Патрушев за кого на Запад едно време се шпекулираше дека би можел да се појави и како наследник на Путин. Не се се знае ни што ќе биде со неговиот син Дмитри кој е во владата, како министер за земјоделство , но дилемата брзо ја прекина претседателот, оставајќи го покрај себе. Со декрет е именуван за помошник на претседателетот
Што и да значи тоа, се покажа дека таткото Патрушев, кој е од кгбеовското друштво на Путин, а тоа го има целиот Кремљ под своја контрола , е премногу важен за да овој, доскоро секретар на Советот за безбеднист, биде тргнат настрана.
Загрозен и Лавров ?
Оваа нова позиција му овозможува да остена блиску до врвот на власта, а на Владимир Владимирович, да биде сосема блиску до него , кому „силники“ и натаму му се силно потребни – за одржување на режимот.
Смената на досегашниот министер за одбрана и одлуката на таа функција да се постави економист , екс потпретседател на владата, а не професионален војник, секако, не можеше да остане без бројни коментари за тоа што сака да постигне Путин со ваквите разместувања.
Проценка е дека „новиот цар“ во Кремљ – спроведува, или навестува- чистка во врвот на својата власт, во која, како сега стојат работите , многумина не се чувствуваат безбедни. Во еден момент се мислеше дека во таква неизвесна позиција е дури и шефот на дипломатијата – вечниот Сергеј Лавров кој 20 години е на таа функција.
Подоцна, наводно, се разбрало дека Лавров (75) бил безбеден и останува на позицијата, откако таквата одлука ја соопштил новиот министер за одбрана- Андреј Белоусов (65), зборувајќи во улога на досегашен заменик премиер во владата.
(Д.М.)