Почина Тина Тарнер- „Кралицата на рокот“
Во својот дом во близината на Цирих, каде живееше со својот втор сопруг, почина Тина Тарнер- „Кралицата рок музиката“.
Почина после долго боледување, соочувајќе се со неколку тешки заболувања – прво од откажувањето на бубрезите, потоа има преживеано мозочен удар, а се лекуваше и од рак. Имаше 83 години.
Родена е на 26 ноември 1939 година, како Ана Меј Булок , во Натбуш во американската сојузна држава Тенеси.
Кариерата ја има започнато како пејачка, во ноќни клубови во Сент Луис, уште во втората половина на педесетите години од 20 век. Во шеесетите години веќе стана позната во САД, откако и се приклучи на групата на Ајк Тарнер кој подоцна и стана сопруг. Од тогаш го користи своето уметничко име Тина.
Меѓутоа, вистинска светска слава постигна по напуштањето на групата и разводот со Ајк, како соло пејачка , кога редејќи едно, по друго бројни хитови кои и денеска се популарни и слушани, прерасна во глобална мега рок ѕвезда.
Мачен приватен живот
Како пресвртен момент, некои музички критичари го сметаат приклучувањето на групата „Ајк и Тина Тарнер“ на прославената турнеја на „Ролинг Стоунс“ во средината на шеесетите години низ Америка, како придружна група.
Веднаш стекнаа слава низ САД, а посебен успех има постигнато пејачката на групата -Тина Тарнер која за себе од тогаш привлече силни почитувачи од светот на рокот, како Дејвид Боуви, Шер , Мик Џегер и прославениот Елвис Пристли.
Во приватниот живот имаше помалку успех, особено до мачниот брачен живот со Ајк Тарнер со кого се разведе во 1976 година. Тогаш американската јавност за прв пат разбра дека Тина животот го има поминато во вистинска хаотична атмосфера и соочувајќи се со брачно насилство.
Кога неколку години подоцна се појави нејзината автобиографска книга, таа откри дека бракот и минал во физичко насилство од страна на Ајк, во навреди и понижувања и во неговото постојано неверство. Таа има признаено дека едвај се има извлечено од таквиот брак- добивајќи од дотогашната кариера само два автомобили и правото да го користи уметничкото има-Тина.
„Едноставно- најдобра“
Без Ајк, таа изгради голема кариера, продавајќи над 100 милиони плочи и дискови, освојувајќи дури осум награди „Греми“ и доживувајќи – како кралица на рокот- да има своја ѕвезда на Булеварот на самракот во Холивуд. Во меѓувреме починаа две од нејзините деца- еднот син се самоуби, додека другиот почина од предозираност со дрога.
Подоцна се омажи за еден швајцарски лекар и се пресели од САД во Швајцарија, каде стекна и државјанство. Сопругот кој беше 15 години помлад од неа, има дадено еден свој бубрег за да ја спаси Тина откако двата бубрега престанале да функционираат.
Болестите ја натераа целосно да се повлече од сцената и музиката, после 60 години долгата кариера. Во 2021 година целосно се повлече и од јавноста.
Бројни музчkи ѕвезди и луѓе од светот на музиката, изразуваат жалење за смрта на Тина Тарнер. Со специјална изјава со сочувство се огласи и Белата куќа во Вашингтон, Сите притоа се согласуваат дека таа беше и остана, како нејзиниот голем хит- „Simply the Best”.