Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Апсење на путиновиот блогер

Апсење на путиновиот блогер

Игор Стрелков, поранешен министер за одбрана на т.н. „Донецка Народна Република“, оперативец на руската тајна служба, силен руски националист  и најпосле  познат како „путиновиот блогер“, е уапсен среде бел ден и веднаш обвинет за екстремизам.

Веста за тоа прва ја  соопшти неговата сопруга која изјавила дека во нивната куќа упаднале припадниците на Истражниот одбор и го одвеле во непознат правец. Апсењето подоцна го потврдија руските државни агенции откривајќи дека уапсениот е задржан во притвор, каде ќе остане до втората половина од септември, кога Стрелков прв пат ќе се појави на суд.

Поранешен човек од доверба

Во првите реакции во руската и во европската јавност се вели дека овој некогашен разузнавач кој важаше за човек од голема доверба  кај Владимир Путин, во меѓувреме стана остар критичар на тоа како армијата на Русија ја води војната против украинските сили.

Тоа во Москва се смета како напад и врз претседателот на државата, па на Стрелков почна да се гледа како на непријател.

Се верува дека обвинувањето за екстремизам е измислено, само за да се има изговор за  апсењето. Вистинската причина е одмаздата на Путин за долгото  толерирање на критиките од страна на Стрелков  за „специјалната воена операција“ . За неа тој вели дека се соочува со бројни, сериозни ризици, па би можела да заврши со дебакл за Русија.

За ваквите јавни критики на војната многумина би биле уапсени и осудени. Но, Стрелков минуваше без казна , па се веруваше дека нему му е дозволено да прави „критички анализи“ затоа што е путинов пријател.

Дури се мислеше дека поради „минатиот труд“ во Донбас и на  Крим, моќникот од Кремљ ништо не му може, што се покажа  како погрешно.

„Русија никогаш нема да победи“

Во секој случај, Стрелков кој  е познат и под името  Игор Гиркин- никогаш не бил против инвазијата врз Украина, ниту бил против тоа да се нападне соседната држава, за да се освои и окупира.

Тој само ги има критикувано и дисквалификувано луѓето од воениот врв, генералите кои војуваат против украинските сили, тврдејќи дека се неспособни и дека – така како што се водат воените операции- Русија никогаш нема да победи.

Стрелков, на пример, има речено дека- „Русија не знае да победи, па дека затоа ризикува да потоне во украинскиот кал„. Но   дека вистинска воена опарација, руската војска нема изведено  после првите пет денови од  војната. Според него, од  шестиот ден на  инвазијата, па натаму,  станало јасно дека работите не одат според планот.

Како  воен аналитичар тој  дури тврди  дека Москва нема направено проценка за тоа дали Русија е супериорна  во врска со вооружувањето, а дека  не била направена  ниту детална анализа – дали може да се победи Украина. Уште повеќе што  , според Стрелков, Украина сега има  модернизирана и опремена армија, а тоа не може да се рече и за руските оружени сили.

Во Чеченија и доброволец во БиХ

После ваквите критики се верува дека во Кремљ било оценето – тој, (како и Пригожин и другите неистомисленици со Путин) треба да бидат замолчени.

Западни аналитичари, пак,  проценуваат дека  Путин 18 месеци  го толерираше ваквото негово пишување  само затоа што – човекот премногу знае- за сите случувања во и околу Украина, во  изминатите десет години.

Оперативец  на ФСБ е се до 2013 година и во тој период бил учесник во Втората војна во Чеченија, обвинуван за киднапирање и за убивање цивили- Чеченци. Самиот се има пофалено дека  бил и во војната во БиХ , како еден од неколкуте стотици руски доброволци  кои војуваа на страната на босанските Срби.

За  самото ФСБ, пак,   кое е наследник на советското КГБ  , се вели дека ја има наследено не само позицијата, туку  и улогата да биде еден од носечките столбови на режимот во Русија. Столб за кој се знае дека е  посилен и од војската.

Затоа и не чуди што власта во Кремљ, после Борис Елцин , а со доаѓањето  на Путин, е исполнета со поранешни кгбеовци, кои ги предводи самиот руски претседател , како и со високи оперативци на ФСБ.

Уфрлен на украинска територија

За Стрелков (52) се тврди дека  не е еден од тие, но сепак  важи за прославен оперативец, затоа што ги има извршено сите анти-украински задачи што ги има добиено од своите шефови и од Кремљ.

Во екот на „шарената револуција“ на плоштадот Мајдан во Киев, покрената за ослободување  на земјата од руската доминација, тој бил испратен со педесетина оперативци во Украина за покренување хибридна војна.

Таму има формирано своја, паравоена единица , за која се тврди  дека е финансирана од рускиот олигарх Константин Малофеев.

Практично, со неа ја покренува  војната на Истокот од Украина, во април 2014 година,  испровоцирајќи оружен бунт со  локалните проруски сепаратисти од Луганск и Донецк кои набрзо  прогласија отцепување од Украина.

Пред да се префрли во Донбас, меѓутоа, Стрелков дејствува на Крим, од февруари истата година, за да ги обучува локалните „ сили за самоодбрана“. Всушност, сили создадени  за да и се спротивстават  на новата власт во Киев, која се определи за свртување на земјата кон Западот.

Окупација на Крим и Донбас

Кај локалните Руси и меѓу русофилското население на полуостровот се претставува како „пратеник на Кремљ“, што ќе рече- човек на Путин. Во тоа својство учествува во организирањето на наместениот референдум  за отцепување на Крим и за негово приклучување кон Русија.

Во секој случај, овој оперативец на руската тајна служба од почетокот е на челото на операцијата на Москва за спроведување на руските империјални амбиции, преку креирањето некаков „руски свет“ во кој е предвидено да биде и Украина. Но, казнувајќи ја притоа земјата со нејзиното распарталување,  поради одлуката ,  лојалноста кон Русија да ја замени за евро-атланските амбиции.

Од тоа, сепак,  ништо немаше да има доколку Владимир Путин не ги испрати руските војници, без ознаки на униформите, од базата во Севастопол , да го запоседнат и да го окупираат Крим.

Киев и Западот,затоа,  од порано го обвинуваат Стрелков дека во 2014 година има извршено воени злосторства на територијата на Украина, како командант на бунтовничките, сепаратистички сили.

Барање оставка од Путин

И тој  и Москва ги демантираат овие обвинувања, но еден холандски суд го има осудено – во отсуство- за соборувањето на малезискиот патнички авион над Источна Украина во летото 2014 година. Сите 298 патници и членови на екипажот загинаа откако леталото беше погодено од земјата со руската ракета „Бук“.

Како и да е – злосторствата во Чеченија и Украина, соборувањето на патнички авион и учеството во окупацијата и распарчувањето на украинската територија, за Кремљ не се екстремизам, ниту му се земаат за зло, колку што е тоа  неговото  однесување  ( во текстовите) во последните месеци.

Стрелков прво најави дека ќе влезе во политиката, создавајќи своја партија. Потоа, формира некаков „Клуб на гневни патриоти“ со отворена порака дека гневот е поради лошото водење на војната , а на крајот директно го нападна и Путин.

Во мај годинава тој го повика рускиот претседател да си оди од функцијата и да ја предаде власта некому кој  е „вистински способен и одговорен“. Владимир Путин вакво нешто никому не простува. Дури и на оние кои толку многу имаат направено за путиновите империјални амбиции.

(О.У.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе