Одново гранични тензии меѓу Индија и Кина
Само неколку денови по јавно декларираното единство на членките на групата БРИКС, на Самитот во Јоханесбург, две од нив- Индија и Кина – се најдоа во уште една, сериозна криза околу границата меѓу двете најнаселени земји во светот.
Кризата избувна откако Индија започна голема воена вежба долж спорната граничната линија со НР Кина, во реонот на Хималаите. Најавено е дека вежбата ќе трае 11 денови , а тоа значи и во текот на одржувањето на претстојниот Самит на групата Г-20 што се одржува во Њу Делхи. На него, (за прв пат) нема да присуствува кинескиот лидер, претседателот Си Џинпинг, што се врзува за индиската одлука – да вежба одбрана на својата граница од можен кинески напад.
Воена вежба во време на Г-20
Индиската страна вежбата ја означува само како „дел од редовната годишна проверка“ на обученоста на индиските војници во северните региони на државата, на границата со Кина, но и со Пакистан.
Висок индиски воен претставник, сепак, одбил да зборува за тоа- зошто морало вежбата да се одржува и да трае додека во главниот град на Индија се собираат лидерите на 20 најразвиени земји и на брзо растечки економии во развој. Односно, тогаш да се вежба – како индиската армија би спречила агресија од северот- од Кина.
Двете соседни земји се важни членки на БРИКС, не само поради својата големина, но нивните билатерални односи никогаш не биле ослободени од меусебната недоверба и од избувнување политички и безбедносни кризи.
Во јуни 2020 година, во истата област во Химелаите, дојде до индиско-кинески судир во кој имаше 20 убиени индиски и ( колку што се знае) барем петмина кинески војници.
Кина црта нова карта
Тоа беше најтежок инцидент во последните неколку децении, откако во 1960 година, избувна вистинска војна меѓу двете земји- за истата гранична линија во која победи Кина Таа војна од пред 63 години не траеше долго и заврши со мир, по мировните преговори меѓу двете страни, одржани во (тогаш) советскиот град Ташкент, но никогаш во тој реон не се воспостави вистински мир.
Кон крајот на минатиот месец, избувнаа тензии кои ги предизвика Пекинг, кога објави нова карта на која спорната територија, што Индија ја смета за своја, беше ставена како дел од кинеската државна територија.
Официјален Њу Делхи веднаш остро реагираше, со дипломатска нота, што нема оставено некаков впечаток врз кинеската страна, па Кина остана на тоа дека спорната територија е само нејзина. За Кина областа се означува како- Зангнан, додека за Индија тоа е Арунчал Прадеш.
Веднаш по тоа, на двете страни од граничната линија, имаат стационирано на десетици илјади нови воени сили кои, наводно, треба да го одржуваат мирот, но тие всушност, само ја имаат зголемено напнатоста во тој реон.
Индија на „две столчиња“
Она што е официјално е дека во реонот постои само линија на раздвојување меѓу двете страни, иако таа всушност, претставува граница меѓу Индија и НР Кина. Ниту Пекинг , а ниту Њу Делхи досега не се имаат потрудено линијата да биде јасно маркирана и прифатена како официјална граница.
И вака заглавени , на работ од воен судир и на постојани конфронтации, двете земји се дел од анти-западната алијанса во која, сепак, излегува дека се влезени со различни интереси, па затоа и различно гледаат на БРИКС.
На последниот Самит во Јужна Африка , индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот лидер Си Џинпинг се имаат сретнато на маргините на Самитот, за да ги разрешат билатералните тензии- Индиецот појавувајќи се уште и во својство на домаќин на Г-20 кој настојува да изгради нов имиџ на Индија.
Си го бојкотира Самитот
Меѓутоа, по се она што се случуваше во текот на август, средбата има доживеано фијаско.
Моди се нема откажано од воената вежба, а Си од новата кинеска карта, па тој затоа нема да дојде на Г-20. Наместо него кинеската страна на Самитот ќа ја претставува премиерот Ли Чијанг.
Официјален Пекинг е незадоволен и од индиското седење на „две столчиња“ , затоа што Индија е дел од БРИКС, но во исто време има многу добри односи со Западот (за разлика од Кина и од Русија која е целосно изолирана) и е партнер во сојузот КВАД во кој се и САД и Австралија.
Основна цел на овој сојуз е спротивставување на јакнењето на Кина во азискиот пацифички регион. Тоа значи дека Индија во кинеското разместување во тој дел од светот гледа закана за својата безбедност.
(С.Г.)