Гласање против Европа
Во ова време додека трае кампањата за вториот круг на претседателските избори и за изборите за нов состав на Парламентот, останува силниот впечаток, добиен од резултатите од првиот круг – дека мнозинството од гласачите ( од македонскиот политички блок) гласаа, а сега подржуваат кампања против Европа.
Наместо една сложна, заедничка, кампања и исто таква подршка од сите за европска Македонија, како земја членка во ЕУ, на овие избори кои се мошне важни за идниот развоен пат на земјата- се навива и се подржува, се агитира и се гласа за еден веќе изветвен концепт на неискрен патриотизам, кој се слуша триесет години (за време на избори) – за „горда Македонија“ или за „враќање на Македонија“.
Назад во минатото
Останува мистерија- од каде тоа вмровците ќе ја враќаат државата , која патем, никогаш не била (само) нивна и кому и каде ќе ја предаваат кога- колку што се гледа- нема нема тепаница за неа и некој не сака да ни ја земе. Нема друго, освен дека од гласачите се бара подршка за враќање на земјата- назад од европскиот пат.
Тон на една ваква кампања и овој пат и дава националистичкиот блок, предводен од вмровците и нивната партија, која нема ниту идеологија, а ниту програма за натамошен развој на државата. Освен, што се прежвакува политиката на нивниот избеган лидер, во орбанова Унгарија, од каде раководи со изборната кампања.
Затоа, наместо да се зборува за македонската иднина, за нејзиниот напредок и за визиите од кои ќе зависи и животот и стандардот на обичните луѓе, доколку Македонија остане надвор од ЕУ, осамена и изолирана од Европа, друштвото на националистите- кое настојува да ја земе власта, продава лажна националистичка патетика.
Лажни елаборации
Прво, дека земјата можела сама, дека не и треба Европа/ЕУ , а потоа дека ќе треба да се раскинат сите договори што ги направи во изминатите седум години проевропската влада во Скопје (правејќи компромиси во интерес на македонската иднина), како и дека ќе не префрлаат во антизападната асоцијација Брикс, или дека требало да се вратиме на корените на илинденските и асномските прогласи.
Без притоа да имаат барем малку претстава , знаење и памет дека така не се води држава.
Посебно не во едно вакво сложено време на геополитички превирања, како сега, кога путинова Русија, со подршка на Кина, настојува одново да го подели европскиот континент и за тоа војува во Украина, уништувајќи една суверена држава.
Огрдена наместо горда
Очигледно е дека овие реботи не ги знаат оние кои ги подржуваат ваквите приказни на луѓе- политичари, гладни за власт и за моќ.Тие не гледаат дека Македонија може да ја направат само огрдена, а не горда, како што зборува професорката која наместо во пензионија, ја туркаат да предводи држава, а таа не може да биде покренувач на нејзиниот европски напредок.
Несватливо е затоа што таа и оние кои се зад неа, а посебно оние кои еднаш гласале за оваа госпоѓа, не разбираат дека државата Македонија нема друга опција освен европската.
Затоа што сме европска држава, затоа што сме дел од европската историја и култура, затоа што нашиот македонски јазик е дел од европските јазици. За економскиот напредок, што го носи членството во ЕУ, за забрзаниот демократски и општествен развој и за средствата од европските фондови што сето тоа ќе го покренат, а кои и се неопходни на државата- и да не зборуваме.
Во служба на туѓи интереси
Колку за потсетување на оние кои не знаат и оние кои не сакаат да знаат- Словенија и Хрватска, според признанието на нивните политички лидери- токму во ЕУ, како членки на Унијата- ја имаат заокружено и својата национална посебност- без да бараат и да добиваат цертификат за тоа, од било кого.
Според тоа, определувањето да се гласа против партискиот блок за Европска Македонија, не е само глас против партија, која наводно ја „разнебитила“ Македонија, туку тоа е глас и против Европа. И, посебно – глас против влегувањето на земјата во ЕУ.
Сакал сега некој тоа да го признае или не, спротивставставувањето на забрзаниот влез во Унијата- до 2030 година- е глас на подршка за Москва која води силна кампања против влегувањето на Западен Балкан во ЕУ. Дестабилизацијата на која се работи и што Русија ја спроведува во Србија и преку неа, како и во БиХ, преку тамошната српска енклава- користејќи ги локалните русофилски партиски подружници, очигледно е дека дава резултат. Такви антимакедонски филијали сега има и во Македонија, како остаток од времето на 11 годишниот вмровски режим.
Непатриотски и немакедонски
Сето ова, во секој случај, делува и непатриотски и немакедонски , затоа што е спротивно на уште од пред 30 годни зацртаните стартешки позиции на земјата . Без разлика што на партиските собирања – исполнети со туѓи знамиња и со туѓи симболи- продолжува да се продава патриотизам, зачинет со лажна пропаганда и лажни ветувања.
„Елаборациите “ на договорите со соседите (Грција и Бугарија) кои се прават, се мамење на наивните дека националистичкиот блок од вмровци, од десничарските „левичари“ и од превртливите „бранковисти“- ќе покренела повторно преговарања со соседите и со ЕУ , за да ги натераат да попуштат- се и неискрени и нечесни кон гласачите.
Дури се оди до таму да се ветува и менување на Уставот на земјата, за да наводно станел граѓански- со отфрлање на сите етнички групи во државата (тоа би значело и Македонците), па на тој начин да се спречело во преамбулата да се внесува уште некоја друга етничка заедница.
Враќање во време на режимот
Тоа и би можело да се изведе и да ни се случи, затоа што националистите во Македонија веќе три децении настојуваат да не убедат- колку многу не ја сакаат сопствената земја.
Но, тоа ќе значи целосно враќање на ситуацијата што ја остави малиот деспот кој избега за да не служи затвор за сторен криминал , како и сериозна политичка криза и над се- она што е најопасно за државата- силни меѓунационални тензии и судирања врз национална основа.
Ова се опасни наклапања на кандидати кои залутале во политичките води , па би било подобро за земјата да исчезнат , отколку да создаваат проблеми, доколку се најдат на власт.
Веќе сега, по прашањето на Европа, се шири поделбата на национална основа. Додека целиот блок партии на македонските Албанци е за ЕУ и за европска Македонија- излегува дека сите македонски партии, освен социјал-демократите , се против.
Омраза и меѓунационална нетрпеливост
Дури и натаму се зборува за некаква „национална држава“ иако се мислеше дека тие будалести рабити се оставени во минатото. Се покажува, меѓутоа , дека тоа е единственото што ,македонските националисти можат да го понудат на гласачите.
Како и сите десничари и националисти , а во регионот ги има баеги, и овдешните не сакаат да зборуваат и да ветуваат развој, стандард, правна држава и демократија, или пак уште поголеми плати и пензии.
Како и во изминатите 30 години тие знаат да понудат само историски кавги, да шират омраза, меѓунационална нетрпеливост и да охрабруваат фрустрации. Тие мислат дека така ќе сме биле горди.
(Спектатор)