Пригожин во егзил – Вагнеровци помилувани
Драматичната сабота од 24 јуни, која ја потресе Русија, поради заканата од вооружен конфликт меѓу паравоените единици на Вагнер и руската регуларна војска, што би можело да прерасне и во граѓанска војна, заврши со некаков компромис за кој сите детали, засега, остануваат непознати, освен тоа дека е постигната согласност да се избегне меѓуруско крвопролевање.
Потврда за тоа дојде и од Кремљ, од портпаролот Дмитри Песков кој има изјавено дека ќе биде запрена кривичната постапка против водачот на Вагнер Евгениј Пригожин, а тој ќе замине од Русија , практично, во егзил , во соседна Белорусија.
Без кривична одговорност
Сите борци на паравоената војска кои, инаку, и натаму му се потребни на Владимир Путин, за тајните воени операции на Русија во Африка, ќе можат да потпиѓат договор со министерството за одбрана, за приклучување кон руската армија.
Вагнеровците кои учествуваа во саботниот бунт, во заземањето на Ростов на Дон и во нпредувањето кон Москва- нема да бидат кривично прогонувани.
Песков, меѓутоа, одбил да одговори за тоа дали Путин и понатаму има доверба во актуелниот состав во одбранбениот сектор- во министерството за одбрана и посебно на министерот Сергеј Шојгу и на генералот Герасимов, началник на генерал-штабот на армијата.
Ваквата разврска дојде во моментите кога вагнеровци веќе се наоѓале на 200 км од Москва, во своето напредување кон рускиот главен град.
Вагнер на 200 км до Москва
Претходно , Пригожин ја обвини армијата, а пред се, воениот врв,дека свесно го уништуваат Вагнер, оставајќи ги на фронтот без муниција, како и тоа дека во една прилика, руската војска ги бомбардирала позициите на вагнеровци во Источна Украина, со цел да се уништи оваа воена формација.
Тајната служба ФСБ, во меѓувреме, покрена против Пригожин постапка – за повикување на вооружен бунт, откако рускиот претседател во своето обраќање во саботата наутро, ги обвини Вагнер и нивниот водач за обид да се предизвка воен удар во земјата.
Сето тоа се случуваше во време кога вагнеровци, без да испукаат еден куршум и без користењето на тенковите, навлегоа и ги запоседнаа Ростов и воената база во Вороњеж, а потоа силно и брзо напредуваа кон Москва.
Не среќавајќи никаков вооружен отпор, од копно и од воздух, одбегнувајќи ги главните магистрални патишта. Единствено се соочуваа со набрзина поставени блокади на патиштата и со намерно уништените делници, за да се запре нивното напредување.
Средба со воени лидери
Напредувањето било запрено кога Пригожин објавил дека им наредил на своите трупи да застанат и да почнат да се враќаат, за да – како што рекол- се спречи крвопролевање, откако бил постигнат договор за компромис. Како посредник во правањето мирна разрешница, се споменува белорускиот претседател Александар Лукашенко.
За него се вели дека го убедил водачот на Вагнер да се откаже од напредувањето кон Москва.
Веднаш потоа, руските медиуми имаат објавено дека вагнеривите трупи почнале да се повлекуваат и од Ростов, не споменувајќи дека Пригожин имал и тајна средба со руски воени лидери.
Според западни извори кои за тоа нудат и снимки, водачот на Вагнер, во воената команда во Ростов, разговарал со заменик министерот за одбрана на Русија Јунус-Бем Евкуров, како и со заменик шефот на руската воена разузнавачка агенција.
Жртвување на Шојгу и Герасимов?
Меѓународната јавност, посебно европскаат со големо внимание го следше 24 часовниот хаос во Русија, додека таа води освојувачка војна во Украина. Впечаток на некои аналитичари е дека работите се уште не се до крај завршени. Но, за нив е најчудно, што настани во стилот на африканските и на оние во Судан, последниве месеци, се случуваат и во Русија, каде еден Пригожин може да тргне против претседателот на државата, со својата платеничка војска.
Има и политички посматрачи кои сметаат дека сето ова по малку делува како наместена претстава за потребите на претседателот и дека Путин знаел за она што ќе го направи водачот на Вагнер, па Пригожин сега оди во доброволен егзил во земја каква е Белорусија , најлојалниот руски сојузник.
Сите, меѓутоа, се согласуваат дека кризата со и околу Вагнер – кој и да стои зад неа и без разлика какви се целите- покажува каква земја е Русија. Мнозинството аналитичари притоа и не верува дека Пригожин е толку наивен за да тргне со бунтовниците против војската и против Путин, кон Москва, без да има подржувачи.
Најчесто се проценува дека сега ќе уследи чистка и дека рускиот претседател (најверојатно) ќе ги жртвува министерот Шојгу и генералот Герасимов, за да го спречи својот пад и за да се одбегнат внатрешни судири во земјата.
Панично реагирање во Москва
Особено, што Путин знае дека онака како што Вагнер навлезе во Ростов на Дон, мирно и се повлече од градот, уште испратен со аплаузи на неговото население кои излегле на улиците за да ги поздрават вагнеровци, грлејќи ги и делејќи им цвеќе- како да се ослободители.
Факт е дека Пригожин има премалку луѓе за освојување на Москва, но претпоставка е дека на својот марш кон главниот град, сметал на воената подршка на делови од армијата, а тоа веќе зборува за нешто многу поголемо од „вагнеровиот бунт за правдина“.
Во секој случај, кризата од саботата ги соголи состојбите во земјата, откривајќи дека таа е на работ од колапс и дека во Русија има многу нездрави состојби.
Тоа најдобро се гледа во паничното реагирање во Москва- од бегството на Путин во северните делови од државата, до брзото воведување вонредна состојба. Од уништувањето на патиштата за да се блокира напредувањето на трупите на Вагнер, до брзото градење ровови и прогласувањето на понеделник за неработен (безбедносен) ден.
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги повика жителите на главниот град да останат дома и да се придржуваат на безбедносните мерки.