Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Исчезнат рускиот генерал „Армагедон“ ?

Исчезнат рускиот генерал „Армагедон“ ?

Рускиот генерал Сергеј Суровкин, познат во руските медиуми како генералот „Армагедон“, не е виден во јавноста, ниту се има огласено, од саботата-од избувнувањето на оружениот бунт на паравоената,  платеничката војска Вагнер. Тој е заменик командант на руската војска ангажирана во војната во Украина, но за него се смета дека знаел за бунтот на вагнеровци и на нивниот водач Евгениј Пригожин.

Според руски, провоени медиуми чие пишување го пренесуваат западните гласила, Суровкин се знаел со Пригожин уште од Сирија,   со него потоа одржувал блиски врски и  (наводно) имале истоветни ставови за текот на руските  воени операции во Источна Украина.

Последен пат, за генералот се има слушнато во екот на воената криза и походот на вагнеровци кон Москва, кога се има огласено со апел за запирање на бунтот.

„Одведен на сослушување “

На почетокот од оваа година Суровкин беше неочекувано сменет од позицијата главен командат на воените операции на армијата во Украина, откако на тоа место не се задржа долго време, а неговата позиција Владимир Путин му ја додели  на Валери Герасимов, инаку командант на главниот штаб.

Против него, како и против министерот за одбрана Сергеј Шојгу, неколку месеци Пригожин водеше јавна кампања, дисквалификувајќи ги обајцата за неспособност.

Руските медиуми кои пишуваат за „исчезнувањето“ на генералот „Армагедон“ велат дека тој е одведен на сослушување и задржан, во рамките на покренатата истрага за бунтот на вагнеровци кои во Русија сега се квалификува како „обид за воен удар“. Се верува дека се наоѓа во злогласниот руски затвор во тврдината Лефортово.

На Западот , пак, каде Суровкин се поврзува со злосторствата на руската војска во Сирија, каде генералот беше главен командант, во интервенцијата во која помагаа и платениците на Вагнер, се оценува дека тој сигурно знаел за намерата на Пригожин да покрене бунт против рускиот воен врв.

Затоа аналитичари сметаат дека  неговата  судбина, односно се она што ќе може да му се случува,  ќе биде значајно за следење на натамошните случувања во Русија и за разврската на кризата.

Суровкин знаел за бунтот

За генералот Армагедон и за неговите врски со водачот на Вагнер, но и за сознанијата за плановите на Пригожин,   пишуваше американскиот весник „Њујорк Тајмс“ .

Весникот кој се повикува на неидентификувани американски функционери, блиски до сознанијата на тајните служби,  тврди дека освен Суровкин – „можно е и некои други генерали и личности“ да го подржувале Пригожин.

Се верува дека сега е важно да се утврди- не само тоа дали Суровкин знаел за плановите за бунтот, туку дали притоа и помагал во подготовките на вагнеровци за акцијата во изминатиот викенд.

Од вторникот Пригожин се наоѓа ( во егзил) во Минск. Така барем тврди белорускиот  претседател Александар Лукашенко, потврдувајќи дека тоа е дел од спогодбата со Кремљ за прекинување на краткотрајниот бунт, заедно со давањето амнестија на вагнеровите борци.

Путин ја фали војската

Во исто време, од Москва се засилува реториката  против виновниците- во настојувањето што е можно побрзо да се испере ликот на Путин ,  што остана  целосно извалкан со „обидот за пуч“ на вагнеровци.

Сега рускиот претседател се заканува дека „ќе го збрише Вагнер“, дека истрагата за случувањата продолжува и дека сите кои биле замешани во бунтот ќе одговараат . Во исто време  величајќи ја руската војска која- како што има речено- спречила граѓанска војна.

Отприлика онака, како што во неделата ги фалеше вагнеровци за запирање на походот кон Москва и за враќање на мирот и стабилноста во земјата. После неколку денови се открива уништувањето на неколку хеликоптери, на еден авион и загинувањето на неколку руски војници.

„Њујорк Тајмс“ , затоа, не верува дека работите се смирени и дека сите ситуации се расчистни, како што никој не верува дека кризата е завршена.

Сменет после сто денови

Во земја каква што е Русија и каде ( сега тоа е очигледно ) постоеле внатрешни пресметки, меѓу другото и за позиционирањето за времето после Путин, весникот верува  дека и некои други генерали, освен Суровкин, го подржувале Пригожин во започнатиот бунт.

„Њујорк Тајмс“  потсетува дека Суровкин во октомври минатата година беше поставен на челото на командувањето со руската војска на украинска територија, но веќе во јануари беше сменет од  генералот Герасимов, на барање на министерот Шојгу , но со одобрување од Путин.

Од тогаш почна и пресметката на Пригожин со воениот врв, пред се , со Шојгу и Герасимов, обвинувајќи ги дека се бирократизирани и дека се остатоци од времето на комунизмот.

Притоа, не напаѓајќи го и заменикот на Герасимов, генералот Сергеј “Армагдеон“ Суровкин кој  три месеци пред тоа, беше донесен на командната позиција за да  направи пресврт на источниот фронт во војната против Украинците.

Гнев и незадоволство

Наместо тоа, главниот товар на жестоките рововски битки во реонот на Бахмут му остана обврска на Вагнер кој таму има изгубено многу свои борци-платеници.

Се смета дека тоа го има предизвикано револтот на Пригожин против воениот врв на Русија , кого го обвинуваше дека ги има оставени без муниција, а во еден момент и за намерното бомбардирање на вагнеровите позиции.

Има, според тоа, многу гнев и незадоволство и кај други генерали од однесувањето на врховната команда, од Шојгу и неговиот човек Герасимов, а има и многу незадоволени лични амбиции.

Не само кога станува збор за  амбициите на Пригожин. Генералот Суровкин, на пример, овенчан како победникот од Сирија , иако и оцрнет со злосторствата на неговите војници, доживеа да биде понижен , со сменувањето после само стотина денови поминати на командната позиција.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе