Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Меланија Трамп понижена и гневна

Меланија Трамп понижена и гневна

Поранешната „прва дама“ на САД , Меланија Трамп забележливо молчи и не се огласува со реакција, или со било каков коментар во врска со скандалот на сопругот и екс претседател Доналд Трамп- овој пат за обвинувањето дека платил 130 илјади долари на поранешна  порно-ѕвезда.

Парите требало да ја сокријат  неговата прељуба, но и да ја замолчат Сторми Даниелс. Да не открива дека поминала една ноќ со милијардерот- новокомпониран политичар, со амбиции да влезе во Белата куќа, во еден хотел на брегот на езерото Тахо, во сојузната држава Невада.

Примерот на Хилари Клинтон

Молчењето на Меланија е сосема различно од однесувањето на Хилари Клинтон кога републиканците и ним блиските медиуми, а потоа сите другите, ја отворија „аферата Луински“- за тајната врска на тогашниот претседател Бил Клинтон со една од младите соработнички во Белата куќа. Хилари, која тогаш беше „прва дама“ на Америка го бранеше својот сопруг, дури и тогаш кога беше јасно дека сопругот -прељубник е фатен во лага.

Хилари храбро влезе во конфликт со делови од раководството на републиканците, обвинувајќи ги дека имаат покренато „ партиски десничарски пуч“ против еден актуелен американски претседател,  издржувајќи ги притоа сите детали- точни, или измислени- за тоа што се случувало меѓу претседателот и Моника Луински.

За разлика од Хилари тогаш, Меланија сега, ниту со еден гест го нема јавно брането својот неверен сопруг кој се уште сонува дека ќе се врати на претседателската функција- за да продолжи да владее со Америка, така како што владееше- мислејќи дека и САД може да се третираат и управуваат како неговата компанија и  разните бизниси.

Велигденски појадок

Кога станува збор за односите меѓу брачната двојка Меланија-Доналд, блиски до семејствито тврдат дека тие  се значително пореметени и студени, уште од 2016 година.

Тогаш таа за прв пат има разбрано ( од медиумите) за неверството на сопругот, гневна и осрамотена што во 2006 година, додека таа сама , водела грижа  за нивното новороденче ( синот Бартон имал само четири месеци), таткото во Невада – играл голф и спиел со Сторми Даниелс.

Медиумите, сепак, неодамна објавија дека Меланија се појавила заедно со Трамп, за Велигден, на празничниот појадок , во едно пошироко друштво, во вилата во Мар-а-Лаго во Флорида.

Тоа е прв пат, сопружниците да бидат видени заедно , откако Доналд Трамп  беше и формално  обвинет за давање поткуп за да ја  замолчи порно-ѕвездата и изведен на сослушување пред судот во Њујорк. Особено што весниците во САД го искористија поводот, одново да ги повторуваат изјавите на Даниелс за ноќта што таа ја има поминато со сопругот на Меланија.

Односи на најниско ниво

Познавачи на ситуацијата, меѓутоа, објаснуваат дека заедничкото појавување за време на велигденските празници ништо не значи, затоа што станува збор за настан кој таа и да сака не би можела да го одбегне, како законска сопруга на домаќинот на собирањето. Уште се тврди и дека веќе подолго време таа се појавува со Трамп само доколку има поголемо друштво, но никогаш тоа  не го прави  како брачна двојка, што би било нормално.

Инсајдер кого весниците не го именуваат има речено дека односите меѓу Меланија и Доналд Трамп се на најниско ниво, откако тие се заедно, а тоа се 25 години.

Како тоа изгледа го покажува и самиот Трамп. Тој  на едно неодамнешно свое јавно обраќање, по повод сите овие настани и неколкуте обвинувања против него, им се заблагодарувал за подршката и разбирањето- на своите деца и на семејството-  но ја нема споменато и својата сопруга.

Меланија,пак, забележливо молчи, а луѓето од нејзиниот најтесен круг велат дека таа нема намера да го брани сопругот од ситуацијата во која самиот се има доведено- не само со аферата со порно-ѕвездата, туку и за обвинувањата дека давал мито за да не зборува за аферата, или за махинациите да плати помалку данок.

Во друштво со синот Бартон

Посебно за најновата ситуација- да го тужи својот адвокат (истиот оној што ја исплаќал Сторми Даниелс). Човекот за лажно сведочење ( за да го заштити  Трамп) издржа и затворска казна и ја загуби адвокатската лиценца, а сега Трамп му бара отштета од 500 милиони долари- затоа што не го заштитил неговиот углед.

Истите инсајдерски извори велат дека „Меланија ги знае сите детали за аферата со порно ѕвездата , па затое е толку налутена и се чувствува осрамотена пред јавноста“. Се тврди дека таа и сопругот , иако се во Флорида во истата вила, тие се (практично) разделени, дури и дека не делат заедно ни постела.

Другата страна , ја прикажува Словенката Меланија, поранешен фото модел и манекенка, родена во малечкото место Севница,  како студена и како жена која нема создадено поширок круг пријатели и друштво. И додека беше „прва дама“ на САД, но и сега, откако не е во Вашингтон.

Се тврди дека живее сама , само со синот Бартон, за кого единствено се грижи, а често со неа биле родителите и сестрата за кои се тврди дека се единствениот нејзин свет.

Испровоцирано соопштение

Бројните написи за однесувањето на госпоѓата Трамп, на крајот, испровоцира една изјава која само  зборува дека  бракот на екс претседателот на Америка е во длабока криза. Станува збор за соопштение на кабинетот на Меланија ( не за нејзина изјава) во кое се демантира пишувањето  дека сопругата не стои зад  својот сопруг.

Проблемот е што веднаш  се појави  сомневање дека соопштението, всушност, потекнува  од кабинетот на Доналд Трамп , затоа што настојува на секаков начин да им се додвори на Американците, во ова време на пред номинација за изборите во ноември 2024 година- за да му помогнат да се врати во Белата куќа.

Во такви услови , најмалку што сега му треба се текстови  во медиумите за криза во неговиот брак. Но, соопштението за Меланија, го има објавено таблоидот „Њујорк Пост“- весник во сопственост на остарениот медиумски магнат Руперт Мардок, кој е силен подржувач на Доналд Транп. А, тоа само потврдува дека госпоѓата Трамп и понатаму се нема огласено и молчи, останувајќи  настрана од својот сопруг, заплеткан во бројните афери.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе