Унгарците го освојуваат Западен Балкан
Унгарските компании го имаат дуплирано своето присуство во албанската економија, но зад оваа експанзија не стои толку профитот , колку планот за да се изгради моќно политичко влијание во оваа земја и над се- на просторот на целиот Западен Балкан.
Ваков е заклучокот од опсежната анализа на бугарскиот новински-истражувачки центар Бирд за состојбите во регионот, во што било вклучено и истражувањето на угледниот австриски весник „Дер Стандард“.
И истражувачкиот центар од Софија и весникот од Виена, имаат детално работено на – најблаго речено- контроверзната продажба и препродажба на Телеком Албанија. Прво, на тројца бугарски инвеститори кои потоа им го препродале на Унгарците, или како што се вели- на Виктор Орбан.
Стратегијата на Виктор Орбан
Станува збор за унгарската компанија 4iG, a истражувачите тврдат дека во целиот овој деловно-политички бизнис никој не е случаен , посебно инвеститорите, што ја прави целата трансакција да се одвива според една фино уредена сомнителна шема.
Случајот со албанскиот телеком и неговото „префрлање“ во унгарски раце , се има случено непосредно пред настапувањето на 2024 година, во која Орбан и неговата Унгарија имаат големи амбиции и планови. Во јуни се изборите за Европскиот Парламент, на кои унгарскиот премиер настојува да домининираат партиите каква што е неговиот Фидес- десничарски и националистички- а од први јули Унгарија го презема претседавањето со ЕУ.
Будимпешта има амбиции кон Западен Балкан кои- во (начело)- делуваат чесни, затоа што јавно се залага сите од регионот- да влезат брзо во Унијата. Притоа, сепак, Орбан тврди дека Србија треба да е пред сите, затоа што, наводно, веќе била спремна за ЕУ. Мислење кое само тој го има во Унијата.
Купување на балканските деспоти
Изминатите години тој засилено се меша во БиХ, давајќи им силна подршка на српските националисти во енклавата Република Српска и претворајќи се во единствениот бранител на нивниот сепаратистички лидер Милорад Додик. Заедно со путинова Русија.
Конечно, на рака на ваквите унгарски амбиции оваа година, им оди и ротирачкото преземање на командата со ЕУФОР силите во БиХ. А, тоа се вклопува во концепцијата на Орбан да го прошири своето влијание и да се инсталира во Западен Балкан.
Земјите од тој дел на Европа ,според него треба да бидат дел од неговата замисла за создавање на некаква паралелна ЕУ, односно да ги искористи анти-либералните лидери од Западен Балкан кои, како деспоти, дејствуваат во регионот и кои се лесно поткупливи.
Како пример за ваквото унгарско делување, Бирд и „Стандард“ ги посочуваат случувањата врзани за инвестиционата зделка во Албанија.
Контроверзна зделка
Сомнежите и истрагата тргнуваат од март 2022 година кога унгарската компанија 4iG откупува над 80 отсто од акциите на албанската телекомуникациски компании ALB телеком и ONE телекомуникејшн.
Веќе во јануари минатата 2023 година, Унгарците ги спојуваат двете албански компании и сите свои акции, веднаш по тоа – со зголемување на капиталот- ги пренесуваат врз унгарската државна компанија Антена Хунгариа. На тој начин, државата Унгарија станува сопственик на албанските телекомуникации.
Истражувачите сега велат дека целата работа околу сите овие трансакции е прилично необично дури и за унгарски прилики, затоа што ниту една тамошна компанија нема добиена толку отворена и голема подршка од Орбан и од неговите, како што тоа го има добиено 4iG.
Но, така или не, останува сознанието дека за четири години Унгарците го имаат двојно зголемено своето учество во Албанија.
Политички инвестиции
Контроверзната унгарска банка ОТП , за која се тврди дека и натаму дејствува во реонот на Донбас што е окупиран и анектиран од путинова Русија, поради што Киев ја има ставено на „црна листа“. Орбан на тоа реагираше со долго блокирање на помошта на ЕУ за Украина, додека на крајот, сепак, попушти.
Но, таквата ОТП многу брзо има стекнато акции во албанските банки кои пред тоа беа под капите на француската Сосиете Женерал и грчката Алфа банка. Сето тоа предизвика- унгарските инвестиции во оваа западнобалканска држава- од 2018, или за неполни шест години, да се зголемат дури 37 пати.
Според белградски Форбс кој пак, се повикува на анализите на виенскиот весник „Стандард“, се цитираат австриски политички експерти кои велат дека Унгарија навлегува во регионот таму каде нема потреба од големи технолошки придонеси.
„Едноставно, целта е само политичка , носена од намерата на Орбан да биде некаков регионален лидер“- велат овие извори.
Затоа што овој ултра-десничар се гледа себе си како главниот играч во цела Средна Европа. Тоа таму ке оди потешко, па затоа му треба Западен Балкан како идеален сојузник, бидејќи во регионот има и деспоти и авторитарни режими и такви политички лидери на кои ништо не им значи владеењето на правото.
Мрежа на анти-либерални власти
Тоа е Србија, пред се – и пред, а и сега во екот на големата политичка криза по декемвриските неуспешни избори, потоа во БиХ и во Црна Гора, по соборувањето на 30 годишното владеење на Мило Ѓукановиќ, како и во Северна Македонија , каде соборената ( пред седум години) деспотска, антизападна власт на националистичките вмровци, настојува да врати на власт и да ја врати земјата на позициите кои му одговараат на Орбан.
Како и да е, австриските експерти веруваат дека унгарскиот деспот во Западен Балкан не сака толку профит, колку изградба и зацврснување на мрежата што сака да ја изгради во Унијата. Една, во основа, антиевропска мрежа на антилиберални и деспотски режими кои ќе се покриваат со популизмот и тврдиот национализам, повикувајќи се на некакво „славно минато“ поважно од влегувањето во демократска и либерална Европа.
Што се однесува, пак, до купувањето на двете албански компании- властите во Тирана не виделе никакви нерегуларности. А, тоа тргнало во 2019 година кога како купувачи на компаниите се јавуваат тројца бугарски инвеститори. За само 50 милиони евра купиле две телекомуникациони компании, од кои едната е втора по големина во Албанија, за да три години по тоа ги продале за над 120 милиони.
„Легално купени“ медиуми
Купувачите се една „чудна тројка“ – Елвин Гури, бугарски бизнисмен од албанско потекло, Атанас Добрев кој во тоа време бил извршен директор на бугарската конкурентска комуникациска компанија „Виваком“ и Александар Димитров , тогаш извршен директор на А1- Бугарија. Овој за таа зделка ја „овластил“ сопругата која пред тоа регистрирала фирма на Кипар.
Според официјалната истрага (и во Виена) се изгледа „чисто“, иако очгледно е дека не е така, Но, никој нема загубено , па сите изгледаат задоволни, а најмногу од сите е Виктор Орбан. Со оваа зделка тој уште повеќе го има забрзано освојувањето на Западен Балкан- низ комуникацискиот сектор- создавајќи терен за деспотско владеење- како неговото.
Математиката е проста- сите телеком компании имаат профити и имаат многу пари за пропаганда.
Тие доминираат во рекламите во медиумите, а тиа преку рекламите се „легално купени“ за да и служат на орбановата кауза и за неговата политика за уредување на „Црна Алијанса“ во Европа. Тоа посебно е видливо во македонскиот случај, каде вмровските медиуми, со парите на Орбан, дејствуваат против креирањето на европска Македонија.
(О.У.)