Мадуро јаде бифтек – Венецуела гладува
Една видео снимка на претседателот на Венецуела Николас Мадуро, направена во Турција, предизвика бурна и гневна реакција во оваа јужноамериканска земја, низ целата Латинска Америка, па и во турската демократска јавност.
Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се снимени во познатиот ресторан „Нуср-Ет„ во Истанбул, како обилно се хранат, јадејќи бифтек. Главниот готвач, Нусрет Гокче ја направил снимката, стоејќи зад венецуелскиот претседател, за да ја има за спомен и за да се пофали дека и „угледни гости„ од светот доаѓаат да ги пробаат неговите познати специјалитети, па веднаш ја ставил на Инстаграм.
Но токму уживањето на Мадуро и на „првата дама„ на Венецуела , го предизвикала револтот, затоа што во време кога земјата е на работ од колапс, поради неспособноста на нејзиниот претседател да раководи со економијата, тој со државни пари јаде бифтеци, додека две третини од Венецуелците буквално гладуваат. Над 64 отсто од населението , имаат загубено, просечно, по 11 килограми од својата телесна тежина, поради неисхранетост, предизвикана од недостигот на основните прехранбени производи, а посебно на свежото месо. Неисхранетоста кај децата е уште поголема и на рекордно ново на континентот, а над 2,3 милиони луге досега ја напуштија Венецуела, во потрага по подобар живот во некока од јужноамериканските држави.
Гневот на луѓето е уште поголем , затоа што на снимките се слуша како Мадуро гласно ужива во храната и во обилното јадење. Во еден момент, тој ќе ги нарече вечерата и приготвените специјалитети како „ настан што се памети за целиот живот„.
Главниот готвач Гокче, се обидел брзо да ја поправи ситуацијата околу венецуелскиот претседател во која и тој се нашол, па ги тргнал од Интеренет сите снимки што ги поставил, но било предоцна. Сликите за бифтекот на Мадуро во Истанбул, го заобиколија светот, откако се најдоа на социјалните мрежи, а населението во Венецуела и светот разбраа каков човек е тамошниот претседател, покрај тоа дека сака да владее доживотно , без ограничен мандат, со изгладнети луѓе.
Коментарите на социјалните мрежи се остри и полни со осуда, од тоа дека истанбулскиот ресторан угостил диктатор, а не претседател и дека е срамно со него да се прави реклама. Од американскиот континент има пораки дека еден „дебел диктатор„ обилно се храни, во исто време додека во земјата над 30 отсто од лугето јадат само еднаш во текот на денот, а најголемиот број од децата страдат од изгладнетост.
Венецуела е втората најбогата држава в светот, според резервите на сурова нафта, но откако е Мадуро на власт, нема пари за да набавува основни прехранбени производи, како месо и млеко, лекови и основни средства за здравствена заштита. Тој го наследи Хуго Чавез на функцијата и веднаш започна процес на „изградба на социјализам„ во кубански стил, практично, уништувајќи ја дотогаш развиената економија. Без контрола ги има трошено парите од извозот на нафтата, за низа популистички мерки, чија цел е да ја поткупи неговата гласачка армија, сите припадници од дното на тамошното општество. Мадуро, некогашен возач на автобус и синдикален лидер, сака со ваквата политика да си обезбедува редовно победи на изборите, задоволувајќи ги армиските сили и силите за безбедност за да го обезбедат од можен пуч, но најголеми жртви на изгладнетоста се одново се лугето од најсиромашните слоеви, за кои наводно, сака да изгради „праведно општество„.
(Д.В.)
Фото: Golden Brown/BigStock.com