Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тајланд- Шинаватра бара милост од кралот

Тајланд- Шинаватра бара милост од кралот

Таксим Шинаватра (74), поранешен премиер на Тајланд и милијардер кој по враќањето во земјата беше ставен во затвор, побара од тајландскиот крал да биде помилуван.

Шинаватра кој и покрај сите контроверзи врзани за него и за негоата кариера како политичар и бизнисмен, останува најпознатиот премиер на оваа азиска земја, е затворен за да ја отслужи затворската казна од осум години, на која беше осуден за злоупотреба на службената должност, на овластувањата што ги имал како премиер и за судир на интереси.

Тој се врати во Тајланд минатата недела, откако 15 години беше во бегство, или како што самиот вели- во самонаметнат егзил и веднаш беше уапсен.

Враќање со политички мотиви ?

Барањето милост од  тајландскиот суверен го има поднесено неговото семејство. Според локалните медиуми барањето сега треба да го разгледа министерот за правда, а потоа и премиерот кој потоа барањето мора да му го предаде на кралот.

Тоа беше брзо и направено, на што кралот реагираше уште побрзо, но одлучи, сепак,  да нема помилување за  Шинаватра. Само  ја намали  казната- од осум на една година затвор.

Неочекуваното враќање во Бангкок на поранешниот премиер се совпаѓа со победата на парламентарните избори на неговиот политички сојузник Срет Тависин кој сега ја предводи партијата Пју Таи што ја има основано и ја предводеше Шинаватра. Партијата има собрано доволно гласови за да ја формира новата тајландска влада.

Веднаш по апсењето бившиот премиер бил префрлен во болница, откако наеднаш му се слошило, а лекарите утврдиле дека има сериозни проблеми со срцето и со белите дробови, па сугерираат  наместо во затворската келија тој  да биде сместен во затворската болница.

Бегство и престој во Дубаи

Шинаватра прв пат дојде на власт во 2001 година, извојувајќи уверлива победа со својата популистичка платформа , насочена да ги привлече гласовите на руралното население во земјата и на сиромашните слоеви кои дотогаш владеачките елити и нивните партии ги имаат занемарувано.

Пет години подоцна , тој извојува уште една уверлива изборна победа, но во 2006 година, додека престојуваше во Њујорк, беше соборен од власта, со пуч на тајландската војска.

Подоцна беше осуден за злоупотреба на власта, но во 2008 година Шинаватра побегна- во изгнанство , најмногу престојувајќи во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и во Дубаи.

Во Тајланд беше осуден за корупција и се најде на листата на прогонети, сепак во 2009 година тој  доби пасош и со државјанство на Црна Гора , која три години пред тоа, се отцепи од Србија и прогласи независност.

Во 2019 година, пак,  Република Србија одлучи да додели српски пасош на уште еден член на семејството Шинаватра – на сестрата на поранешниот премиер, Јинглук Шинаватра – која исто така, едно време, беше премиер на Тајланд.

Сестрата Јинглук – државјанин на Србија

Одлуката за доделување пасош ја има потпишано српската премиерка Ана Брнабиќ, но таа, а и официјален Белград не објаснија врз која основа е донесена една таква одлука. Тоа тогаш предизвика бурна реакција на делови од српската опозиција  , а медиумите изразуваа сомнение дека во случајот на Јинглук Шинаватра- има корупција.

Во Тајланд, таа беше избрана и стана премиерка во 2011 година. Три години подоцна, меѓутоа, и таа , како и нејзиниот брат, беше соборена  од власта, со воен удар. Беше осудена на пет години затвор за корупција. Успеа да побегне од Бангкок , за да пет години подоцна стане државјанин на Србија.

Белградските медиуми на тоа реагираа со тврдење дека такви луѓе, како братот и сестрата Шинаватра, на Балканот не добиваат, туку само купуваат пасош и тоа (обично) се поврзува со „перењето“ валкани пари и за тоа ја обвинуваа власта во Србија за нејзината  „врска со криминалното подземје“.

Црногорско-српска врска

Според медиумите, постои врска  меѓу српскиот претседател, Емиратите и семејството Шинаватра и тоа се објаснува со изјавата на Александар Вучиќ за неговото  големо пријателство со престолонаследникот на ОАЕ Мохамед бин Заед ал Нахиан, а тој е првиот што на Таксим Шинаватра му има дадено уточиште по бегството од Тајланд.

Подоцна, Шинаватра му го има продадено  фудбалски клуб Манчестер Сити што беше во негов посед,  на братот на Ал Нахиан, шеикот  Мансур бин Заед, кој во српската јавност е познат како финансиер на мега проектот “Белград на вода“.

Српските весници во тоа време пишувале дека и други луѓе блиски до шеикот Бин Заед имаат добивано државјанства на Србија , но и на Црна Гора. Шинаватра, пак, како црногорски државјанин, има купувано и продавано недвижен имот во оваа поранешна ЈУ република, меѓу кој се споменува и островот Свети Никола крај Будва.

Таксим Шинаватра во Црна Гора е сопственик на компанијата „Глобал ТС Монтенегро“ , за која сега се зборува дека има финансиски проблеми.

(С.Г.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе