Габриел Ескобар-сменување или ротирање
Габриел Ескобар нема повеќе да биде специјален пратеник на САД за Западен Балкан. Веста за тоа , меѓутоа, не дојде како што тоа е вообичаено, од соопштение на Стејт департментот, туку од демантот на официјален Вашингтон- дека Ескобар не е сменет, туку дека се „ротира на друга функција“.
Демантот, пак, се однесува на пишувањето на американскиот портал „Фронтлајнер“ дека овој дипломат од кариера, (главно) ангажиран во настојувањето да дојде до нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, дозволил да биде „ загрозена неговата непристрасност ( кога станува збор за Србија), затоа што неговата сопруга имала финанскиски врски со српското МНР.
Бизнис врски на сопругата
Заминувањето на Ескобар од сегашната функција, кое се смета за сосема извесно, на тој начин стана не само крајно невообичаено, туку и бурно и на работ да се претвори во скандал, отако порталот инсистира на тоа дека госпоѓата Ескобар имала „бизнис врски“ со власта во Србија.
Според „Фронтлајнер“ – поради ваквите состојби- сите акции на специјалниот пратеник, на Косово, биле пристрасни и компромитирачки, а тоа фрла сенка врз објективноста на Ескобар- за косовско/српските односи- но и за целиот регион што го покриваше овој американски дипломат.
Конечно, според овој портал, сега постојат големи сомнежи за сите негови постапки , околу посредувањето меѓу Белград и Приштина, а посебно за неговите постапки и реакции за безбедносните кризи што се случија во Косово, изминатото лето. Пред се, оние во јуни и во август 2023 година, за кои постојат силни индиции околу вмешаноста на официјален Белград.
Советодавни услуги за Република Српска
Она на што порталот инсистира е дека постојат семејни врски на Габриел Ескобар со извесен Мануел Ескобар кој е партнер во правната фирма „Мекгинис-Локриџ„ за која се тврди дека имала договор со властите на српската енклава Република Српска во БиХ- за советодавни услуги и за меѓународно-правни работи.
Станува збор за енклава ( не држава) чиј лидер- деспот, националист- постојано зборувз за отцепување и за растурање на БиХ, имајќи притоа нескриено разбирање во Белград, како и во Москва и Будимпешта. Стејт департментот веднаш реагираше со отфрлање на сите вакви тврдења на порталот, а пред се дека Ескобар не е сменет, туку дека (што е вообичаено) добива нова функција, но дека засега, останува на сегашната функција.
Притоа , категорично се демантира било каква врска со српската енклава во БиХ, како и тврдењето за семејна врска с0- како што се наведува во демантот- на наводниот партнер на тексашката адвокатска фирма „Мекгинис/Локриџ“.
„Полни со пари“ на одење од Белград
Белградските медиуми , блиски на опозицијата, оценуваат дека станува збор за изненадување- еден професионален дипломат да се врзува за работењето на неговата сопруга.
Други, пак, признаваат дека ваквата приказна на американскиот портал – не е непозната. Трети, меѓутоа, забележуваат дека не е само Ескобар во прашање, туку дека и други странски функционери- на работа во Белград, или само на поминување- се враќаат во своите земји „полни со пари“.
Ваквото мислење се поткрепува со позицијата на некои опозициски политичари и аналитичари за тоа дека тие тешко може да најдат објаснување за толерантното однесување ( на странците) кон власта во Србија. Посебно кон високопоставените, државни функционери, имајќи притоа „премногу софт политика“ за сите случувања на српската политичка сцена.
Ваквата оценка му се припишува на актуелниот амбасадор на САД Кристофер Хил и на неговото, честопати, различно реагирање од она на Стејт департментот.
Дипломат и тврд преговарач
Габриел Ескобар се наоѓа на оваа функција од 2021 година, кога го наследи претходниот пратеник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
Тогаш Ескобар беше претставен како искусен, принципиелен дипломат и тврд преговарач, што во Белград се сметаше дека со Ескобар американската администрација на претседателот Џо Бајден се определува за енергична и поактивна политика- кон Западен Балкан и кон средувањето на односите на Србија со Косово.
Оценка беше дека таа ќе биде далеку поразлична од онаа која ја покрена и ја водеше личниот пријател на Доналд Трамп , порамечниот дипломат Ричард Гренел кој- како што се покажа неодамна- работел повеќе на правење бизнис ( во Белград и на албанскиот морски брег) за семејството Трамп, додека – решението за косовското прашање- го гледал во поделба на Косово. Со припојување на делови од територијата северно од Митровица кон Србија.
(Д.Б.)