Полска заробена од режимот на Качински
Полскиот претседател Анджеј Дуда уште еднаш ги помилува двајцата пратеници ( од доскора владеачката партија Право и Праведност), повикувајќи се на правото што му го дава Уставот, но кршејќи притоа низа прописи , околу процедурата, бидејќи претходно тие двајца веќе биле од него помилувани.
Станува збор за правен преседан, што се случува уште од порано- кога пратениците прв пат биле помилувани ( велат во Варшава) под притисок од моќниот партиски лидер Јарослав Качински. Тогаш претседателот ја прекршил правната процедура, затоа што тој не може да помилува пред пресудите да станат правосилни.
Во случајот со двајцата пратеници , предметот не бил се уште затворен, затоа што траела жалбената постапка, па според правни експерти, Дуда немал право да ги помилува.
Бунт против новата влада
Тие двајца биле обвинети и осудени за злоупотреба на службената должност и на европските фондови, но за Право и Праведност, случајот бил затворен, па пратениците – законски се уште осуденици- се сместиле во кабинетот на шефот на државата. Новиот министер за правда, меѓутоа, издал налог за нивно апсење, не прифаќајки го помилувањето- означувајќи го како правно невалидно. Третирајќи ги како бегалци, тие двајцата беа уапсени од полицијата и одведени во затвор- директно од претседателската палата.
Дуда, во јавно обраќање повика на масовни протести и на „бунт против самоволието“ на новата влада, обвинувајќи ја дека ја гази демократијата во Полска. Протести имаше од активистите на десничарската и националистичка партија Право и Праведност (П-П), како и од нивните гласачи.
Министерот за правда одново порача дека процедурата ( уште еднаш) е погазена, но се остави домашните десничари, да се изживуваат со дисквалификација на новата полска влада и со заканите на претседателот дека ќе има и натаму блокади на (најавените) владини реформи, со ставање вето од страна на претседателот.
Двојно помилување
Домашни и европски аналитичари веруваат дека зад ваквата „борбеност“ на досега умерениот и молчелив Дуда стои Качински, лидер на П-П, но практично досегашен владетел на Полска, иако без формална политичка функција, освен едно време како маргинален владин потпретседател.
За него се вели дека од таа позиција тој се има претворено во семоќен лидер на државата, на која и ги има наметнато својот длабок конзервативизам, религиозност и евроскептицизам, особено, откако Полска почна да се дизајнира според неговиот модел, а против сите европски стандарди и политички правила на ЕУ.
Посебно во судството, правосудниот систем и во демократските права и слободи. Под негова команда Полска се претвораше во режимска и во заробена држава , во која се зависи од војата на еден човек и на тоа како Качински мисли и зборува.
Претседателот Дуда е човек на партијата П-П и е избран (на два пати) со гласовите на гласачите на партијата на Качински. Затоа, игрите со двојното помилување на пратеници од својата партија, не се само правен случај, туку пред се, политичка ситуација.
Победа на Туск и левата коалиција
Во една таква атмосфера, која траеше осум години, колку што П-П владееше со Полска, со силна владина контрола на медиумите, особено оние под државна капа, Полјаците есеноска излегоа на парламентарни избори. На анкетите во предност беше П-П , а контролираните медиуми создаваа атмосфера за нов мандат на десничарите, но на гласањето се покажа дека на луѓето им е доста од Качински и од неговиот конзервативизам.
Луѓето не сакаа и натаму тонење на нивната земја во изолација, во однос на другите во ЕУ, туку бараа враќање на Полска на европскиот курс, сега кога државата стана пета економија ( според бројот на жителите) во Унијата. Гласањето покажа П-П одново доби најмногу гласови, но овој пат недоволно самата да формира влада, а остане и без партнер за правење коалиција, па мораше да оди во опозиција.
Победи здружената лево-центристича широка коалиција на Доналд Туск, обезбедувајќи двотретинско мнозинство во Сејмот ( Парламентот) за да може безбедно да се спроведуваат реформите и враќањето на европскиот курс, а против сите десничарско- конзервативи закони што ги носеше партијата Право и праведност, одржувајќи го во живот режимот.
Неможност за кохабитација
Меѓутоа, веднаш стана јасно дека плановите на новиот премиер Туск , нема да одат лесно и покрај големото мнозинство во Парламентот. На тој пат стоеше претседателот, спроведувајќи ги командите на Качински за тоа дека – ништо од она што има направено претходната власт- не ќе смее да се менува, или реформира. Сите нивни закони кои ќе се соочат со менување- нема да поминат кај Дуда- ќе бидат блокирани со претседателското вето.
Тој и самиот тоа јавно го порача, при давањето мандат на Туск за да создаде влада, покажувајќи дека нема да може да има кохабитација во власта во земјата, но и дека претходниот десничарски режим настојува и како опозиција да ја има земјата под своја контрола- како заробена држава.
Станува збор за ситуација која е речиси идентична со онаа во Македонија, во кризата 2016/2017 година. Тогашниот претседател- сместен во рацете на криминалниот, десничарски вмровски премиер ( сега бегалец кај Виктор Орбан)- беше подготвен да прогласи вонредна состојба во земјата, само за да остане на власт режимот од кој земјата се уште не може да се извлече.
Битка за јавните медиуми
Партијата и нејзините луѓе кои профитираа од деспотијата и криминалот, поради распоредот на силите во македонскиот Парламент, ја држеа и се уште ја држат земјата заробена од овие антиевропски и антизападни сили.
На тој начин, Дуда дејствува и во Полска, уште на стартот на новата власт.
Не само со тоа што дозволи бегалци од правдата да се засолнат во претседателскиот кабинет, туку и продлабочувајќи ја кризата. Заедно со Качински, се попречува ослободување на јавните медиумски сервиси- Полската радио и телевизија и новинската агенција ПАП – да се поставуваат нови луѓе, за да медиумите се ослободат од досегашната режимска, партиска контрола и од конзервативизмот.
Кога владата најде „дупка“ во законот , па постави нови луѓе, дел од пратениците на П-П, предводени од самиот Јарослав Качински, ја „окупираа“ телевизијата, не дозволувајќи им на новите лица да работат, па тие почнаа да прават програма од друга локација.
Друштвото на моќниот деспот, сега без власт, ја обвинува владата на Туск дека „сакала да ги грабне јавните медиуми- за себе“. Од другата страна, пак , порачуваат дека на Качински не му се допаѓа тоа што државните медиуми повеќе – „ не се сопственост на П-П и на нејзината пропаганда, спроведувана со државни пари“.
(В.П.)