Поврзете се со нас

Skopje Global

Belgrade, Serbia

Западен Балкан

Дора Бакојани го налути претседателот на Србија

Дора Бакојани го налути претседателот на Србија

Известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, грчката политичарка Дора Бакојани беше  остро критикувана од српскиот претседател Александар Вучиќ, отако во својот извештај  за Косово , изнесен пред  Комитетот на  оваа организација,  предложи оваа балканска земја  да биде примена во Советот на Европа.

За нејзиниот предлог гласаа сите земји- членки, освен Србија, БиХ и Црна Гора. Конечната одлука треба да биде прифатена на заседанието на Парламентарното собрание што се очекува да се одржи на 18 април, но ( и во Белград) се верува дека предлогот на Бакојани ќе успее да добие двотретинско мнозинство, колку што е потребно.

Излез на меѓународната сцена

Доколку тоа се случи, влегувањето на Косово во Советот на Европа ќе значи прво пробивање на српската блокада за меѓународното признавање на оваа поранешна југословенска и српска покраина, која во февруари 2008 година прогласи независност.

Критиките и јавната дисквалификација на Бакојани доаѓаат откако, само малку пред тоа,  таа беше  поинаку третирана од власта во Белград. Најмногу затоа што доаѓа од Грција и затоа што српската страна  веруваше дека ( и после нејзините разговори со косовскиот политички врв) таа, сепак, нема да го подржи првото излегување на Косово на меѓународната политичка сцена.

Зборувајќи во најновото  телевизиско обраќање – за ситуацијата во и околу Србија- Вучиќ  ја означи Гркинката како – некаква „кутра жена„- порачувајќи и дека „би требало да се засрами  за својата постапка“.

„Сестрата на грчкиот премиер“

Во својот познат стил  на комуникација, претседателот на Србија ја прекори Бакојани дека кога донела една ваква одлука  – „заборавила на Заедницата на српски општини  (што косовските власти се уште  ја немаат создадено), на експропријацијата  на земјштето што ( на северот од Косово) ја врши Приштина, потоа на манастирот Дечани , како и   дека ги заборавила  Србите , на кои им се забранувало да зборуваат на својот јазик.“

Ова тврдење се смета за изнасилено, затоа што такво нешто нема, освен ако се мисли на двојазичните табли пред населените места во четирите општини каде косовските Срби се мнозинско население, што косовскиоте власти ги поставија неодамна.

Со критика , претходно, се огласи и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ кој препораката  за Косово ја означи за – срамна, забележувајќи дека известителката на Парламентарното собрание- „не е било кој, односно дека таа е сестра на сегашниот грчки премиер, па  затоа  ваквиот нејзин предлог не е во ред“. За овој министер е изненадување е што тоа доаѓа од грчка политичарка, бидејќи- како што рекол- „Србија секогаш била мошне коректна (кон Грција)“.

Косово ветува создавање на ЗСО

Целата работа, на тој начин, Белград ја префрла на билатералните српско-грчки односи и на потеклото на известителот, а не на суштината – на долгата расправија на српската страна во врска со косовската независност, која не сака да ја прифати како нова балканска реалност.

Но, за ЕУ, за регионот како и за САД кои  настојуваат побрзо да се разреши косовскиот чвор ,  станува крајно неопходно, што е можно побрзо да се надминат сите прашања што се имаат испречено. Во интерес на стабилноста на целиот Западен Балкан, а во крајна смисла и за тие педесетина илјади косовски Срби кои живеат во северниот дел на Косово, северно од реката Ибар.

На последниот состанок на Комитетот, одржан во Париз, Бакојани од косовската страна има побарано три работи- една од нив  е создавањето  на Заедницата на српски општини (ЗСО). Засега е исполнето само враќањето на имотите на манастирот Дечани. При што од косовскиот државен врв, таа има добиено гаранции дека  ЗСО ќе се формира- веднаш штом Косово стане членка на Советот на Европа.

Корисно за српското малцинство

Од своја страна, Бакојани има оценето дека – во секој случај- членството на Косово во ова меѓународно  тело е добро, токму за српското малцинство, но  и за сите други на Косово, затоа што ќе имаат  меѓународни гаранции за својот статус, а  локалните Срби нема да зависат само од подршката на Република Србија.

За српската опозиција, како впрочем и за власта- меѓутоа- косовското прашање  е длабоко внатрешно, околу кое се води битката за тоа кој е поголем патриот и кој води грижа за српските интереси- во овој случај за Косово. Власта и претседателот, притоа,  ги обвинуваат опозиционерите  за наводно „предавство“ и за „додворување на странците“ инсистирајќи дека единствениот кој вистински се борел за Косово е-  актуелниот српски претседател.

Тој , пак, постојано зборува дека „никогаш нема да признае независност на Косово“, без разлика што тоа од него никој не го бара. Впрочем, затоа и се изнајде решението со француско-германскиот предлог кој од лани е предлог на ЕУ, зад кој стои и САД.

Нормализација, а не признавање

Со овој предлог нема признание на независноста на Косово, туку само нормализација на меѓусебните односи, од што би профитирале косовските Срби- сите проблеми кои сега ги има би биле опфатени со нормализацијата.

Тоа беше содржано во Бриселската спогодба и во Охридскиот договор, од пред една година, што ги имаат прифатено и Белград и Приштина, се додека српскиот претседател даде изјава  за тоа дека во Охрид – ништо нема потпишано, како и дека нема намера тоа да го направи се додека е претседател на државата.

На тоа- како едвај да чекаше- приближно истоветно, реагираше косовскиот премиер Албин Курти кој почна да влече еднострани и контрапродуктивни  потези, давајќи му повод на Белград да се спротивставува-за што заработи санкции од ЕУ.

Сето тоа, одеше во тој стил, се додека не се случи тешкиот инцидент кај манастирот Бањска.

Препораката е прифатена во Охрид

За Приштина и за  меѓународната заедница тоа беше  обид на Србија- во руски стил, како во украински Донбас-  со паравоени сили да се анектира косовскиот север.

По тоа, Белград кој до тој момент ја имаше меѓународна подршка , веднаш ја загуби , а сите обиди за заживување на започнатиот дијалог престанаа. Особено, што сега српската страна ја заостри реториката- карајќи се со меѓународните посредници, на начинот на кој Вучиќ и „држеше лекција“ на Бакојани.

Српската проевропска опозиција, од своја страна, иако прецизно не се изјаснува за  косовската ситуација- сепак- вината за позитивната препорака за Косово му ја припишува само на српскиот претседател. Прво, затоа што- велат-  дека Вучиќ „едно зборува за српската јавност, а друго во дијалогот со странците“, а потоа затоа што Косово го користи – за сопствениот рејтинг во јавноста.

Конечно , опозицијата во Белград  потсетува дека Србија ( во Брисел и во Охрид) има прифатено дека- „нема да прави пречки за влез на Косово во меѓународните организации“. Што ќе рече  дека она што го има препорачано поранешната грчка министерка за надворешни работи,  Дора Бакојани, српскиот претседател веќе го има прифатено во Охрид.

(Д.Б.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе