Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Белград не признава геноцид во Сребреница

Белград не признава геноцид во Сребреница

Официјален Белград прифаќа дека во јули 1995 година, во Сребреница, во БиХ, во екот на крвавата и брутална граѓанска војна се случило  страшно злосторство- кога се ликвидирани над осум илјади лица, вклучувјќи и многу тинејџери, само затоа што се Муслимани- но не признава дека тоа што се случило е геноцид.

Според толкувањето на српската страна дадено низ изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на националистичкиот лидер на етничките Срби во БиХ, Милорад Додик, прифаќањето на  таквото толкување на злосторството, би значело – „судење на целиот српски народ“  и опасност –  Србите за секогаш да   се третираат – како „злосторничка нација“.

Патриотски игри

Врз оваа основа е покрената силна патриотски и национална кампања во делот на српската јавност која е блиска до власта, потоа кампања во ОН за да се спречи изгласување на Резолуција во ОН, за злосторството од пред повеќе од четврт век во Источна Босна и за извршеното етничко чистење. Тоа е различно од реакцијата на продемократската и превропска опозиција во Србија.

Таа  смета дека правењето „судбинско прашање“  за Србите од колежот во Сребреница, е непотребно зашто  и пречи на самата држава и на нејзините луѓе кои на овој начин може да бидат „обележени“  спротивставувајќи се на одбележувањето на  денот на страшното злосторство.

Односно дека во случајов само станува збор за политичка парада на власта и на нејзините медиуми која се прави во служба на шефот на државата и на неговите „патриотски игри“.

Погрешно толкување на Резолуцијата

Српски правни експерти и поранешни дипломати објаснуваат дека толкувањето на власта за покренатата иницијатива во Светската организација  е сосема погрешно, зато што станува збор за Резолуција со која -никому не му се суди , а најмалку на српскиот народ- како што тоа власта и српските националисти го прикажуваат.

Предложената Реолуција само предвидува 11 јули , секоја година, ОН да го одбележува како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.

Со неа се осудува токму негирањето на геноцидот и (продолженото) величење на воените злосторници ( како генералот Ратко Младиќ) . Целта, пак,  на Резолуцијата е  да се потикант сите земји- членки на ОН за грижа и респект кон судски утврдените факти- за она што се има случено, низ образовните системи, како и да се спречи било каков ревизионизам и повторување на страшното злосторство.

Во функција на стабилизација на регионот

Во Белград, меѓутоа, од ваквата Резолуција се реагира со осуда  на Западот дека „таму се против Србија и Србите“ настојувајќи со ваквата кампања да се влијае и врз земјите од Западен Балкан, за да се натера и тамошната јавност да го прифати  она што го пропагира српската страна. Односно да се натераат да веруваат дека  и нив може да им се случи – да им се нематне вина и одговорност.

Двојната игра на официјален Белград околу Резолуцијата на ОН, за која се очекува да се гласа на 2 мај, ја става српската страна во уште поголема изолација, бидејќи пораките кои се испраќа во регионот и реториката која се користи, само ја покажува дволичноста на целата кампања. На една страна да се признава страшното злосторство, а на друга да се негира, извитоперувајќи ја и суштината на  она што Резолуцијата сака да го постигне.

Станува збор за покренување на крајно потребниот процес на помирување на Балканот, после војните на тлото на поранешна СФРЈ кои и после (безмалку) три децении продолжуваат да се водат- сега со зборови- одржувајќи ги нционализмот, омразата и новите прекројувања на границите.

Резолуцијата, пак, е во функција на стабилизација на Западен Балкан, а пред се, на БиХ , при што се настојува документот да има искрен однос кон сторениот геноцид.

Германска иницијатива

Во ОН- формални предлагачи се Германија и Руанда, земјата која и самата се има соочено со едно вакво злосторство, иако замислата да се покрене една Резолуција со која ќе се стави точка на минатото, на просторот на поранешната СФРЈ,  е на германската дипломатија. На иницијативата од Берлин како коспонзори се јавуваат уште цела низа земји.

Ова е повторен обид на светот да им се оддаде почит на жртвите од Сребреница, откако првиот, во 2015 година пропадна, кога беше блокиран од сојузниците на Србија во Советот за безбедност на ОН- Русија и Кина. Сега, меѓутоа, би се изјаснувале сите членки на ОН, според принципот- една членка, еден глас, без ставање вето.

Се верува дека донесувањето на Резолуцијата би можело да го смени односот на српската политика кон БиХ, но и во самата Србија кон  геноцидот и кон военото минато, посебно после разрешувањето на отворените прашања во Западен Балкан. Пред се, со меѓусебното признавање на Србија и Косово и со замената на Дејтонскиот мировен договор со нов, со кој би била укината можноста од доминација на националните елити.

Никој не и суди на Србија

Така размислуваат европски аналитичари, кои веројатно знаат дека сепак станува збор за еден подолг процес, кога сега се зборува и се гради некаков „српски свет“ во кој белградските националисти ги ставаат Република Србија, српската енклава во БиХ и Црна Гора, а Додик веќе ја замислува како нова „голема српска држава“ на Балканот. Притоа, досега никој во Белград  се  нема оградено од ваквите замисли.

Затоа и разбирливо е што   Резолуцијата за Сребреница останува да се толкува сосема погрешно – за да и служи на националистичката кауза.

Нема никакво судење на српскиот народ,  како што се тврди, затоа што документот во ОН се засновува врз пресудите на Меѓународниот суд во Хаг , според кој геноцидот врз Бошњаците го имаат извршено припадници на војската на Република Српска, нејзиното МВР и паравоена единица од Србија.

А, за геноцид се судени и осудени  Радован Караџиќ, како претседател на енклавата, потоа Ратко Младиќ, команданат ва српските сили во Босна, како и функционерот на српската тајна служба Јован Станишиќ.

Конечно, лажна е српската кампања против Реолуцијата, затоа што во Хаг е утврдено дека – Србија не е директно одговорна за Сребреница и за сторениот геноцид.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе