Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Софија : Забрането интервју на руската амбасадорка

Софија : Забрането интервју на руската амбасадорка

Официјална Софија и Москва  уште повеќе ги заладија своите и онака студени односи ( со актуелната власт) во Бугарија, откако програмскиот совет на Бугарското национално радио (БНР) забрани да се емитува веќе снименото и подготвени за емитување интервју со амбасадорката на Русија Елеонора Митрофанова.

Веста за тоа ја обелодени руската амбасада во Софија, со објава на социјалната мрежа  Телеграм.

Во соопштението на амбасадата се изразува гнев и чудење за постапката, инаку донесена во последен момент, на како што тврди руската страна- вонредна седница на советот на БНР. За амбасадата , станува збор за една „ политички некоректна постапка“ , а за руската државна агенција „Новости“ забраната на интервјуто предизвикува „збунетост и разочарување“.

Збунета и разочарана

Не се открива многу зашто е тоа направено, но треба да се претпостави дека амбасадорката , позната по својата нетрпеливост кон сегашната проевропска и прозападна влада во Софија, го користела интервјуто за нови лекции кон актуелната власт во Бугарија и посебно кон партијата Продолжуваме понатаму (ПП/ДП) на Кирил Петков, која сега е дел од трипартитната влада, во која е уште ГЕРБ на Бојко Борисов и ДСП (партија на Турците).

Софиски аналитичари проценуваат дека амбасадорката е во  судир со ПП и со Петков кој е предводник на промените во бугарската политика, кога станува збор за (конечно) ослобоување на Софија од „руската прегратка“ и од тоа оваа земја- членка на НАТО и на ЕУ- и натаму  да биде позната само како „најверниот советски/руски сојузник на Истокот од Европа“.

Кога Петков, инаку дипломец од Харвард во САД, стана премиер тој тргна кон разрешување на состојбите во  односите со своите соседи (меѓу кои и со Северна Македонија), како и за целосно отворање на земјата кон Западот.

Ослободување од „руската прегратка“

Сето тоа, требаше да ја замени  дотогашната 11 годишна политика на ГЕРБ и на Борисов за седење на „две столчиња“ ,  толерирајќи го руското мешање во бугарските политички и економски состојби.

За таквата политика, Москва секогаш можеше да се потпира на  силниот и ефикасен проруски политички блок, во кој се претседателот на државата Румен Радев , партијата БСП ( поранешни комунисти) и новокомпонираната партија Взраждане ( Препород).

Сите овие важат  и за предводници  на стариот бугарски национализам, што се одржува и после падот на комунизмот , затоа што и треба на Русија . Токму  Москва го потикнува тој национализам, изминатите над 60 години, секогаш кога им е потребен на руските имепријални интереси за создавање нестабилност на Балканот.

Кога Петков се одлучи да се расчисти теренот во Бугарија од распространетата руска  шпионска  мрежа, нареди протерување на дури 70 руски разузнавачи , сокриени зад дипломатските пасоши.

Против седење на „две столчиња“

Веднаш по тоа навести и прекинување на целосната зависност од руската нафта и гас и тајно, по инвазијата на Русија врз Украина и правеше и продаваше  старо, советско оружје и муниција  за  украинската војска , за нејзиниот воен арсенал од времето на СССР и на „братската дружба“ со Советскиот Сојуз/Русија.

Во тое време, посебно при протерувањето на „дипломатите“ , мошне активна беше амбасадорката Митрофанова, остро расправајќи се и заканувајќи и се владата. Не долго по тоа , рускиот блок , со помош на оние кои седеа на „две столчиња“ предизвикаа владина криза и ја соборија владата на Петков.

Политичката криза , со дури пет вонредни изборни процеси за две години, траеше до создавањето на сегашната влада- како што велат во Софија направена во интерсе на државата, а не како коалиција со заедничка платформа.

Случајот со забранетото интервју доаѓа во време кога двете земји се  кавга и за одлуката  на Софија да се демонтира споменикот на советската армија од Втората светска војна, во главниот град, изграден одамна, во времето кога „дружбата“ изгледаше дека ќе биде вечна и нераскинлива.

Компромиси со русофилите ?

Во Бугарија, сепак,  и натаму има силно русофилско расположение  што се  врзува и објаснува за историјата и за тоа што токму Русија ја има ослободено Бугарија по неколку вековното отоманско ропство.

Тоа го користат оние од прорускиот блок  кои сега настојуваат на секаов  начин  да го спречат  уривањето на споменикот.Затоа владата ќе настојува да ја истурка работата до крајот, правејќи компромиси и помали отстапки кон русофилскте партии.

Едната е веќе направена- владата се откажа од планот 3 март ( ослободувањето од османско ропство) да не биде повеќе главниот државен празник во Бугарија.  Парламетот ја направи втората- го повлече воведувањето дополнителни такси за трансфер на руски гас преку бугарската територија, што требаше да го поскапе рускиот гас.

Во Софија велат дека се покажа оти  добивката за бугарскиот буџет од таксата била премала за да се продолжи и натаму со неа. Србија  и Унгарија , инаку, беа најпогодени од тоа од оваа екстра такса..

(Д.С.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе